Невромаркетингот и невронауката воопшто, стануваат моќна алатка во процесот на предвидување на однесувањето на купувачите. На конференцијата “Тhe future of neuromarketing – innovations and insights for tomorrow’s leaders” беа претставени сите аспекти на невромаркетингот како исклучително важен елемент за тестирање на купувачките преференци, процесот на донесување одлука за купување и несвесните реакции кои дизајнот на производите ги предизвикува.
Конференцијата се одржа во М6 едукативен центар кој беше ко-организатор на настанот заедно со Импала рисрч, а присутни беа повеќе од 100 гости, претставници на голем број компании од различни индустрии. Во рамки на конференцијата, д-р Николаос Димитриадис, реномиран експерт во полето на невронаука одржа своја презентација за моќта на предвидување на човековото однесување со анализа на несвесните реакции, предизвикани од одредени стимули. Димитриадис ја претстави и практичната примена на невронауката во голем број полиња, како маркетинг, човечки ресурси и регрутација, менаџмент, лидерство итн. Невронауката всушност овозможува еден поинаков, подлабински пристап кон анализата на човековото однесување на целосно објективен начин. Со анализа на движењето на погледот на личноста, нејзините фацијални експресии, како и реакциите во мозокот кои одредени дразби ги предизвикуваат, може да се дојде до заклучок за емоциите, фокусот и целокупното искуство кое таа личност го доживува во моментот.
Дел од конференцијата за невромаркетинг беа и два панели во кои учествуваа преставници на академскиот и бизнис сектор. За време на панелот “Unlocking Consumer Behavior – A Neuromarketing Perspective”, Проф. Д-р Николас Ламбридис, Проф. Д-р Ежени Брзовска, Д-р Никос Димитриадис, М-р Весна Кузмановиќ од Импала Рисрч и М-р Јасна Стоимировска Величков од Арел маркетинг дискутираа за различните невромаркетинг алатки и нивната соодветна примена во пракса.
Од друга страна, панелистите Бранко Станчев од Македонски Телеком, Александра Велевска од Алкалоид, Кастриот Арифи од винарија Тиквеш и Емилија Мукаетова од Ребека, презентираа свои искуства од користењето на алатките на невромаркетинг во делот развој на производи, дизајн на пакувања и етикети, интегрирани маркетинг кампањи и визуелни решенија за социјални мрежи. Панелистите се сложија дека невромаркетинг алатките во комбинација со традиционалните техники на тестирање се одличен начин да се дојде до што е можно попрецизни заклучоци за потенцијалниот успех на одреден производ, услуга или кампања.
Конференцијата за невромаркетинг отвори повеќе интересни теми за дополително истажување и размислување. Невронауката неспорно нуди решение за голем број предизвици во бизнис свет кој брзо се менува и е исклучително компетитивен.
М6 едукативниот центар во своето 15 годишно постоење е домаќин на голем број настани кои се издвојуваат по својата уникатност и можноста да се оди чекор напред во дополнителната едукација, која е неизбежен двигател за индивидуален и професионален развој.
Агенцијата Импала работи во доменот на истражување и развој на нови, иновативни методи за евалуација на човековото однесување, овозможувајќи квалитетна основа за креирање на ефективни маркетинг и бизнис стратегии.