Уникатни модни додатоци, креирани со техниката на хеклање и направени од сертифицирани материјали кои потекнуваат од одржливо управувани шуми се дел од македонскиот бренд Yova. Производите се изработуваат рачно и на традиционален начин, со што се зачувува една од најстарите македонски креативни традиции, плетењето, односно хеклањето.
Основачки на брендот Yova се две девојки, Натали Ристовска, Sustainable Design Consultant и нејзината сестра Оливера, менаџер за маркетинг, кои својот стил и поглед кон светот го преточиле во зелен бизнис. Продуктите се изработени од рафија, природен материјал кој се добива од брзорастечки дрва, кој има брз процесот на разградување, што на производите им дава затворен животен циклус.
Во разговор со Иновативност, Натали Ристовска вели дека со Оливера, како основачки и како жени, се грижат нивните производи да се изработени од самохрани мајки и од жени од ранливи категории или од рурални области.
Новинар – Сања Наумовска
Натали, кажи ни нешто повеќе за брендот Yova?
Yova е првиот македонски етички моден бренд. Рачно изработуваме модни додатоци со техника на хеклање и без создавање на отпад. Се грижиме целиот животен циклус на еден производ да е етички и затворен, а тоа значи дека не само што се грижиме еден производ да има долг рок на траење, туку како, со што и под кои услови е направен и што се случува кога неговиот животен век ќе заврши. Па така, материјалите од кои се изработени нашите производи се сертифицирани и потекнуваат од одржливо управувани шуми. А кога животниот век на еден производ ќе заврши, тој ќе се разгради за само шест недели.
Како жени основачи, се грижиме за поддршка на жените, па така нашите производи се изработени од самохрани мајки и од жени од ранливи категории или рурални области.
Зошто баш Yova, каква е асоцијацијата со името?
Со плетење почнав да се занимавам уште од мали години, а баба ми беше таа што ми ја пренесе љубовта кон плетењето. Од таа причина брендот го нарековме YOVA, кратенка од Јованка, името на нашата баба.
Кога реши да дизајнираш облека и додатоци, дали веднаш знаеше дека ќе креираш одржлива мода или идејата созреваше?
Јас сум дизајнер на производи. Во фокус ми се модните додатоци и додатоците за во домот. Животот во Италија ми наметна и мојот животен стил да биде поодржлив, не само мојата работа. Без разлика во која индустрија работам морам да признаам дека од секогаш сум дизајнирала производи со затворен животен циклус. Тоа е мотото кое ме води уште од студентските денови. Секако, со текот на годините стурчноста и сериозноста во работата растеше, па така денес помагам и на други брендови во процесот на развивање на поодржливи колекции.
Какви парчиња има колекцијата на YOVA? Користите ли и технологија во креирањето?
Бидејќи се работи за етички моден бренд, преферираме да пласираме на пазар поединечни производи, а не цели колекции, па така во моментот во нашата колекција има два типа на ташни – Everyday tote bag и mini tote bag. Она што го работиме во YOVA сакам да го нарекувам современ занает. Една од целите на нашиот бизнис е зачувување на една од најстарите традиции, а особено карактеристична за Македонија, плетењето/хеклањето. Меѓутоа, сето тоа да биде во современ контекст. Иако нашите производи се изработуваат рачно и традиционално (најголем дел од производот се изработува само со една игла), сепак за некои од процесите користиме и калапи кои ги изработуваме со помош на 3Д принтер, така што нашиот процес е хибрид од старо и ново. За изработка на нашата колекција користиме рафија. Рафија е природен материјал кој се добива од брзорастечки дрва, па така и процесот на разградување му е брз.
Која е целната група на YOVA?
Нашите први купувачи се луѓе со одржлив животен стил и најчесто се луѓе што преферираат минималистички стил и секако ценат рачна изработка. Во категорија на производи имаме таргетирано две генерации: GEN Z и Milenials.
Дали твоите колекции имаат цел и да ги едуцираат младите преку одржливата мода?
Дел од нашата маркетинг стратегија е и едукација на публиката за одржлива мода и за се она што го правиме. Тоа е нешто што ретко се прави од страна на брендовите, но јас верувам дека тоа е нужно. Транспарентноста што ја имаме со нашите клиенти е она што нè прави различни од конкурентите. Навистина е битно да се едуцира и што повеќе луѓе да знаат кои сè чекори се потребни за изработка на еден продукт. Само на тој начин ќе дојдеме до вреднување на трудот.
Вашата работа беше препознаена и поддржана од акцелераторската програма на South East European University. Какви се твоите очекувања?
Особено сум горда што сме првиот моден бренд што некогаш бил дел од ваков тип на програма во Македонија. SEEU Tech Park е сериозна институција и одвај чекаме да го започнеме процесот со нив. Верувам дека после оваа програма ќе бидам многу повеќе подготвена да го водам мојот тим и да го кренам бизнисот на многу повисоко ниво. Имам многу идеи и насоки како да го развивам овој бренд. Но, чекор по чекор.