Tешко парализирана жена доби можност повторно да говори преку дигитален аватар, користејќи технологија што ги претвора нејзините мозочни сигнали во говор и гримаси на лицето.
Ан (47) останала неподвижна откако претрпела мозочен удар пред 18 години. Оттогаш, не можела да говори, па обично комуницирала користејќи технологија која ѝ дозволувала споро да селектира до 14 букви во една минута. Анн се надева дека со помош на дигиталниот аватар во блиска иднина ќе може да работи како советничка.
Тимот на научници од Универзитетот во Калифорнија, Сан Франциско (UCSF), пресадиле тенок квадрат со 253 електроди на површината на мозокот на Ан, конкретно во делот што го контролира говорот.
Електродите ги замениле мозочните бранови, кои, доколку не се случел мозочниот удар, би ги контролирале мускулите во нејзиниот јазик, вилица, грклан и лице.
По пресадувањето, Ан вежбала со медицински лица и заедно го тренирале алгоритамот со вештачка интелигенција за да ги регистрираат нејзините уникатни мозочни бранови за различни говорни звуци.
Компјутерот научил 39 различни звуци, а со помош на јазичен модел сличен на ЧетГПТ, сигналите биле претворени во разбирливи реченици. Потоа, ваквиот систем бил искористен за контрола на дигитален аватар кој звучел како Ан, имитирајќи го нејзиниот глас од снимка од нејзината свадба.
Ова откритие нуди надеж дека мозочните-компјутерски интерфејси (BCIs) се на работ на трансформирање на говорот на лицата кои ја изгубиле способноста поради мозочни удари или АЛС.
Најновата технологија користи ситни електроди кои се пресадуваат на површината на мозокот и регистрираат електрична активност во делот на мозокот што ги контролира говорот и гримасите на лицето како смеење, намуртеност или изненаденост.
„Нашата цел е да ја обновиме целосната комуникација, на ниво каков што е разговорот меѓу две личности. Овој напредок нѐ носи поблиску до возможно решение за сите пациенти“, изјавил професорот Едвард Чанг, кој го предводел научниот тим.
Целиот текст на Радио МОФ
Фото – Принтскрин од видео, Индепендент