EУ воведува нова давачка! Македонските компании навреме да се подготват за Механизмот за јаглеродно гранично прилагодување!

- Advertisement -

Интервју со д-р Златко Ветеровски, помошник директор на Секторот за меѓународна соработка, проекти и европска интеграција во Царинската Управа на Република Северна Македонија

Новинар: Верица Јорданова

- Advertisement -

Г-н Ветеровски, за почеток ве молам да не запознаете со Механизмот на ЕУ за јаглеродно гранично приспособување. За каква мерка станува збор и на кого се однесува?

Механизмот за јаглеродно гранично приспособување е механизам на ЕУ воведен со цел ЕУ да ги достигне предвидените цели за климатска неутралност односно програмата Фит 55 која предвидува до 2030 година за 50% да се намалат емисиите на CO2, а во 2050 година ЕУ да биде целосно климатски неутрална. Од тие причини ЕУ како глобален лидер за декарбонизација го воведе овој механизам како еден одбранбен механизам за да може да се постигнат тие цели. Разликата меѓу постоечкиот систем за јаглеродно оданочување, таканаречениот ЕТС – Систем на тргување со емисии е што тој механизам се покажа релативно неефикасен бидејќи голем дел од компаниите во ЕУ кои требаше да плаќаат јаглеродна давачка преку ЕТС сертификатите почнаа да го селат производството од ЕУ во земји каде што нема такви давачки. ЕУ почна да се плаши дека целокупната челична индустрија ќе се пресели надвор од ЕУ, во Индонезија, Кина, Азија и други земји затоа што таму нема јаглеродна давачка. Втората причина е што ЕУ првенствено е создадена како заедница на јаглен и челик и тоа е клучниот начин на функционирање. Од страв да не останат без овие стратешки суровини и затоа мораше да го спречат натамошното селење на индустријата надвор од ЕУ.

- Advertisement -

Клучната причина за ЕУ да го воведе овој механизам е т.н. феномен на јаглеродно истекување, односно засилување на напорите ЕУ навистина да стане климатски неутрална и енергетски ефикасна на тој начин што со Механизмот за јаглеродна давачка при увоз ќе се овозможи сите оние коишто увезуваат во ЕУ да плаќаат јаглеродна давачка за производите кои подлежат на овој механизам и на тој начин ќе бидат во иста позиција и производителите и увозниците што во постоечкиот систем го имаа само производителите.

Кога започна да се применува овој Механизам?

- Advertisement -

Механизмот започна да се применува на 1 октомври 2023 година во една пилот фаза која транзиционо ќе трае до 31 декември 2025 година, а вистинската примена односно плаќањето на јаглеродната давачка при увозот во ЕУ ќе почне на 1 јануари 2026 година. Воведен е преоден период од нешто повеќе од 2 години на кој треба да се види како механизмот ќе се применува. На 1 октомври 2023 година регулативата стапи на сила, сите субјекти кои увезуваат во ЕУ имаат обврска да ги искажуваат емисиите на CO2 кои се вградени во нивните производи. Во периодот до 1 јануари 2026 треба само да ја искажуваат количината на вграден јаглерод, по што ќе треба да имаат добиено одобренија за овластени увозници. Секоја компанија во ЕУ за да може да увезува производи кои подлежат на оваа регулатива (цемент, електрична енергија, водород, алуминиум, железо и челик) треба да имаат одобрение за увоз и од јануари 2026 треба да плаќаат јаглеродна давачка врз основа на тоа колку CO2 има вградено во нивните производи. Во овој двегодишен транзиционен период компаниите кои увезуваат во ЕУ треба да поднесуваат 3-месечни извештаи до ЕУ и до соодветните надлежни тела и да наведат податоци за вкупните количини за увоз по тарифни ознаки, количини, вредност и земја на увоз и колку CO2 има вградено во нивните производи. Од плаќање на механизмот ќе бидат исклучени оние увозници кои ќе можат да докажат дека увезуваат производи од земји во кои има воспоставено систем на јаглеродни сертификати и врз основа на тие извештаи ќе може да се споредува, дали треба и во колкав износ да плати јаглеродна давачка.

Во суштина нема изземање за ниедна земја, освен за оние земји кои имаат воведено ЕТС – систем на тргување со емисии.

Кои домашни индустрии се/ќе бидат најзасегнати од овој Механизам и како примената на Механизмот на ЕУ за јаглеродно гранично приспособување ќе влијае врз нив и врз севкупниот извоз од земјава на ЕУ пазарот?

Група на производи кои се опфатени во овој транзиционен период се: цемент, железо и челик, алуминиум, водород, електрична енергија и вештачки ѓубрива. Под овие категории спаѓаат многу производи, вклучително лимови, конзерви, садови, завртки и т.н. За Северна Македонија клучни индустрии според податоците кои ги имаме, најзасегнати, според количините и вредноста на извозот, се индустријата на железо и челик, цемент, па алуминиум и електрична енергија. Зошто? Затоа што според податоците за 2023 година од 8,3 милијарди евра извоз, на железо и челик отпаѓаат околу 900 милиони евра што значи дека голема количина и вредност од целокупниот извоз на земјава отпаѓа на оваа индустрија.

Ефектот на воведувањето на јаглеродната давачка при увоз во ЕУ може да влијае неповолно од причина што доколку во транзицискиот период не се воведат механизми на јаглеродно оданочување во Македонија со цел да бидат изземени, сите тие индустрии ќе подлежат на плаќање на јаглеродна давачка при увоз во ЕУ. Тоа секако ќе влијае на конкурентноста и не треба да заборавиме дека индустријата на железо и челик и за нас е стратешка.

Дали компаниите кои ќе бидат засегнати од имплементацијата на Механизмот се информирани за навреме да започнат да се подготвуваат?

И да и не бидејќи ЕУ има спроведено кампања која го објаснува механизмот, но тука првенствено треба да бидат коморите и граѓанските здруженијата кои треба да ги информираат компаниите. Компаниите непосредно се информираат врз основа на нивните добавувачи, но и ние како Царинска управа бевме доста активни во објаснување на овој механизам на економските оператори. Причина повеќе што овој механизам како регулатива, потпаѓа во Поглавјето 29 – Царинска унија.

Компаниите кои се дел од големи светски компании главно информациите ги добиваат од нивните централи. Тие имаат поголем капацитет, но она на што треба најмногу да се работи се малите и средни компании кои немаат голем капацитет. Формуларите, односно извештаите за пополнување се доста сложени. Пример, покрај основните податоци се бараат и географски координати за да можат преку европските сателити да проверат дали таа компанија навистина има вградено фотоволтаици. Тие имаат механизми и да измерат дали она што го искажала компанијата е точно или не. Класичните теории на компаративна предност веќе не важат затоа што сега поконкурентни ќе бидат компаниите кои имаат повисоко ниво на декарбонизација односно кои користат зелена енергија. Тоа е една од новите предизвици – декарбонизацијата и сигурноста на економијата ќе бидат поклучни економски фактори отколку конкурентската предност.

Која институција од јавниот сектор е задолжена за следење на примената на овој Механизам и дали е потребна е меѓуинституционална соработка?

Процесот на декарбонизација во нашата земја е надлежност на Министерството за животна средина и Министерството за економија, бидејќи тие веќе имаат започнато активност за можност за воведување на јаглеродна давачка во Северна Македонија со цел да се амортизира овој негативен ефект, односно македонските компании да бидат ослободени од плаќање на оваа давачка при увозот во ЕУ. Во предлог законот за климатска акција е воведено дека и Северна Македонија ќе воспостави систем на издавање сертификати за наплата на јаглеродната давачка. Во пракса ова значи колку побрзо ја воведеме давачката за емисија на јаглерод за македонските компании прво ќе бидеме ослободени од плаќање на таа давачка во ЕУ и второ државата ќе има многу повеќе пари за понатамошна декарбонизација и вложување во зелена енергија.

Други институции кои се засегнати е Царинската управа бидејќи Механизмот за јаглеродна давачка е дел од европското царинско законодавство и во процесот на приспособување со ЕУ и ние мора да бидеме подготвени и да имаме ист таков систем како земјите членки на ЕУ. Постои меѓуинституционална соработка која верувам дека во оваа и наредната година ќе биде уште интензивирана со цел да бидеме поконкурентни на европскиот пазар.

Дали на ниво на државата постои стратегија за поддршка на приватниот сектор при имплементација на Механизмот и што треба да вклучува таа поддршка?

Да постои и големи напори се направени во Планот на ЕУ за раст на Западен Балкан при што нашата Влада со Европската Комисија во една од 5-те приоритети предвидуваат декарбонизација. Од вкупно 6 милијарди евра кои се предвидени за периодот 2024-2027 на Македонија треба да и припаднат околу 876 милиони и нашите очекувања се дека во втората половина на 2024 може да повлечеме 7% од тие пари односно околу 60 милиони евра ќе ни бидат на располагање. Во тој план за раст на Западен Балкан кој ќе биде финансиран делумно преку грантови и делумно преку заеми, во еден од приоритетите – декарбонизацијата се предвидени неколку активности: воведување на сертификати за јаглеродна давачка, потоа воведување на акредитирана лабораторија која ќе ги мери емисиите на СО2, и воспоставување на регионален енергетски пазар на којшто ќе може да се мерат количините на CO2 во прометот на електрична енергија. Врз основа на овој план се изработува акциски документ чијашто реализација ќе се следи на секои 6 месеци.

Важно е да се спомене е што во моментов при изработката на извештаите за извоз треба да искажат кое е нивото на CO2 кое е вградено во нивните производи врз основа на вистинската количина на вграден јаглерод во производите кои ги произведуваат и извезуваат. Меѓутоа таа емисија треба да биде верификувана од независно тело и акредитирана лабораторија. Проблемот е што немаме такво тело во моментов и што за сите земји кои немаат такво верификационо тело Европската Комисија има објавено референтни податоци. Северна Македонија има постигнато многу висок степен на декарбонизација во однос на земјите од соседството. Кај нас околу 50% од енергијата се произведува од обновливи извори. Важно е да имаме независна лабораторија што ќе ги потврдува вистинските емисии на CO2 бидејќи сегашните емисии кај нас се многу пониски отколку просечните кои ги има дадено ЕУ. Ако не го решиме ова до 2026 година кога ќе почне да се применува механизмот компаниите ќе плаќаат многу повеќе.

Дали веќе има барања од приватниот сектор спрема Царинската управа за помош во исполнувањето на барањата кои се воспоставуваат со Механизмот?

Компаниите веќе им истекува рокот за доставување на извештај, компаниите мора да им пратат извештаи колку CO2 има вградено во нивните производи на увозниците во ЕУ. Компаниите, особено малите и средни, се јавуваат и бараат помош и консултација при пополнување на овие извештаи. ЕУ препорачува секоја компанија да има менаџер за спроведување на оваа регулатива.

Во извештаите треба да го прикажат и потеклото на суровините. Ако увезувале суровини од ЕУ треба да докажат дека во таа веќе била платена јаглеродна давачка преку нивниот систем ЕТЦ и врз основа на тоа да се изврши пребивање.

Вие бевте дел од информативната сесија за Mеханизмот која Активноста на УСАИД Партнерства за економски раст ја организираше во соработка со Стопанската комора на Северна Македонија. На неа беа присутни голем број претставници од приватниот и јавниот сектор. Кои беа заклучоците од таа сесија и барањата на учесниците?

Соработката на Царинската управа со УСАИД преку Активноста Партнерства за економски раст е одлична и учествувавме во една информативна кампања преку која го претставивме овој механизам. Имаше голема посетеност, се разви голема дискусија и еден од заклучоците е дека за Северна Македонија ќе биде добро што побргу да го воведе системот на оданочување на јаглеродните емисии со цел да бидеме ослободени од плаќање на јаглеродната давачка при увозот во ЕУ. Второ, потребна им е помош во однос на пополнување на извештаите, осознавање на начините за мерење на емисиите и нивно искажување. Бараат што побргу да се воспостави акредитирано тело кое ќе ги верификува емисиите бидејќи големите компании кажаа дека користат енергија што содржи помалку CO2 од референтните износи на ЕУ.

Потребни се уште обуки, дополнително надградување на знаењата и капацитетите со цел да се задржи конкурентската предност.

11. Кои се следните чекори и политики кои треба да се имплементираат во земјава за да се амортизираат ефектите од примената на Механизмот?

Донесување на подзаконските акти и правилници од Законот за климатска акција е следен важен чекор. Воспоставувањето на тоа акредитирано тело, за што се бара странска помош и експертиза, исто така е следен важен чекор. Ние како Царина ја проучуваме регулативата и започнуваме со подготовки. Сè уште не се знае која институција ќе биде надлежна за спроведување на овој механизам односно за издавање на одобренија и лиценци за увоз. Тоа треба бргу да се одлучи за да може и навреме да започнат сите подготовки. Крајна цел да се овозможи што полесна примена на Механизмот и притоа да не се намали конкурентската предност на домашните компании особено ако се земе предвид големата важност на извозот на железо и челик од нашата земја.

Неопходна е апсолутна мобилизација на сите институции, на приватниот сектор и стопанските комори за да се неутрализираат евентуално негативните ефекти.

Сподели!
- Advertisement -