Венеција ја завршува пилот-програмата со која на туристите им го наплатуваше влезот во историскиот центар на градот. Сега локалните власти се побогати за повеќе од 2 милиони евра и решени се да ја покачат цената на данокот за 100% во иднина, додека противниците оваа идеја ја нарекуваат неуспешен експеримент.
Во текот на првите 11 дена од пробниот период во градот биле забележани во просек по 75.000 посетители. Властите велат дека тоа е 10.000 повеќе секој ден отколку на три индикативни празници во 2023 година, наведувајќи ги бројките дадени од градот врз основа на податоците за следење на мобилните телефони на луѓето што го посетуваат градот.
Венеција годинава ја воведе долго дебатираната такса за еднодневно патување во периот од 29 дена, главно за викенди и празници, од 25 април до средината на јули. Проектот, кој беше одложен поради пандемијата, го најавија земјите-членки на УНЕСКО кога решија да се спротивстават на препораката градот да се стави на листата со загрозено светско наследство.
Во последните два и пол месеци речиси 438.000 туристи го платиле данокот, со што се остварил приход од околу 2,19 милиони евра. Официјалните лица велат дека парите ќе бидат искористени за основни услуги, кои чинат повеќе во градот каде што поминуваат канали, вклучително и отстранување на ѓубрето и одржување.
Одлуката не се однесуваше на лицата кои престојуваат во хотелите во Венеција, на кои веќе им се наплаќа туристичка такса. Исклучоци има и за децата под 14 години, жителите на регионот, студентите, работниците и луѓето кои ги посетуваат роднините, меѓу другото. Највисокиот градски функционер за туризам, Симоне Вентурини, посочи дека данокот ќе биде продолжен и зголемен. За следната година се разгледува предлог данокот да се удвои на 10 евра, изјави градскиот портпарол.
Надлежните ветија и големи казни за оние кои ќе се обидат да избегнат плаќање, но на крајот ниту една не беше изречена. Проверки се вршеле на влезните места каде што биле издадени, а ги имало меѓу 8.500 и 20.800. Градските власти велат дека тоа е затоа што сакале дискретно спроведување на одлуката, додека критичарите велат дека тоа резултирало со пад на плаќањето бидејќи посетителите сфатиле дека нема ризик ако не платат. Противниците на планот велат дека проектот не успеал да го направи градот попогоден за живеење за локалното население, како што било планирано.
Тие сакаат политика која го охрабрува враќањето на локалното население во историскиот центар на градот, кој со децении ги губи жителите. Сега во историскиот центар има повеќе туристички легла отколку официјални жители, чиј број е рекордни 50.000.
(Bizlife)
(фото: Flickr)