Треба да се поставуваат повеќе фотоволтаични електрани на крововите на домаќинствата и индустриските капацитети, а не на плодна земја!

- Advertisement -

Со постоечките закони поставувањето фотоволтаични системи не е атрактивно за домаќинствата

Големиот број сончеви денови ја прави Македонија идеална земја за искористување на сончевата енергија за производство на електрична енергија. Инвестициите во фотонапонски централи се тренд во последните години, што треба да овозможи праведна енергетска транзиција од употреба на фосилни горива кои ни јазагадуваат околината кон обновливи извори за одржлива зелена иднина.

Инвестициите во соларни централи во последните години се зголемуваат, но забележително е дека повеќето инвеститори се правни лица, а занемарлив број се домаќинства. Професорот Драган Миновски вели дека тоа се должи на актуелната законска и подзаконска регулатива со која инвестирањето во фотонапонски панели е неатрактивно за домаќинствата. Тој предлага повеќе мерки со кои би се зголемил интересот и инвестициите во искористување на сончевата енергија.

- Advertisement -

Новинар – Сања Наумовска

Професоре Миновски, искористувањето на соларната енергија е еден од трендовите кон кои се стреми државата, во насока на ниско-јаглероден развој, за што се донесени и повеќе регулативи. Колку актуелната состојба во земјата е привлечна за инвеститорите и за граѓаните да инвестираат во фотонапонски централи?

- Advertisement -

Точно, искористувањето на сончевата енергија е клучна во праведната енергетска транзиција, кон која се стреми државата во последните години. Сведоци сме на низа нови законски и подзаконски акти, кои ја помагаат имплементацијата на нови и нови фотоволтаични електрани. Измените на Законот за енергетика, Законот за градење, Правилникот за обновливи извори на енергија, допринесоа денеска инсталираниот капацитет на новите фотоволтаични електрани да биде на ниво на вкупниот инсталиран капацитет на хидроелектраните во нашата земја (околу 700 MW). Со сегашните законски и подзаконски решенија, со вкупното сончево зрачење, со бројот на сончеви денови, нашата земја е се попривлечна за инвестиции во нови фотоволтаични електрани.

Сепак, до сега сведоци сме дека најголем дел од инвестициите кои се направени, во ваквите производни капацитети, се од правни субјекти, кои поставиле фотоволтаични електрани на кровните конструкции на своите производни капацитети или пак на земјени површини. Многу мал, да не речам занемарлив, во вкупната вредност е инсталираниот капацитет од граѓаните, кои инвестирале во изградба на фотоволтаични електрани на своите домови.

- Advertisement -

За разлика од нас, да речеме во Италија, 90% од инсталираниот капацитет на фотоволтаични електрани е од домаќинствата и од граѓаните во форма на енергетски заедници и задруги. Фотоволтаичните електрани, односно производството на електрична енергија од фотоволтаични електрани е најсоодветно да биде наменето за инсталација на ниско напонската и средно напонската електродистрибутивна мрежа, односно блиску до самата потрошувачка на електрична енергија. Фотоволтаичните електрани приклучени на таков начин го даваат најголемиот ефект и се најсоодветни за имплементација.

Дополнително, пресемтките за цената на електрична енергија за вишокот производство, кај домаќинствата и малите потрошувачи, кои имаат инсталирано фотоволтаични електрани на своите кровови, т.н. потрошувачи-производители, согласно сегашниот Правилник за обновливи извори на енергија, едноставно не овозможува рамноправност со оние кои имаат исти и слични инсталации со поголема инсталирана моќност. Цената за купување на вишокот електрична енергија кај ваквите домаќинства и мали потрошувачи е намалена за минимум 10% од набавната цена на електричната енергија (и тоа само на електричната енергија, без трошоците за преносна и дистрибутивна такса), а во случаи каде имаме поголемо производство и предавање/продавање на вишок електрична енергија во системот, имаме и дополнителни намалувања на цената, согласно овој сооднос (превземена / предадена). Сетоа тоа на некој начин ги прави инвестициите во фотоволтаични електрани кај домаќинствата и малите субјекти, да бидат со подолг рок на враќање.

Процедурите за инсталирање во фотоволтаични електрани кај домаќинствата и малите правни субјекти, во последните години се прилично поедноставени. За разлика од порано, сега се потребни единствено проектите за фаза електрика и архитектура, направени од соодветни инженери со овластување Б, како и инсталирањето да биде направено од лиценцирана компанија за таа намена со лиценца Б. Сепак, зголемениот интерес за поголеми инсталации на фотоволтаични електрани на малиот број лиценцирани компании и инженери и малиот пазар (немањето голем број на инженери со вакви овластувања Б и компании со лиценци Б), ги прави ваквите инвестиции кај домаќинствата потешки.

Во насока на зголемување на интересот за инсталирање на фотоволтаични електрани кај домаќинствата, оди и мерката на Владата да субвенционира 30% од вкупната инвестиција или најмногу до 80.000,00 денари, што навистина е голема помош и помага за многу побрз поврат на инвестицијата. Се надевам дека со сѐ поголема афирмација на сите овие поволности што се нудат при инсталирањето на фотоволтаични електрани за домаќинствата, во иднина ќе имаме сѐ повеќе електроенергетски понезависни домаќинства во нашата земја, кои сами ќе произведуваат електрична енергија за своите домови.      

Како може да се зголеми интересот, поточно да се направат поисплатливи инвестициите во сончева енергија?

Интересот за поставување на фотоволтаични електрани кај правните субјекти, во изминатиот период, во најголема мерка беше поттикнат од пазарните услови, односно од цените на електрична енергија во нашата земја и регионот. Кај домаќинствата пак, интересот би можел да се зголеми доколку се зголеми информираноста на граѓаните за сите придобивки кои ги нудат фотоволтаичните електрани поставени на нивните домови, како месечните заштеди, намалените емисии на штетни гасови, подобрата животна средина и т.н. Како и дополнително поедноставување на процедурите во делот на инсталациите и подобрување на условите за продажба на вишокот на електрична енергија. Поставувањето на фотоволтаичните електрани на домовите не е нешто многу покомлицирано од поставување на одредена електроенергетска опрема во домовите. Ако се дозволи поставување на фотоволтаични електрани со поедноставена проектна документација, како поставување на опрема (не како сега со проект за електрика од проектант со овластување Б, туку со еднополна шема), како што е направено во соседна Србија, во Швајцарија и во други земји, би имале многу поедноставени процедури и можеби повеќе инвестиции кај домаќинствата.

Дополнително, ако се примени Правилникот и продадената вишок електрична енергија не се намалува за одреден процент, како што е сега и како што објаснив погоре, исплатливоста на инвестицијата ќе биде многу поголема. Секако и субвенциите од страна на државата треба да се прилагодат на потребите на граѓаните. Сметам дека треба да се направи систем каде сите домаќинства нема да бидат субвенционирани подеденакво, туку согласно годишните приходи на домаќинствата. Така оние домаќинства кои имаат помали проиходи да имаат поголеми субвенции од страна на државата. На овој начин ќе се овозможи сите граѓани да бидат рамноправни во овој процес на транзиција. Ако остане сегашниот начин на субвенции, за поранливите категории домаќинства и со сегашните субвенции вкупната инвестиција е голема и не можат да си ја дозволат. Во таков случај побогатите домаќинства ќе инсталираат фотоволтаични електрани, ќе ги почуствуваат бенифитите од нив, ќе имаат заштеди на електрична енергија, а оние кои не можат да си ги дозволат ваквите инвестиции, ќе продолжат да плаќаат се поголеми сметки за електричната енергија. Енергетската транзиција мора да биде праведна и да не остави никој зад себе.   

Колку институциите, особено општините се подготвени на граѓаните да им дадат соодветна поддршка во административниот процес. Што треба да се подобри на тоа поле?

Сите сме свесни за капацитетот на институциите во нашата земја. Со последните измени и сегашната процедура за инсталации на фотоволтаични електрани, посебно кај домаќинствата, контактот со институциите е се помал, односно е сведен на минимум, што навистина е голема промена. Со сегашната процедура домаќинствата немаат потреба од било какви дозволи од страна на институциите, било на локално или национално ниво, едноставно тие само ги известуваат општините дека ќе постават фотоволтаична електрана.

Барањето до електродистрибутивната компанија ЕВН Дистрибуција е едноставно и целата процедура, релативно брзо е организирана и изведена и од страна на ЕВН Дистрибуција. Локалните заедници и националните институции, во иднина мислам дека треба да отворат посебни одделенија или агенции за праведна енергетска транзиција, како и повеќе да работат на афирмација и достапност на обновливите извори на енергија, фотоволтаичните електрани, енергетската ефикасност, ефикасните начини за загревање и ладење за сите граѓани. Отварањето на енергетски канцеларии во сите општини, каде граѓаните ќе се информираат за сите нејаснотии во однос на процедурите, исплатливоста, можностите за инвестирање и т.н., многу ќе помогнат за се поправедна енергетска транзиција, каде граѓаните ќе бидат во самиот центар.

Извор: Wikimedia Commons

Дополнително, државните институции треба да бидат пример за сите овие промени и треба први да ги имплементираат сите новини во делот на производството на електрична енрегија од фотоволтаични електрани и енергетски ефикасни уреди во сите јавни објекти. Во овој дел може да ја пофалам општина Центар, која прва во нашата земја има отворена енергетска канцеларија, каде граѓаните може да се информираат за се повразно со енергетиката и енергетската ефикасност. Исто така прва има отворено компанија, која е задолжена за поставување и оперирање на новите фотоволтаични електрани на јавните објекти во надлежност на општината, како и за набавка и продажба на електричан енергија за целата општина. Мислам дека ваквите пример треба да го следат сите општини во државата.

Што може да значи зголемениот број на фотоволтаични централи за стабилноста на електроенергетскиот систем?

Зголемениот број на фотоволтаични електрани во електроенергетскиот систем може да значи или решение и успех или проблем, во зависност од начинот на инсталација и стратегијата на државата.

Проблем би значело, доколку фотоволтаичните електрани се поставуваат на плодни и обработливи земјени површини, со голема инсталирана моќност, концентирани на едно место во државата. На ваквов начин едноставно имаме голем варијабилен производен капацитет, кој е приклучен на преносната или на високо и средно напонската дистрибутивна мрежа, за кој е потребно да се направат дополнителни инвестиции во преносната и дистрибутивната мрежа (нови трафостаници, нови кабли или далеководи,…), нестабилно големо производство на електрична енергија, кое бара зголемено балансирање и трошоци за тоа, како и долгорочно изгубено плодно и обработливо земјиште, кое во иднина неможе да се искористи за производство на храна. Доколку пак се примени системот на агроволтаици, тогаш имаме ограничено производство на храна, само за одреден тип на прехрамбени производи (сѐ не може да се одгледува под фотоволатичните електрани). Делумно решение за тоа е поставување на големи фотоволтаични електрани на неплодни земјишта, блиску до преносната мрежа, но со задолжително поставување на батериски системи или други начини за складирање на електричната енергија, се со цел намалување на балансните трошоци и капацитети.

Решение и успех пак од ваквата голема поставеност на фотоволтаичните електрани би било кога фотоволтаичните електрани би биле поставени на местата каде се користи електричната енергија, на домаќинствата или пак на индустриските капацитети.  На ваков начин имаме намалени загуби на електрична енергија, немаме дополнителни големи инвестиции во преносната и дистрибутивната електроенергетска мрежа, потребата за балансирање на електроенергетскиот систем и варијабилноста на производство е сведена на минимум, а пак земјоделските површини остануваат сѐ уште земјоделски и ќе можат да се користат само за производство на храна и секаков вид на прехрамбени производи.

За сега, нашиот концепт, за жал, води кон проблем од зголемениот број на фотоволтаични електрани во електроенергетскиот систем, поради концептот тие да се прават на земјени површини. Се надевам дека овој тренд во иднина ќе биде променет и дека се повеќе фотоволтаични електрани ќе имаме на крововите на домаќинствата и индустриските капацитети.

Има ли добри решенија за енергетски задруги или друг начин на инвестирање што би можеле да се имплементираат и кај нас и што би ги опфатил и колективните станбени објекти кои би сакале да инвестираат?

Секако дека има. Не треба да одиме многу далеку и да ги бараме добрите решенија. Одлични решенија за енергетски задруги и енергетски заедници има во Хрватаска, во Грција, па дури и во Србија. Кај нас законот дозволува формирање на енергетска задруга, но сѐ уште фалат јасни процедури, како тоа да се направи, како и подзаконски акти кои ќе ги дадат јасните чекори кои треба да бидат направени за успешна енергетска задруга. И во делот на енергетските заедници постојат одлични примери во нашето соседство, но и во Европа. Доколку сакаме навистина праведна енергетска транзиција, каде сите, ама баш сите граѓани ќе бидат вклучени и ќе имаат бенифит од таа транзиција, треба што поскоро да се направат јасни процедури и да се донесат сите неопходни законски и подзаконски акти како би имале и енергетски задруги и енергетски заедници, формирани од граѓаните. Кога една мала, но многу успешна општина во Хрватска, Копривница, можела и може да успешно да го реализира овој концепт, мислам дека и ние како држава, но и сите општини можат да го следат истиот пример.

Кое е решението за снабдувањето со електрична енергија во зимските месеци и ноќе, кога немаме производство од фотонапонски централи, особено во преспектива кога нема да има поддршка од РЕК Битола и други капацитети на фосилни горива?

Во минатото електроенергетскиот систем се базираше на систем димензиониран на базно и врвно производство на електрична енергија, каде дистрибуираното производство на електрична енергија не беше толку значајно и беше во најголема мерка занемарено, а пак потрошувачите беа разгледувани, како чисти потрошувачи кои неможат да влијаат во голема мера на стабилноста.

За разлика од порано, во денешните модерни електроенергетски системи потрошувачите се клучните субјекти, како во однос на стабилноста, така и во однос на пазарот на електрична енергија. Во денешните системи сѐ повеќе може да се видат потрошувачи кои имаат сопствено производство на електрична енергија, кое во целост ги задоволува своите потреби и активно учествува на пазарот. Потрошувачи кои имаат свои системи за балансирање и складирање на електрична енергија и се скоро независни од електроенергетскиот систем. Вакви потрошувачи ќе гледаме се повеќе и повеќе во иднина, како и сѐ повеќе новини во начинот на оперирање и управување на електроенергетскиот систем.

Но, да се вратам на прашањето, кое беше поврзано со нашиот електроенергетски систем кога во иднина би ги немале главните термоелектрани, односно кога би немале базни производни капацитети. Диверзификацијата на производството на електрична енергија од обновливи извори, поддржано од големи системи за складирање на електрична енергија, како што се пумпно-акумулационите хидроелектрани, системи за складирање на енергија од батериски системи или системи со растопена сола, зголемена енергетска ефикасност е начинот на кој системот ќе работи во иднина. Фотоволтаичните електрани не треба да бидат единствени во системот, туку потребни ни се нови ветерни електрани, хидроенергетски капацитети, нови системи за производство на електрична енергија и топлина од водород, кои во секој момент ќе бидат пратени во работењето со системи за складирање на енергија и кои нема да имаат штетни влијанија врз животната средина.

Енергетската транзиција е реалност која ние како државата треба да ја прифатиме. Колку побрзо станеме свесни за неа и колку побрзо напавиме крупни чекори во правилна насока, толку помали ќе бидат последиците од неа, а поголеми ќе бидат придобивките. Ако едноставно чекаме и останеме заложници на фосилните горива, ќе оставиме огромни проблеми за нашите деца и нашите поколенија, како во делот на животната средина, така и во делот на економијата и економскиот раст и развој.

Сподели!
- Advertisement -