Во средата, цената на германиумот на физичкиот пазар во Кина скокна за речиси една третина на рекордни 13.250 јуани (1.826,48 долари) за килограм, покажаа податоците од специјализираната компанија за информации за пазарот Шангај Металс Маркет (SMM).
Од август минатата година и стапувањето во сила на извозните рестрикции, тие се зголемени за 38 отсто и покрај очекувањата дека подобрената понуда на домашниот пазар ќе го ограничи нивниот раст.
Неколку извори во секторот, кои не сакаа да бидат именувани изјавија за Ројтерс дека вчерашниот скок на цените бил поттикнат од шпекулациите дека кинеската управа за стратешки резерви купила околу 100 метрички тони германиум по непозната цена.
Администрацијата не одговори веднаш на барањето на Ројтерс да ги коментира информациите од неименувани извори.
„Приказните на пазарот го подигнаа расположението и ги стимулираа цените, но сакаме да бидеме внимателни бидејќи скокот се базира премногу на шпекулации, па многу брзо би можеле да бидеме сведоци на корекција на цената“, вели кинескиот трговец со германиум.
Цените се поддржани и од зголемената побарувачка неодамна, и во Кина и во странство, рече еден кинески извозник.
„Неодамна, добивме многу барања од Јапонија и Јужна Кореја за германиум оксид“, рече неименуван извор. Кинескиот извоз на германиум се преполови во првите пет месеци од оваа година во споредба со истиот период минатата година и се лизна на 11,08 тони. Вредноста на испораките во исто време се зголеми речиси за четири пати, покажуваат податоците на царината.
Извор – Seebiz.eu
Фото – Hi-Res Images ofChemical Elements, CC BY 3.0 https://creativecommons.org/licenses/by/3.0, via Wikimedia Commons