Сите имаме право да дишеме чист воздух! Во секој здив има нов почеток, затоа придонеси за чист почеток и пријави загадување! Ние (не) дишеме – Белите дробови не се филтри за прочитување! Сакаш чист воздух, преземи контрола! Вдиши, пријави, издиши! Ова се само дел од пораките што студентите на едукативно-технолошката организација Бреинстер (Brainster) ги истакнаа на хакатонот, кој во соработка со стартапот Air Care (Мој Воздух) се одржа минатиот викенд (7 и 8 октомври) во Скопје.
Во многу динамична и пријателска атмосфера, за маратонски 48 часа, сто студенти од академиите на Бреинстер, во еден здив и со заедничка мисија создадоа осум креативни предлози за новата апликација Breathe.mk за пријавување на загадување.
Со полни гради иновативност, знаење и иницијатива, видно мотивираните учесници понудија решенија за платформата, на која граѓаните ќе пријавуваат загадувачи, по што на терен ќе излезат инспектори за животна средина од Град Скопје.
Има надеж за Скопје!
Апликацијата Breathe.mk ќе биде разработена на два хакатона. На првиот Air Care – хакатон, викендов, беа создадени решенија за развој на продуктот, маркетинг стратегија и UX/UI дизајн на платформата, а на вториот хакатон (на 28 и 29 октомври) студентите ќе работат на реализација на одбраниот UX/UI дизајн преку кодирање на Front-End и Back-End, поставување на можност за следење и лоцирање на загадување и останати функционалности.
„Гледајќи ги презентациите од првиот хакатон си реков – добро е, има голема надеж за Скопје! Студентите успеаја за само два дена да направат одлични решенија. Морам да признаам дека ќе ни биде многу тешко да го избереме најдоброто. Имаше многу добри аспекти, некои од страна на маркетинг, други од страна на дизајн итн. Можеби комбинација на сите силни страни ќе биде најдобрата солуција. Со нетрпение го очекувам вториот дел од хакатонот, кога ќе бидат изработени техничките имплементации на апликацијата. Верувам дека ќе излезе квалитетен производ, кој ќе биде корисен и за инспекторите на Град Скопје и за граѓаните. Убеден сум дека Breathe.mk ќе има вистинско влијание во подобрување на состојбата со воздухот“, рече Горјан Јовановски од Air Care, по презентациите на првиот хакатон.
Иницијаторот на Breathe.mk, Алекс Долстра, го истакна значењето на оваа апликација во борбата против загадувањето на воздухот во Скопје.
„Секоја презентација беше предобра, имаше уникатност со свои погледи и креативност. Не знам како ќе го избереме победникот, бидејќи сите студенти-учесници на хакатонот се победници! Ви благодарам многу. Многу сум горд на вас, и истовремено мотивиран уште повеќе да се борам за оваа тема и сите заедно да го победиме загадувањето на воздухот. Сега е време да кажеме СТОП! Сакаме вистинско решение на проблемот. Она што го направија студентите на овој хакатон навистина одзема здив. Тие го сфатија значењето на револуционерниот проект, Breathe.mk, кој има за цел да ја подобри борбата против загадувањето на воздухот во Скопје. Имаше многу идеи кои се надевам дека ќе можеме да ги примениме. Имаше одлични предлози од герила маркетинг, идеи за функционалноста на платформата, но имаше и корисни сегменти, кои ние не ги имавме ставено во брифот, а студентите сами ги смислија, и браво за таа иницијативност – рече Долстра.
Обединети во заедничка мотивација за почист воздух
За организаторите на хакатонот од тимот на „Партнерства“ на Бреинстер работата на овој хакатон бил најголем предизвик досега, особено зашто имаше инволвирано повеќе страни: академиите, клиентот и институција (Град Скопје). Нивна задача беше да ги соберат сите на едно место и да ги насочат кон реализација на една заедничка цел – изработка на апликацијата Breathe.mk.
„Иако имаше студенти од различни Академии, кои беа вклучени во комбинирани тимови и повеќето не се познаваа меѓусебно, се покажа дека ги обединува истата цел. Тие брзо се здружија уште од почетокот и направија добри планови. Работеа во хармонија. Секако, имаше и моменти на паника, на смеење, но и на молк – кога сите тивко работеа. Тоа што станува збор за проект насочен кој решавање на проблем кој сите нè засега, направи тимовите да бидат уште похомогени и заедно да дојдат до финалниот производ. Сите ја почувствуваа одговорноста дека со ова ќе помогнат да се реши еден од најгорливите проблеми на нашето општество. Затоа, сите му пристапивме многу посериозно на овој хакатон“ – изјави Јована Јовановска Кануркова, координаторка за корпоративни партнерства во Бреинстер.
На првиот хакатон учествуваа студентите од креативните академии на Бреинстер како: графички дизајн, дигитален маркетинг, UX/UI дизајн и проект и продукт менаџмент. На вториот дел од хакатон ќе учествуваат студенти од техничките академии: Front-End, Full Stack, Data Science, Software testing, Проект и продукт менаџмент, како и студентите од првиот практичен ИТ-факултет Бреинстер Некст колеџ (Brainster Next College), од програмата за Софтверско инженерство и иновации. Хакатоните се реализираат како дел од програма за учење и работа на реални проекти на Академиите и на факултетот.
За Александар Младеновски, студент на Академијата за графички дизајн ова беше прв хакатон и истовремено и прво вакво искуство – да работи на толку голем проект за толку кратко време, со волку искусни и квалитетни колеги.
„Темата на хакатонот – креирање апликација за пријавување на загадување е одлична, бидејќи пред сè е за добро на заедницата. Плус мотивација ни е тоа што работиме на проект за нашиот град (Скопје). Breathe.mk ја замислувам како најдобра апликација создадена од македонски дизајнери, која ќе биде многу успешна и со над 100.000 корисници. Верувам дека ќе има добар прием кај граѓаните, особено кај помладите, кои поминуваат долго време на социјалните медиуми. За време на хакатонот атмосферата беше многу пријатна, со ведар дух и многу хумор. Секако, на моменти беше напнато, особено кога бевме при крај на времето и сите брзаа да завршат со својот проект. Имаше и ситуации кога не можевме да се одлучиме чиј предлог е најдобар, бидејќи сите беа добри. Во основа, сите дојдовме добро подготвени и едуцирани од програмите на Бреинстер“, рече Младеновски.
Многу емоции, смеење и убава дружба
За Андреј Дојчиновски, студент на Академијата за UX/UI дизајн ова беше втор хакатон. Тој беше дел од победничкиот тим на претходното издание. Андреј посочува дека и овој пат имало многу добра соработка меѓу студентите.
„Секој имаше свои предизвици, но бевме компактна група и супер се надополнувавме едни со други. Амбиентот беше многу другарски, забавен и креативен. Морам да ги пофалам сите од мојот тим, каде што имаше претставници од различни академии на Бреинстер. Меѓу нас немаше паника и стрес, затоа верувам во успехот на својот тим! Темата на овој хакатон за мене беше навистина интересна. Ме заинтересира многу, пред сè бидејки е апликација за проблем што нè засегнува сите нас. Тоа дава поголеме тежина и поголема мотивација да најдеме точно решение за проблемот. Преку вакви иницијативи може да се подобри состојбата во нашиот град. Битно е да имаме силна желба, со мал поттик, како што е овој хакатон, да се поттикнат промени“.
Покрај сериозниот и професионален ангажман на студентите, со оглед на важноста на темата, во просториите на Бреинстер имаше многу емоции, смеење, дружба и убава соработка.
„Тешко е да се опише со неколку зборови каква беше атмосферата на хакатонот. Едноставно, таа треба да се доживее! Преовладуваа емоциите и имаше голема еуфорија. Меѓу студентите имаше позитивна енергија, одлична соработка и хармонија во тимовите, кои верувам дека продинесоа во успешен финален резултат. Во мојот тим немавме некои потешкотии, многу добро се согласувавме и работата ни одеше многу лесно, без тензија и креативни блокади. Темата на хакатонот е одлична! Мислам дека треба да се крене свесноста за загадувањето како проблем на сите граѓани“, рече Стефан Мицковски, студент на Академијата за дигитален маркетинг.
За Лина Стојчевска, студентка на Академијата за графички дизајн хакатонот бил прекрасно, несекојдневно искуство, од кое научила многу.
„Беше многу работно, на моменти можеби напорно, но пред сè забавно, со научени многу нови работи. Тимот во кој се паднав беше многу колегијален. Имавме одлична тимска хармонија. Применив многу од моите знаења стекнати на Академијата, а работејќи на хакатонов одблизу се запознав и со UX/UI дизајн, за кој многу се заинтересирав. Благодарение на искуството што го добив на овој хакатон размислувам да се запишам и на Бреинстер Некст колеџот, токму на програмата UI/UX и графички дизајн. Што се однесува до целта на Air Care хакатонот – убаво е чувството кога знаете дека работите на нешто што ќе им помогне на сите во заедницата, и нешто што ќе придонесе за подобро утре на градот. Очекувам по реализација на платформата да имаме добар фидбек од граѓаните, дека ќе бидат заинтресиани да ја користат апликацијата. Само на тој начин ќе му помогнеме на градот!“
Одлично искуство за понатамошниот кариерен пат
Хакатонот е одлична прилика за мерење на успехот на студентите, но и на инструкторите. За време на хакатонот студентите имаат можност да го достигнат следното ниво од нивниот кариерен развој и да го прослават вложеното време и напор за изучување на проектниот менаџмент, зашто тоа е моментот кога ќе имаат прилика вистински да го применат знаењето кое го стекнале.
„Иако предизвикот е голем, искуството кое го стекнаа на овој хакатон од огромно значење за понатамошниот кариерен пат. Она што особено го истакнува Air Care хакатонот е можноста сите заедно да направиме голема разлика во квалитетот на животот во општеството во кое живееме. Работењето на проект со важност од овој калибар сметам дека е дополнителен потик за студентите да дадат максимален придонес во финалните решенија. Лично за мене, најголем успех е трансформацијата на студентите низ која поминуваат во тие 48 часа, додека трае хакатонот и валидирањето на сопственото знаење со кое се стекнале за време на академииите на Бреинстер“, рече менторот Огнен Трипуноски.
Хакатоните се еден од најинтересните настани каде што студентите имаат можност да работат на реален проект, да се стекнат со практично искуство во областа која ја усовршуваат и да соработуваат со студенти од други академии каде што ќе добијат можност да научат нешто ново.
„Темата на овој хакатон е доста инспиративна и важна за нас како општество, бидејќи нè засега сите нас и меѓу другото има за цел да ја подигне свесноста кон проактивно дејствување од страна на сите жители на градот. Уште на првиот брифинг кај студентите можеше да се забележи мотивираност да работат на ваков тип на проект и да дадат свој придонес во креирање на продуктот. Со имплементирање на ваква апликација, која ќе биде лесно достапна за сите може да очекуваме дека во иднина ќе влијаеме кон намалување на нивото на загадување и ќе дишеме почист воздух“, рече Олга Пујаз Петрушевска, која исто така беше менторка на овој хакатон.
Инструкторот и ментор на овој хакатон, Александар Нофитоски, вели дека студентите на хакатонот дошле многу добро подготвени.
„Air Care хакатонот помина одлично! Можам да кажам ова е еден од најинтересните и наједукативни хакатони додега. Студентите го имаа веќе поминато процесот, и на консултациите сакаа да добијат совет за следните чекори, се надевам дека ние менторите им ја олеснивме работата. Студентите се импресионирани од самата задача на настан. Имаа голема мотивација да го сработат проектот. Од овој хакатон Air Care, Град Скопје и граѓаните може да очекуваат многу иновативни решенија, кои ќе бидат пристапни за секој што ќе ја користи апликацијата.“
Корисна алатка за инспекторите за животна средина
Дукица Павловиќ, студентка на Академијата за проект и продукт менаџмент, рече дека голем дел од знаењето што го стекнала на предавањата во Бреинстер имала можност да ги примени на хакатонот. За неа од голема корист бил инпутот што го добила од разговорот со инспекторката за живота средина од Град Скопје.
– Имав можност да работам во двата тима, кои беа доста различни и динамични, па беше значајно искуство да се види едно решение од две различни перспективи. Брифот и состанокот со клиентот ни беа многу корисни, а имавме и можност да поразговараме со претставничка од инспекторатот за животна средина на Град Скопје. Таа ни даде од прва рака информации за тоа какво елементи во апликацијата би им биле од корист на инспекторите се со цел поефикано делување. Чест ми е што бев дел од овој хакатон бидејќи е со општествено одговорна кауза. Доста бев мотивирана при работата, живеам во Скопје и многу добро знам што ни се случува во зимскиот период и колку е загадено. За нас е од големо значење што имаме можност да придонесеме во борбата со загадувањето.“
Преку апликацијата корисниците ќе можат да поднесуваат извештаи за загадување на воздухот. Идејата е пријавите да стигнат дирекно до инспекторите, кои ги обезбедува Град Скопје. На вториот ден од хакатонот се одржа состанок со помошник-раководителката на секторот Инспекторат на Град Скопје, Марија Чукиќ.
„Апликацијата што ја развиваат студентите на Бреинстер на двата хакатона многу ќе ни биде од корист во работата на секторот Инспекторат на Град Скопје. Breathe.mk ќе ја олесни работата на нашите инспектори. Ќе бидеме поинформирани, конкретно за локацијата на пријавените загадувачи. Очекувам дека апликацијата ќе биде креирана по мерка на потребите на овој сектор и дека со нив поефикасно ќе ги детектираме причинителите на загадувањето. Исто така, значајно е и што граѓаните ќе можат да се вклучат во заедничката борба против загадувањето. Вакви иницијативи, како овој хакатон, се многу важни и од голема помош, бидејќи со една ваква платформа ќе се придонесе во намалување на загадувањето во Скопје“, рече таа.