Ексклузивно го откриваме првиот SWATCH на КИРИЛИЦА! Од 16 декември во продажба!

- Advertisement -
SWATCH е модерен феномен кој трае веќе цели 39 години, а Игор Божиновски е човекот кој не само што го донесе SWATCH во Македонија пред повеќе децении, туку успеа да го убеди големиот швајцарски бренд кој по популарност е на врвот глобално кога ќе се спомене нешто од Швајцарија, да ја направи првата лимитирана колекционерка линија на SWATCH часовници – SWATCH на КИРИЛИЦА, исклучок кој е реткост за еден ваков голем бренд.
• Како се случи овој проект, кој деновиве ќе биде официјално откриен пред јавноста?
• Кој е тимот кој стои позади овој необичен проект?
• Кои се асоцијациите кои се вртеа во креативниот процес во кој се создаде првиот часовник кој целосно асоцира на Македонија?
Во интервјуто со Игор Божиновски, основач на Божиновски часовници и накит.
новинарка | Љубица Ангелкова
фотографка | Кети Талевска Бакревска

Како Македонија доби шанса да биде избрана за земја во која ќе се направи лимитирана колекционерската линија на SWATCH часовници?

Swatch отсегогаш бил уметничко платно и провокација за најпознатите светски уметници како: Kiki Picasso, Keith Haring, Alfred Hofkunst, Vivienne Westwood, Manish Arora, Stephen Dean, Jeremy Scot и други кои својот уметнички израз можеле да го пресликаат врз контурите на малиот пластичен швајцарски часовник.

- Advertisement -

https://www.highsnobiety.com/p/swatch-collaboration-history/

Не ограничувајќи се во уметничкиот израз, активно соработува и со музичари кои компонирале секвенци за првиот часовник со аларм-  Swatch musicall серијата како: Phill Colins, Peter Gabriel, Jean-Michel Jarre … И тоа се само дел од огромната армија на уметници, творци и дизајнери кои соработувале со Swatch.

- Advertisement -

Мојата соработка со Swatch започнува уште во 1998 и со тоа денес имам најголем стаж на соработка помеѓу сите соработници на Swatch во Европа а и во поголемиот дел од светот.

Успехот да се отвори и реализира проект на локално ниво ( локална иницијација и егзекуција на интернационален проект) е од непроценлива вредност за нас но треба да биде и за Македонија бидејќи ова е всушност втор ваков проект од постоењето на овој бренд. Овој момент за мене и нашата компанија претставува ефектуирање на целата повеќе-децениска соработка каде бизнис релацијата веќе одамна е трансформирана во пријателство, почитување и целосна доверба.

- Advertisement -

Идејата произлезе уште на крајот од минатата година спојувајќи ги преку еден креативен процес на нашиот тим; новите технолошки можности на Swatch и претстојната и јубилејна 2021-ва год. во која славиме 30 години од независноста на Македонија.

Целата идеја беше потребно да се спакува во еден издржан и заокружен концепт поддржана со несоборливи аргументи за да може да се разгледува на состанок на највисоко ниво во седиштето на Swatch во Биен. Таквите евалуации не се воопшто лесни бидејќи поминуваат низ огромен број на филтри но и субјективни влијанија. Сепак , долгогодишната соработка, довербата и лојалноста имаа огромна улога во носењето на финалното ДА за овој проект. Потоа настапија долги процеси од технички и правни аспекти каде потрошивме можеби и половина година, па процесот на избор на македонски дизајнер, повторно правно – легални усогласувања околу авторски права,  па изработка на пробни примероци….. Се на се огромна работа за да на самиот крај од годината, буквално во фото финиш успееме да излеземе со јубилејниот часовник кој го нарековме – Дениција, и решивме да го издадеме во ограничен број од само 30 нумерирани парчиња кои имаат колекционерска вредност, што на часовникот, покрај јубилејната вредност и историскиот момент му додаваме и исклучителна реткост.

Зошто Дениција?

Пред се бидејќи тоа име асоцира на Изгрејсонце кое е длабоко тетовирано во душата на секој Македонец и е поврзано со надежта за еден нов, поинаков светол ден. На ѕвездата водилка – Деница која секогаш ни го покажува вистинскиот правец и секако на Петре М. Андреевски со својата стихозбирка во која зборува за својата најголема љубов, љубов за која вреди да се умре.

На мистичноста на неговата љубов, бидејќи никој не може да каже дали е тоа љубов кон жена или татковина.

„Кога ја љубев Дениција,
како да калемев светлина на мракот,
како да топев снегови фатени во движење,
како да станував единствен сведок
за бакнежот меѓу металот и громот….“

„…. Кога ја љубев Дениција,
како да учествував во создавањето
на првата Македонска Држава.“

SWATCH на кирилица е името на проектот на кој работевте посветено изминатите месеци. Како течеше креативниот процес?

Своч на кирилица е производ на мојот креативен тим. Толку многу се заљубивме во идејата за часовникот Дениција што едноставно не сакавме тоа да биде краткорочен проект.

Своч на кирилица е алатка за трансформирање на проектот Дениција во временски континуум низ кој ќе се даде акцент на детектирањето на млади креативни луѓе кои ќе се ангажираат и потоа афирмираат на еден многу спонтан и за нив провокативен начин имајќи можност и привилегија да создадат дело со кое својата надареност ќе ја спојат со еден огромен меѓународен бренд.

 Своч на кирилица платформата треба да обезбеди интуитивна комуникација помеѓу:

– Swatch како интернационален афирматор на македонските творци,

– публиката која не е само клиент туку е и уметнички уживател и критичар во случајот,

– сите млади и потенцијални креативци и,

– Божиновски часовници и накит како врзно ткиво помеѓу сите нив.

Врз базата на оваа платформа ќе ги анимираме и артикулираме сите креативци во Македонија, позитивно ќе ги провоцираме да нудат свои креативни решенија кои потоа заеднички ќе ги аплицираме на нови SWATCH „платна“ во  6 месечни циклуси , што значи, ќе држиме темпо на две нови изданија на македонски swatch часовници годишно, секако секој пат во лимитирани изданија.

Го ангажиравте уметникот Зоран Кардула кој му даде нов живот на првиот македонски SWATCH, прв во колекцијата СВОЧ на КИРИЛИЦА, за да стане парче современа уметност. Ако се знае како оваа швајцарска компанија во последните децении од овој часовник создаде предмет на убавина во поп културата. Како Кардула ја прифати Вашата покана?

Во соработка со нашите клиенти и при заеднички консултации, неприкосновено изборот падна на  Зоран Кардула  кој пак има свое „дебело“ портфолио во илустрирањето но и дизајнирањето пред се на накит за меѓународни компании и тука ни се вклопи како најважен дел од целата сложувалка. На повикот се огласи со најголема сериозност и професионализам  при што ни понуди 10 тина различни решенија, но едно од решенијата, дел од неговиот познат серијал „Жени“ не измести сите. Велам дел од сложувалката бидејќи решението се состои во илустриран приказ на прекрасна жена со симболични тетоважи на своето тело отсликувајќи го не баш лесниот живот кој оставил белези врз нејзе. Лик на жена кој на мистичен начин, исто како и во стихозбирката на Петре М. Андреевски, не можеме да одредиме дали е тоа жената – љубов на нашиот живот или отелотворение на љубовта кон нашата напатена татковина.

На средината на месец декември ќе го ставите на продажба овој лимитиран часовник, кој ќе биде очигледно наменет за колекционери. Како до него?

30 часовници ќе бидат распоредени и изложени во сите наши продажни салони од 2-15 декември. Часовниците ќе се продаваат на 16ти декември во нашиот бутик на ул. Македонија и тоа на аукциска продажба. За учество на аукцијата ќе добијат покана сите наши лојални клиенти а на самата аукција ќе можат да присуствуваат само оние кои предходно ќе уплатат одредена сума.

Сите кои се заинтересирани да станат дел од нашата лојална програма и воедно да добијат покана за учество на аукцијата можат да се информираат повеќе во делот за лојална програма нашиот веб.

Божиновски часовници и накит, со овој проект се впушта во една нова фаза која не е класична матрица на бизнис. Отварате фондација и планирате да ги соберете и наградите најталентираните млади креативци кои ги има Македонија кои би работеле на продолжување на проектот SWATCH на КИРИЛИЦА.

Со средствата собрани од аукцијата го започнуваме процесот на создавање на фондација чија единствена цел ќе биде поддршка, финансирање и стипендирање на креативци од Македонија.

Фондацијата преку своја веб страна ќе ги истакне условите и основните цели и како секој креативец ќе може да се пронајди во овој простор кој Божиновски го создава.

Дали може да споделите своја следна креативна „дестинација„ за вториот часовник?

Како временска дестинација секако- тоа ќе биде за околу 6 месеци од сега, а како креација…. за тоа следува повторно еден долг процес на конкурс, пред-селекција, селекција, правни и технички решенија,….

Дали е ова со цел уште повеќе да се етаблирате помеѓу младата Z генерација?

Можеби повеќе за да не заборавам на детето во себе, за да се чувствувам поблизу до моите деца , нивните другари и врсници, за да она што како Божиновски им го оставаме има смисла и вредност мерено и оценето со нивните вредносни системи а не со нашите, и на крај…за секоја искра радост и надеж во очите на младите, за ИЗГРЕЈСОНЦТО и Дениција во секого од нив и нас.

Зошто е SWATCH посебен, кои се клучните точки на неговата различност од сѐ останато, каде ја детектираме неговата иновативност?

Swatch не е производ, тоа е духот на бунтовникот во нас. Она што се спротивставува на очигледната секојдневна и досадна предвидливост. Шарен пластичен часовник потпишан од Алфред Хофкунс кој го носиме на свечено одело.

Како изгледаше Вашиот прв SWATCH?

Купувањето на мојот прв Swatch во 1986 е грешка сама по себе. На самиот часовник има стилизиран вештачки хоризонт, компас и инклиномер, а јас како пилот се заљубив и го купив, за потоа да откријам дека името му е Наутилус и е посветен на поморци ( а инструментот е подморнички ). Но премногу касно сфатив.

Сепак, за да не бидам целосно разочаран, нешто покасно открив дека часовникот е посебен дизајн на Mario Fani. ….на крај го подарив.

Колку SWATCH часовници имате во Вашата колекција?

Секогаш повеќе отколку што ми требаат а пак никогаш доволно.

Како овој бренд им парира на луксузините брендови кои ги има во вашето портфолио?

Самото име е кованица од два зборови: Second (Втор)- watch (Часовник) = SWATCH, и создаден е не за да конкурира на другите часовници и никако на полуксузните, туку за да им пркоси со својата храброст и одважност. Часовник наменет да се носи на десна рака или како втор покрај некој луксузен. Тоа е оној детаљ на вашата рака кој ќе ви даде свежина исто како шареното свилено марамче во џебот од елегантно сако и кој ќе открие дел од вашиот карактер ( само она што вие сакате ) како што открива Роршаховиот тест со мастило.

Како им парира?

Како капка лимон на острига. Совршено.

Сподели!
- Advertisement -