Највисокиот камп на највисоката планина во светот, Монт Еверест, е преполн со ѓубре за кое ќе бидат потребни години за да се исчисти, велат од тимот кој годинава го чистеше ѓубрето и ги отстрануваше телата во близина на врвот.
Само за време на оваа сезона на искачување на Еверест, која траеше од март до мај, тим составен од војници и локални шерпаси и финансиран од владата на Непал отстрани дури 11 тони ѓубре, четири тела и еден скелет.
Велат дека на последната станица за одмор на планинарите пред да стигнат до врвот на Монт Еверест, кој се наоѓа во таканаречената зона на смртта, на надморска височина од 7.906 метри, може да има дури 40-50 тони ѓубре.
Таму ѓубрето е главно од стари шатори, некои пакувања со храна, боци со кислород и јажиња кои се користат за качување и врзување шатори, велат и додаваат дека ѓубрето таму е замрзнато.
Откако врвот на Монт Еверест првпат бил освоен во 1953 година, околу 12.000 планинари се искачиле на него, а многумина оставиле ѓубре.
Во последниве години непалската влада бараше од планинарите да го вратат своето ѓубре или ќе се соочат со високи казни, што заедно со зголемената еколошка свест на планинарите значително го намали количеството ѓубре што останува на Еверест. Сепак, тоа не беше случај во претходните децении.
Поголемиот дел од ѓубрето останува од постарите експедиции. Според чистачите, причината поради која планинарите оставиле толку ѓубре е затоа што на таа голема надморска височина животот е многу тежок и има многу малку кислород. Така, планинарите и нивните помошници шерпаси се повеќе фокусирани на спасување.
Шерпасите во тимот собирале ѓубре и тела од повисоките височини, додека војниците работеле со недели на пониски височини и во областа на базниот камп за време на сезоната на искачување, кога временските услови се поповолни.
времето било голем предизвик за нивната работа во областа на последниот камп наречен Јужен премин, каде што нивото на кислород е околу една третина од нормалното количество, а ветровите можат брзо да се претворат во виулици и таму се многу ниски температури. Ископувањето ѓубре е исто така голема задача, бидејќи е замрзнато во мраз и кршењето на мразот не е лесно.
(Bizlife)
(фото: Pixabay)