Eвропскиот Институт за иновации и технологија отвори Иновациски центар во Македонија

- Advertisement -

Европскиот институт за иновации и технологија (ЕИТ) го објави почетокот на првиот заеднички центар во Северна Македонија, кој ќе ги подигне регионалните иновации на повисоко ниво и ќе им обезбеди на локалните претприемачи, иноватори и стартапи поддршка за иновации.

Европскиот институт за иновации и технологија ќе ги поттикне иновациите во Западен Балкан со отворање на првиот заеднички регионален центар во Северна Македонија. Со поврзување на регионалните иноватори и партнери со најголемиот иновациски екосистем во Европа, новиот центар за регионални иновации на ЕИТ – прв од ваков вид, ќе ја зајакне соработката меѓу водечките деловни, образовни и истражувачки организации, истовремено зголемувајќи ја конкурентноста на регионот и одржливиот економски раст. Новиот центар е дел од програмата Регионална иновациска шема на EИТ, која е дизајнирана да се справи со постојаниот иновациски јаз во Европа.

- Advertisement -

Новиот центар беше промовиран денеска во Центарот за трансфер на технологија и иновации – ИНОФЕИТ во Скопје.

„Со оглед на неговата експертиза и присуство низ Европа, Европскиот институт за иновации и технологија е уникатно позициониран да нѐ поддржи во зголемувањето на нашите иновациски капацитети и во создавањето на посилни синергии меѓу регионалните партнери. Со нетрпение очекувам да видам нови револуционерни технологии и нови можности за претприемачите во Северна Македонија“, вели вицепремиерот задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи, по повод отворањето на Регионалниот центар на ЕИТ.

- Advertisement -

Претседателот на Управниот одбор на ЕИТ, Нектариос Тавернаракис додава дека „се среќни што го отвораат првиот заеднички центар на ЕИТ во Северна Македонија“. „Поради потенцијалот на таленти во регионот и економските предности, особено во `паметното` земјоделство и информациските и комуникациските технологии, Западен Балкан е важен регион за заедницата на ЕИТ. Наша цел е да го зголемиме пристапот до можностите на ЕИТ преку новиот центар и да го зајакнеме иновацискиот капацитет на Северна Македонија. Очекуваме многу успешни приказни да се родат овде и да се прошират кон европскиот пазар“, вели Тавернаракис.

Новоотворениот центар во Северна Македонија ќе ги претставува сите Заедници на знаење и иновации на ЕИТ и ќе се фокусира на привлекување и ангажирање на што повеќе македонски учесници во активностите на ЕИТ. Центарот ќе им обезбеди на иноваторите централизиран извор на информации за сите услуги и можности кои се обезбедени од целата заедница на ЕИТ. Дополнително, тој ќе го предводи ангажирањето на заедницата на ЕИТ со властите, обезбедувајќи поддршка за политиките и експертиза според потребите.

- Advertisement -

На денешното отворање на Центарот во Скопје, Мартон Херцег, раководител на секторот за иновациски екосистем при ЕИТ, објасни дека Европскиот институт обединува огромна мрежа од околу 2000 компании, 1000 високообразовни и истражувачки институции и 300 градови, региони и невладини организации, и тоа преку обучување нови генерации претприемачи, развивање иновативни производи и услуги и зајакнување на стартапи и компании со брз раст. Според презентираните податоци, во Северна Македонија во текот на 2021-2022 година, инвестирани се 800.000 евра во рамките на ЕИТ грант, креирани и поддржани се 5 инвестиции и повеќе од 1.300 учесници се ангажирани во едукативни активности и обуки.

Бенс Хуба, директор на Регионалната шема на иновации на ЕИТ урбана мобилност појасни дека „Заедницата на ЕИТ би сакала да понуди најдобри шанси за сите европски таленти да придонесат за европските иновации, независно од кој екосистем доаѓаат. Ако талентите доаѓаат од иновативен екосистем кој нуди помалку можности, треба да им понудиме уште поголема поддршка за да се осигураме дека може да успеат“.

Според заменик амбасадорот на Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија, Џулијан Васало, најновиот извештај на Европската комисија за земјата забележал добро ниво на подготовка во областа. Земјата се смета за иноватор во развој со перформанси од 45,6% од просекот на ЕУ, а преку Хоризонт Европа, најголемата ЕУ програма за истражување и иновации, се финансирани 14 проекти во вредност од 2,8 милиони евра во 2022 година. Сепак, вкупните инвестиции во истражување и иновации остануваат ниски – само 0.38% од БДП, посочува Васало.

Ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, проф. д-р Никола Јанкуловски се осврна на Стратегијата за паметна специјализација на Северна Македонија, која е во фаза на финализирање и треба да обезбеди модерен пристап кон економскиот развој, особено во `паметното` земјоделство и преработката на храна со висока додадена вредност, секторот на информатички и комуникациски технологии, индустријата 4.0 и одржливите материјали и `паметни` згради. „Подготвени сме да го ставиме на располагање целиот наш капацитет за имплементација на оваа стратегија и да придонесеме не само со нашите научни и истражувачки потенцијали, туку и во поширок општествен контекст. Во таа насока, веќе направивме сериозни чекори за развој на студиски програми и истражувачка инфраструктура кои би придонеле за развој на националните капацитети во спроведувањето на стратегијата“, кажа Јанкуловски.

Бидејќи државата има за цел да го зголеми економскиот раст, важно е да се развие конкурентноста во нејзиниот приватен сектор преку знаење и иновации, а паметната специјализација треба да создаде квалификувана работна сила способна за иновации и генерирање повисоки приходи и економска вредност, рече Орце Симов, потпретседател на Сојузот на стопански комори на Македонија. „Се надеваме дека во наредниот период, ЕИТ ќе го забрза и зголеми бројот на иновации преку своите активности, со што ќе обезбеди поголема додадена вредност, конкурентност и профитабилност за компаниите во Македонија. Очекуваме соработката меѓу деловните субјекти, образовните институции, истражувачките институти и организациите да се зајакне за да се постигнат овие цели. Очекуваме брзо прилагодување на неопходните законодавни регулативи на новонастанатите глобални услови“, изјави Симов.

ЕИТ го назначи Александар Стамболиев за национален секретар кој ќе ги води операциите на новиот центар во Скопје. Тој има повеќе од 20 години искуство во областа на стартапите и технологиите, а моментално е извршен директор на Бизнис акцелераторот УКИМ, посветен да им помага на технолошките стартапи да се прошират на глобално ниво.

Центарот во Северна Македонија е првиот од регионални центри што се планирани да се отворат во следните три години – во Кипар, Малта, Црна Гора и Украина, за да се обезбеди зајакнато присуство на ЕИТ низ цела Европа.

Сподели!
- Advertisement -