Кристијан и Стефан го создадоа SCOOP Artisan Gelato, уникатен македонски сладолед по рецепт од старите тефтери

- Advertisement -

Кристијан и Стефан Стефановски се браќа, но и бизнис партнери, кои веќе шест години се познати по својот бренд, SCOOP Artisan Gelato, иновативен и уникатен македонски сладолед, создаден по рецепта од старите тефтери на нивната мајка. Нивните специјализирани камиончиња се одамна препознатлив дел од Градскиот парк во Скопје, каде може да се уживаат сите 14 вкусови на познатото џелато.

Трпеливо но, сигурно, двајцата браќа целат нивниот бренд да го прошират низ целата земја, но сакаат да ги освојуваат и странските пазари. Во интервју за Иновативност, Кристијан ја раскажува приказната за SCOOP Artisan Gelato. Тој вели дека и двајцата сакаат предизвици и сигурни се дека се што замислиле и ќе реализираат.

- Advertisement -

Новинар – Сања Наумовска

Кристијан, како почна приказната на SCOOP Artisan Gelato?

- Advertisement -

Сосем случајно. По завршувањето на правните студии во Република Македонија, заминав во САД, каде работев шест месеци. Тоа беа најтешките месеци во мојот живот. Се работеше секојдневно по 12 часа, шест дена во неделата. Секое слободно време што го имав додека бев во САД размислував како да се вратам дома, а да заработувам повеќе од една потпросечна плата како приправик во адвокатска канцеларија. Имав неколку бизнис идеи, меѓу која и денешната и реализирна идеја, да произведувам и продавам сладолед во Градски парк во Скопје од специјализирано камионче за таа намена. Не знаев ништо за сладолед, само знаев дека на паркот му фали ваква работа. Кога конечно се вратив дома решен да ја реализирам бизнис идејата, разговарав со мојот помал брат Стефан, тогаш студент, а сега партнер во бизнисот, и му предложив да работиме заедно. По неколку месечни разговори и обработка на бизнис планот и моделот во 2016 година, со средствата заработени од САД го отворивме SCOOP ARTISAN GELATO во Градски парк во Скопје.

На почеток бевме конфузни и дезорентирани. Немавме никакви познавања за џелато и водење на бизнис воопшто. Тука на помош се најде нашата мајка која е искусен мајстор во слаткарството и со некои стари рецепти за џелато напишани рачно во нотес, кој го извади од некоја фиока целиот во прашина, ни беше добра основа. Меѓутоа не застанавме на тој нотес со стари рецепти. Постојано истражувавме, пробувавме, читавме книги, посетувавме курсеви, како и саеми. Знаевме дека, не само што сакаме да произведуваме и продаваме џелато, сакавме тоа да биде со највисок квалитет со природни состојки, без додатоци на бои и ароми, и си ветивме дека со квалитетот никогаш нема да правиме компромиси. Луѓето кога ќе го пробаа нашиот сладолед постојано даваа позитивни коментари за квалитетот и вкусот. Тоа ни даваше кураж да продолжиме понатаму и дека сме на вистинскиот пат да успееме.

- Advertisement -

Така решивме, после две години, да отвориме и своја бренд продавница во Карпош 1, до Центар за странски јазици. На почетокот беше тешко затоа што луѓето сѐ уште не нѐ пропознаваа како бренд. Меѓутоа верувавме дека оние кои ќе се осмелат да пробаат, ќе го препознаат квалитетот, ќе се вратат повторно и ќе станат наши лојални купувачи. Честопати ни велеа зошто не го пакуваме сладоледот за да може да се понесе и дома, што го сфативме како предизвик и шанса да го зголемиме нашиот бизнис. По неколкумесечни истражувања и проби заклучивме дека нашето џелато не е погодно за продажба во малопродажба. Не е индустриско и програмирано да трпи големи промени на температура, туку да се јаде веднаш. Поради овие причини се сконцентриравме на ХОРЕКА секторот, каде даваме наши брендирани ладилници кои ладат на идеална температура и сладоледот се послужува веднаш. Во овој случај хотелите, рестораните, кафетериите можат да изберат две варијанти и тоа: тегла-чашка или сладолед на топка. Во моментов соработуваме со преку 60 ХОРЕКА локали во Скопје и околината.

Што е уникатноста на вашето џелато?

Уникатноста е во тоа што се изработува исклучително од природни намирници. На пример, ако јадете сорбет од јагода, малина или манго имате чувство дека јадете вистинско овошје затоа што при обработка користиме исклучиво вистинско овошје. Таков е примерот и со џелато од лешник, ванила, чоколадо, мојот омилен фстак и сите други 14 вкусови. Ваков тип на сладоледи со овој квалитет и ARTISAN начин на производство нема на пазарот во малопродажба и во ХОРЕКА и тоа не прави уникатни сами по себе. И секако, тука е уникатната и единствена амбалажа која ни гарантира дека џелатото безбедно ќе стигне од продавниците до дома.

Каква е реакцијата на потрошувачите, имаат ли омилен вкус?

Како што кажав, генерално реакциите на нашите потрошувачи се позитивни и во суперлатив. Секако, понекогаш се случува и да добиеме понекоја критика и сугестија. Тие се здрава работа, отворено ги прифаќаме, анализираме и така се подобруваме. Што се однесува до омилениот вкус кај потрошувачите, тоа е секако е кралот на вкусовите, неговото височество чоколадото.

Како дојдовте на идеја да се приклучите на предизвикот „Стартап херои“?
Желбата да влеземе во малопродажбата не згаснуваше, но истовремено бевме свесни дека не сакаме да правиме компромиси со квалитетот на џелатото. Од таа причина дојдовме до идеја да го пакуваме во специјализирана амбалажа која нема да дозволи големи влијанија од надворешната температура.

Се работи за иновативна амбалажа во која џелатото може да издржи до два часа на надворешни температури без да ги промени своите својства, а истовремено е и реупотреблива. Во периодот кога го развивме концептот за амбалажата, дознавме дека Фондот за иновации и технолошки развој отвара јавен повик „Стартап херои“, подржан од Тинекс и ИМЕ. Веднаш знаев дека тоа е вистинскиот предизвик за нас и навистина беше одличен катализатор нашите сладоледи да се најдат на полиците во маркетите и да бидат соодветно промовирани. Аплициравме, потенцијалот го препознаа во ФИТР и за наша среќа бевме едни од добитниците на тој повик.

Така, во моментов, освен во HORECA локали сме присутни и во десет Тинекс маркети, како и на oнлајн маркетот Paket.mk, сервисите за достава до дома како „Корпа“, „Кликни-јади“, една бренд продавница, како и на две мобилни локации во Градски парк.

Исто така правиме и кетеринг и присуствуваме со нашето џелато на секакви настани, приватни и корпоративни. Можеме да се пофалиме дека големи корпорации не ангажираат на нивни интерни или јавни настани и проекти. Дури правиме и private label доколку тоа го побара клиентот.

Кои се вашите планови за во иднина?

Како компанија работиме трпеливо, внимателно и освојуваме постепено. Следна цел е нашите производи да станат присутни насекаде на територијата на Македонија. Но, тоа не е нашата крајна цел. Ќе работиме интензивно и на тоа нашите прозводи да ги пласираме надвор од границите на нашата земја. До сега се што замисливме остваривме, верувам дека и овие планови за во иднина во вистинско време ќе ги реализираме.

Сподели!
- Advertisement -