Заштитата на Охридското Езеро, но и сите води генерално, со обезбедување на одрживо пловење по нив во електрифицирани пловни објекти е идејата на која работат иноваторите Иван Спасески и Миле Шошевски. Замената на класичните мотори со внатрешно согорување и искористување на енергијата од сонцето е еколошки, но и економски одржлив модел, што ќе се развива во Македонија.
Спасески и Шошевски развиваат концепт за електрификација на кајчињата и бродовите што треба да обезбеди подобрување на квалитетот на животната средина и заштеда на енергија, но нудат и уште една новина, а тоа се електричните сурф и СУП даски, како еколошка опција за дополнување на туристичката понуда.
Новинар – Сања Наумовска
Иван и Миле, работите на проект за електрификација на пловни објекти, кажете ни повеќе детали.
Идејата на овој проект е воведување концепт понуда за одржлив систем за поддршка на електрични пловни возила. Основа на системот за поддршка на електрични пловни возила е замена на постојните мотори на кои работаат пловните возила (кајче, брод, катамаран и сл.) со електричен мотор -пропулзија. Системот за поддршка се состои од понуда за надградба во електричен погон заедно со изградба на точки за напојување, поставени на оптимални растојанија во делокругот на движење на пловните возила. На овие точки ќе бидат поставени фотоволтаични станици за полнење, а притоа секој корисник ќе има два или повеќе сетови на батерии така што додека едниот сет е во употреба, другиот се полни.
Концепт понудата е воведување нов начин на функционирање кој нуди подобрување на квалитетот на животната средина од повеќе аспекти, заштеда кај сопствениците на пловните објекти и унапредување на моменталниот систем на работа.
Како новитет заедно со концепт понудата, е воведување на електрични сурф и СУП даски како додаток на постојните рекреативни активности со цел правилно искористување на природните езерски убавини и градење на по еколошка животна средина од една страна, а од друга зголемување на туристичката понуда на еден од нашите најпознати туристички дестинации – градот Охрид.
Моменталната состојба на батериската техниката има добро, но ограничувачко дејство во подолготрајна употреба, кое делува на радиусот и времето на користење на возилото. Од друга страна, типот на надополнување директно влијае врз квалитетот и долготрајноста на батериите, што исто така бара време. Ако се воведе систем на надополнување на два или повеќе сетови на батерии, така што едниот сет е во употреба, а другите се полнат, возилото ќе може да го продолжи своето дејство со краток прекин. Системот првично ќе биде наменет за туристичките и рекреативни кајчиња во Охрид, каде што своите мотори на внатрешно согорување ќе бидат заменети или надополнети со електричен погон, а притоа опслужени со батерии според потребите без да има чекање за полнење. Втората цел е изработка на интерно развиен електричен погон, што покрај понудата на познати производители, ќе се нуди на крајниот корисник.
Кога започна проектот и во која фаза на развојот е во моментот?
Идејата за овој проект преставува комбинација од претходно искуство во изработка на електрично возило – електричен картинг, анализа на ситуацијата со пловната флота во Охрид, како и анализа на глобалните пазарните можности на ново настанатата индустрија за конверзија на возила во електрични. Со поддршка од ФИТР, преку повикот Стартапувај 3, почнавме како тим и преминавме во стартап.
Засега оваа индустрија е со доминантен сегмент на DIY (Do It Yourself- направи сам), особено во делот на спортско-рекреативни возила како што се скирол, скутери, двоседи, SUP-даски, windsurf даски и особено e-foil даски. Се забележува продор и во индустријата на чамци, глисери и хидро-глисери. Засега тоа е на ниво на додатоци за самостојни конверзии и мал дел со целосни производи, но со скапа понуда. Односот на цената со концепт Направи-Сам и готов производ е помеѓу 6 и 10 пати со што создава големи пазарни можности. Од друга страна, пазарот поточно потенцијалите на пазарот постојат соодветно на прифатеноста и побарувачката од клиентите. Општествената и социјалната свесност за подобноста од електрификација е на завидно ниво, но сепак тоа не е доволно да ја зголеми прифатеноста. Тука е и целта на овој проект, создавање на свесност за прифаќање преку систем кој ќе го подржи тоа. Спомнатата индустрија има свои предизвици, но најголем е напојувањето, поточно батериите.
Претходната сезона (лето 2023) направивме и тестиравме конверзија на обична surf даска и чамец на сопствено развиен електричен погон со команди кои ќе се користат за презентација, за изнајмување и подоцна како производ за интернационален пазар. Истиот развиен електричен погон, ќе се понудува како адаптер –погон за SUP даски за веслање, кои во последните години имаат голем наплив на пазарот.
Имавме чест електричниот чамец да го презентираме на висока дипломатска делегација од Р. Германија во август 2023, на кратка рута по Охридското езеро.
Објаснете ни како треба да изгледа едно вакво пловило?
Симплифицирано, кај секое пловило погонот е составен од пропулзија и извор на енергија. Ако за пример ги земеме чамците, пропулзијата е од погонски елемент мотори со внатрешно согорување приклучен на механизам со елиса или турбина, додека изворот на енергија е од горивото кое е сместено во резервоарот. Сличен систем е кај електричниот погон, каде пропулзијата е електромотор со елиса или турбина. Може да е директно поврзан на оската на електромотор или индиректно преку преносен механизам. Изворот на енергија е од батерии кои се контролираат преку соодветен електричен уред.
Нашиот систем е сличен со тоа што преправивме еден мотор со внатрешно согорување за кајче, познатата „пента“ или Томос пет-ка. Го извадивме моторот и на истата рамка ги сместивме командите, контролерот и електромоторот со елисата. Притоа батериите беа сместени во посебен контејнер со специјални приклучоци. Целта ваквата пренамена, освен поедноставена припрема, беше да влијаеме на демографскиот менталитет за прифаќање на ваквата технологија и предностите кои ги носи со себе.
Како треба да функционира целиот систем, колку и каква инфраструктура е потребна да се направи?
Нашата идеја е воведување и промоција на електрични пловни возила преку циркуларен систем на полнење на батериските системи во комбинација со фотоволтаици и регуларно напојување. Да, за тоа треба инфраструктура од полначи, стратегиски поставени на одредени места на Охридското крајбрежје и достап на електрична мрежа до нив. Тоа пред се го гледаме како остварување на стратегиска соработка со Општина Охрид, како еден вид на јавно приватно партнерство. Дополнително, како поддршка, се планира и мобилен ФВ полнач во обликот на подвижно кафуле поставено на самоносечки трицикл шанк кој би циркулирал на охридска ривиера. Имаме изградено демо станица со капацитет од 3kW за презентација и тестирање на нашите системи, а наскоро и мобилниот полнач ќе биде готов.
Кои се целите кои сакате да ги постигнете со оваа иновација? Дали само еколошки или има и економски предности?
Како инженери и двајцата не погоди ситуацијата со издувните гасови, а и севкупно состојбата на водите во Охридското езеро. Ако се има предвид, дека издувните гасови на моторите на кајчиња доминатно се испуштаат директно во водата на езерото, на тоа ако се додаде дека многу од нив се двотактни мотори со внатрешно согорување, се соочуваме со сериозно загадување. Тоа беше иницијалниот мотив, да смениме нешто околу тоа.
Иако има елемент на промоција и подобрување на прифаќање на еколошки решенија од популацијата, секако дека гледаме економски предности. Претходно спомнавме дека целта ни е воведување на наши решенија кои за сега се со фокус кон рекреативни пловни возила.
Кои се предизвиците со кои се соочувате во постигнувањето на целта и реализацијата на овие пловила?
Имаше доста предизвици, како технички, така и со поддршката од ФИТР. Најголем проблем беше достапот до квалитетни батериски системи, со кои можеме да гарантираме одредени пловни карактеристики на системите кои ги нудиме. Веќе имаме остварено сериозни деловни контакти со неколку производители, соодветно ќе може да градиме посигурни производствени капацитети. Од друга страна увидовме и нови потенцијали за насоки на развој.
Работите на електрифицирана суп даска. Кажете ни до каде е развојот?
СУП даската, поточно адаптерот со пропулзија е веќе готов и ова лето ќе биде достапен на Охридско езеро. Веќе разгледуваме локална соработка со фирма која нуди СУП услуги. Најпрвин тие ќе може да ги тестираат и соодветно да ги воведат како дел од нивната понуда. Минатата година ги финализиравме сите елементи, а тест СУП и тест сурф даска беа пробани на езерски и морски води. За сега имаме, околу 4 до 4,5 часа електрична пропулзија, а ова лето планираме да го зголемиме тој капацитет за 50%.
Дали размислувате или работите на комерцијализација на електричните пловила? Колку тоа е изводливо во македонски услови?
Уште на самиот почеток имавме намера за комерцијализација, секако како што ги развивавме и добиените искуства ни дадоа јасни насоки за тоа што да развиваме. Покрај претходно кажаното предизвици имало и ќе има, од досегашно искуство убедени сме дека има услови и капацитети за производство во Македонија. Како и кај другите индустрии, човечки и финансиски ресурси се најголемите предизвици.
Кои ви се таргет-пазарите?
Како наша целна група ги сметаме сите спортско-рекреативни корисници на пловни објекти (сурфери, кајакари, суп-корисници), Регистрираните лица кои вршат туристички превоз со чамец, и сите сопственици на чамци. Може да издвоиме тука, не само на Охридско Езеро, целиме да се прошириме и на другите водни површини кои располагаат со некаков вид на превоз или рекреација со пловни објекти во нашата држава. Имаме направено иницијални контакти со фирми од Швајцарија и Италија. Но, прво да се „докажеме“ на домашен терен.
Какви се вашите планови за во иднина?
Првична цел е да го „зазелениме“ Охридското езеро со сите уреди и производи кои ги планираме и да продолжиме глобално. Понатака, имаме намера да развиеме нов модел на даска со хидро крила (e-foil) и негова варијација како нов вид рекреативно пловило.