АРНО ја потсетува јавноста дека остануваат уште 10 дена до крајниот рок на натпреварот Зелени идеи 2023. На натпреварот можат да аплицираат индивидуалци, здруженија, мали компании, земјоделци, занаетчии, задруги со идеи или почнати зелени бизниси. Повеќе информации поврзани со натпреварот кој трае до 21-ви мај, се достапни на веб-страницата: https://zeleniidei.mk/
„Оваа година се надеваме повторно на солидни зелени бизнис идеи и апелираме сите заинтересирани да аплицираат, па макар и тоа да им е само едно искуство. Не знаеме како посилно да нагласиме дека зеленото социјално претприемништво е тренд и патоказ за економијата, ќе има уште повици и поддршки. Мора да сме проактивни и цело време да го набљудуваме пазарот и да се инспирираме. Правењето добро и за природата и за луѓето треба да се водечки принципи. “ изјави Ирина Јаневска од АРНО.
„Зелени идеи“ е годишен натпревар кој 11 години поддржува развој на мали, локални и одржливи бизнис идеи кај нас и во Албанија, Косово,, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија и Грција. Секоја година по тројца претставници од секоја од земјите се натрпеваруваат во 2 категории за награди во висина од 5.000 или 10.000 долари за реализација на нивните идеи во своите земји.
Здружението за социјални иновации „АРНО“, деветта година по ред, го администрира националниот натпревар „Зелени идеи“ и се гордее што досега земјата има 9 регионални победници: Првата кооператива на органски потрошувачи „Наша добра земја“ (2015 год.), инцијативата за репарирање на стар мебел- „СПИН“ (2016 год.), платформата за продажба на евтини оброци „Храна за сите“ (2017 година), едукација преку илузионистички еко-пораки „Грин меџик продакшн“ (2017 год), „ Био смарт ориз“ производство на ориз на одржлив начин (2019), „Challenger“ мобилна апликација која ги наградува граѓаните за сите зелени километри поминати со пешачење (2019) , „Вајс адитив“-прехранбен адитив со преработка на комиње (2020) „О-круг“ – производство на ароматизери и масла од отпадни кори од портокал (2021) и Пилот инсект соба на Ве Дог Фуд од Прилеп (2022).