Сè додека еден корисник е претплатен, неговите податоци нема да се користат за реклами
Компанијата „Мета“ лансира платена претплата, со која ги отстранува рекламите од своите социјални мрежи Инстаграм и Фејсбук.
Услугата од утре, 1 ноември, ќе биде достапна за земјите кои се дел од Европската унија (ЕУ), Европската економска област (ЕЕА) и Швајцарија.
Услугата за социјални мрежи без реклами ќе се наплаќа 9,99 евра месечно за веб-верзиите на платформите и 12,99 евра месечно за користење на социјалните мрежи на мобилните уреди со „Андроид“ или „iOS“ оперативен систем.
Претплатата, како што соопштија од „Мета“, има за цел да одговори на загриженоста на ЕУ во врска со практиките на компанијата околу собирањето податоци и таргетирањето на корисниците преку реклами.
Со тоа што ќе ги натера корисниците да изберат меѓу плаќање за услугата за отстранување на таргетирањето со реклами или користење на услугата бесплатно, но согласно практиките за собирање податоци, „Мета“ верува дека појасно ќе ги исполнува барањата за заштита на податоците предвидени во збирката европски закони за податоци, вклучувајќи ги и Законот за дигитални услуги и Општата регулатива за заштита на личните податоци (GDPR).
Претплатата не е задолжителна, а компанијата тврди дека искуството за корисниците што ќе се одлучат да не плаќаат, нема да се промени.
„Опцијата луѓето да купуваат претплата без реклами ги балансира барањата на европските регулатори, истовремено давајќи им на корисниците избор и дозволувајќи ѝ на „Мета“ да продолжи да им служи на сите луѓе во ЕУ, ЕЕА и Швајцарија. Во својата одлука, Европскиот суд на правдата изречно призна дека моделот на претплата, како оној што го објавуваме, е валидна форма на согласност за услуга финансирана од реклами“, се вели во блог објавата на „Мета“.
Претплатата без реклами ќе биде достапна само за лица постари од 18 години. За почеток ќе се применува за сите поврзани сметки што ги има еден корисник на Фејсбук и на Инстаграм, но од 1 март следната година ќе се наплаќа дополнителни 6 евра (за веб-верзијата) или 8 евра (за мобилна верзија) за секоја дополнителна сметка.
Од „Мета“ велат дека сè додека некој корисник е претплатен, неговите податоци нема да се користат за реклами.
Тонот на соопштението на „Мета“ јасно покажува дека приоритет за компанијата сè уште е бизнисот кој се базира на реклами и врз основа на кој се изградени социјалните мрежи Инстаграм и Фејсбук, коментира „Врџ“.
Компанијата во својата блог објава пишува дека „верува во интернет поддржан од реклами“ и појаснува дека претплатата се воведува исклучиво со цел придржување кон европските закони.
Извор – Мета