Ѓорѓина и Марио ја креираа апликацијата ДИА, иновативен и бесплатен персонален асистент на лицата со дијабетес

- Advertisement -

ДИА е целосно бесплатна мобилна апликација која им помага на лицата со дијабетес да ја контролираат и менаџираат својата состојба. Дигиталната алaтка, која е дело на Ѓорѓина Ристовска, Марио Мијатовиќ и нивниот тим, е веќе достапна на Google Play на три јазици: македонски, албански и англиски.

Ристовска и Мијатовиќ, во интервју за Иновативност велат дека имаат многу идеи за понатамошен развој на апликацијата, од имплементација на вештачка интелегенција, автоматизација преку интеграција со сензори, апаратчиња и паметни часовници, до додавање на нови алатки за следење и менаџирање на исхраната.

- Advertisement -

Ѓорѓина и Марио, објаснете ни каква мобилна апликација е ДИА.

ДИА е мобилна апликација наменета за активно менаџирање на дијабетесот. Таа претставува дигитална алaтка која на лицата со дијабетес им користи како персонален асистент за контрола на нивната состојба. Корисниците имаат можност да ги внесуваат и следат трендовите на нивното ниво на глукоза со помош на генерирани извештаи на дневно, неделно и месечно ниво. Дополнително, апликацијата им овозможува на лицата со дијабетес редовно следење на крвниот притисок, ХБА1Ц и телесна тежина. Како дополнителна вредност, креиравме алгоритам кој со помош на одговарање на краток прашалник им овозможува на корисниците целосна персонализација на блог содржини кои одговараат на нивниот тип на дијабетес и на нивниот индивидуален начин на живот. Во моментот, ДИА е достапна на Google Play, преведена е на три јазици: македонски, албански и англиски и е целосно бесплатна за преземање и користење.

- Advertisement -

Кои беа причините што креиравте апликација која ги следи параметрите на дијабетесот?

Преваленцата на заболени од дијабетес расте како на глобално ниво, така и во нашата држава. Секојдневно сме сведоци на тоа дека оваа болест не познава граници, претставува еден вид на пандемија и влијае на огромен број на лица, вклучувајќи и наши блиски роднини и пријатели. Па во таа смисла, нашата визија e да ja споиме технологијата и медицинската експертиза во дигитално решение кое ќе им даде можност на лицата со дијабетес да ја контролираат нивната состојба. Се стремиме кон тоа мобилната апликација да биде што е можно поинтуитивна и лесна за користење и да обезбеди едноставен и ефикасен начин за следење на целните параметри и разбирање на факторите што влијаат врз здравјето на лицата со дијабетес.

- Advertisement -

Како лицата кои имаат дијабетес можат да ја употребуваат ДИА?

Моментално ДИА е достапна на Google Play, па со самото преземање и регистрирање на апликацијата, корисниците ќе можат да пристапат до алатките и блоговите содржани во ДИА. При регистрација, можат да го одговорат краткиот прашалник и со тоа целосно да ја персонализираат понудената содржина на блогови согласно нивниот тип на дијабетес, нивото на физичка активност и секојдневниот животен стил. ДИА им овозможува на корисниците на дневно ниво да внесуваат параметри за нивното ниво на глукоза, крвен притисок, ХБА1Ц и телесна тежина и редовно да ги следат тенденциите и промените. Од извештаите за нивото на глукоза, лицата со дијабетес визуелно можат да ги увидат настанатите промени во врска со нивниот шеќер во крвта и подобро да ја разберат нивната здравствена состојба.

Како може технологијата да влијае врз контролата на дијабетесот?

Технологијата може да има значајна улога при контрола на дијабетесот, со самото тоа што овозможува дигитализација и автоматизација на процесите, а со тоа и минимизирање на грешките при мануелна контрола. Постојано сме сведоци на рапидниот развој на технологијата, па зошто истиот да не се искористи за решавање на еден ваков проблем? Со успешна имплементација на развојни технологии како што се вештачка интелегенција и интеграција со сензори, апаратчиња и паметни часовници, целиот процес на дијабетес менаџмент би можел да се автоматизира и лицата кои имаат дијабетес ќе можат ефикасно да ги следат нивните здравствени тенденции, базирајќи се на реална дата, односно на нивната моментална состојба.

Кои се бенефитите за дијабетичарите од користењето на вашата мобилна апликација? Какви информации тие можат да добијат за својата состојба?

Со помош на ДИА, лицата со дијабетес ќе можат активно да ја менаџираат нивната состојба, да препознаваат клучни тендеции, шеми и области кои бараат внимание. Преку анализа на овие клучни елементи, корисниците ќе добијат поголема свест и вредни информации и ќе можат да постават нови цели и прилагодувања кон поздрав начин на живот, секако во консултација со нивниот здравствен тим.

Дали може да ја користат сите лица со дијабетес или само за некој одреден тип?

Мобилната апликација содржи алатки кои можат да ги применуваат лица со било кој тип на дијабетес, односно ДИА е наменета за лица со тип 1, тип 2 дијабетес, гестациски и предијабетес, но примарно е структуирана за лица кои редовно го мерат и следат шеќерот во крвта.

Колку време постои ДИА и колку корисници има досега?

ДИА за прв пат е промовирана во септември 2023 година и досега има повеќе од 90 корисници. во моменот е промовирана само на нашиот пазар, но со понатамошен развој и имплементација на нови алатки, нашиот план е да се прошириме и на други пазари.

Какви се вашите планови за иднина?

Како што кажавме погоре, технологијата рапидно се менува и апсолутно може да се искористи за скалирање на мобилната апликација. Имаме многу идеи за понатамошен развој, но моментално целиме кон имплементација на вештачка интелегенција, автоматизација преку интеграција со сензори, апаратчиња и паметни часовници, како и додавање на нови алатки за следење и менаџирање на исхраната се со цел ДИА да се развие до степен на сеопфатно решение за менаџирање на дијабетесот.

Сподели!
- Advertisement -