Интервју со проф. д-р Миле Маркоски, Факултет за земјоделски науки и храна при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје
Декане, Вашиот матичен факултет отвора нова студиска програма за дигитално земјоделство. Колкава е потребата од создавање нов тип дигитални земјоделски инженери?
Факултетот за земјоделски науки и храна-Скопје во својата долгогодишна традиција е лидер во образованието и науката во областа на земјоделските науки и храната. Оттаму, следејќи ги потребите на стопанството, младите па и целиот земјоделски сектор пошироко од секогаш бил и предвесник во воведувањето на нови студиски програми во согласност со Болоњскиот начин на студирање.
Живееме во ера на огромен и многу брз технолошки развој, при што без дигитализацијата на сите процеси и одржливоста на секторот станува дискутабилна. Мора да истакнам дека дигитализацијата не е непозната за нашата земја. Уште пред речиси дваесет години била присутна во производството во големите индустрии и во земјоделските комбинати. Сепак, пребрзиот развој на технологијата кој земјоделските производители не успеваат да го следат со примена на новите дигитални решенија, доведе до тоа денес да зборуваме за насушна потреба од модернизација на производството, од воведување на дигитални технологии во земјоделското производство.
Оваа година, Факултетот за земјоделски науки и храна при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје на оваа потреба и пристапи многи сериозно со цел да креираме кадри со познавања од дигиталните технологии, кои ќе знаат како истите да ги применуваат. Затоа пристапивме кон акредитација на нова студиска програма по „Дигитално земјоделство“, на која во академската 2024/2025 година ги очекуваме и првите бруцоши.
Со оваа студиска програма ќе се креира нов академски профил, дипломиран земјоделски инжинер по дигитално земјоделство (со 240 ЕКТС), односно ќе се креира земјоделски инженер на новата ера.
Што ќе значи појавата на ваков профил инженери во однос на развојот на македонскиот земјоделско-прехранбен сектор во земјава?
Морам да подвелечам дека појавата на ваков образовен профил на земјоделски инженер е од огромно значење за македонскиот земјоделско-прехранбен сектор во земјава. Студентите кои ќе студираат Дигитално земјоделство ќе се здобијат со знаења и вештини кои се потребни на новото дигитално време. На тој начин, нашите студенти директно ќе бидат вклучени во дигиталната трансформација на секторот.
Како што напоменав и претходно, светот во кој живееме брзо се менува и нуди се повеќе нови и ефикасни начини за извршување на дадена земјоделска операција. Со воведувањето на дигиталните технологии ќе се олесни земјоделското производство, а на земјоделците ќе им се понудат решенија за нивните специфични проблеми, дигитални решенија кои треба да придонесат кон поголема продуктивноста на производство, поефикасно искористување на расположливите ресурси, оптимизирање на времето на работа и работната сила, а со цел зголемување на конкурентноста на земјоделското производство во нашата земја. Прецизното земјоделство е нашата сила, а дигиталните технологии во земјоделскиот сектор се нашата страст. Дигитализацијата на македонскиот земјоделско-прехранбен сектор е мисија која успешно ќе ја извршуваме со нашите инженери.
Во подготовката на новиот профил учествуваат уште три технички факултети. Како, практично, би се реализирала наставата на идните студенти?
Навистина сме особено горди што оваа година акредитиравме една интердисциплинарна студиска програма на УКИМ, на која носител е Факултетот за земјоделски науки и храна-Скопје, но во целиот процес со еднакво вреднување учествуваат и техничките факултетите од УКИМ, и тоа ФИНКИ, ФЕИТ и Машинскиот факултет. Целиот процес на подготовка и развивање на студиската програма го реализиравме заедно, се со цел заеднички да ги согледаме потребите од конкретни знаења со кои треба да се здобијат новите земјоделски инженери. Креиравме програма каде што основните концепти поврзани со спецификите на земјоделското производство ќе бидат предавани од страна на нашиот факултет, додека пак техничките факултети ќе ги покријат областите кои директно се однесуваат на дигиталните технологии. Наставата на идните студенти ќе се изведува на нашиот факултет, како носител на оваа студиска програма кој што ги исполнува сите просторни и лабораториски капацитети. Теоретските предавања и дел од лабораториските вежби ќе се реализираат на ФЗНХ-Скопје, а практичната настава и лабораториските вежби од областа на дигитализацијата покрај на ФЗНХ, ќе се реализираат и на ФИНКИ, ФЕИТ и Машинскиот факултет. Во однос на капацитетите, за потребите на оваа студиска програма ФЗНХ опреми најсовремена лабораторија за Дигитално земјоделство, во која може да се видат современи интерактивни табли, компјутери, таблети, дронови, 3Д – принтери, Термо камери, агрометерлошки станици, сензори, софтвери и се што е потребно за наставната и практичната програма.
Лабораторијата е развиена со поддршка од Владата на Швајцарија преку Програмата за зголемување на пазарната вработливост (ИМЕ) спроведена од групацијата Паладиум, Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ) и Постојаната работна група за регионален рурален развој (SWG).
Ја имате ли поддршката од стопанството во реализација на новите дигитални земјоделски инженери?
Од самиот почеток оваа инцијатива беше широко прифатена и максимално подржана од стопанството, како и од целиот земјоделско-прехранбен сектор во земјава. Во овој процес, факултетот имаше широки консултации, а отвори и низа дебати со сите чинители за согледување на потребите од ваков кадар. Разговорите и дебатите започнаа уште на последниот меѓународен симпозиум за земјоделство и храна кој се одржа во Охрид, во 2022 година, а на кој една од панел дискусиите со врвни експерти од земјата и странство беше посветена на оваа тема. Потоа дискусијата продолжи и во Коморите каде со свои сугестии и тие учестваа во креирање на оваа студиска програма. Подршката се гледа и преку потпишувањето на голем број на Меморандуми за соработка со стопанството, вклучувајќи го и последно потпишаниот меморандум помеѓу ФЗНХ и Македонија 2025 и ГО Дигитал Македонија.
Постои ли можност каде идните студенти може практично да ги имплементираат техничките решенија кои ќе ги изучуваат низ факултетските аули?
Како што напомнав погоре ФЗНХ како и дригите факултети ФИНКИ, ФЕИТ и Машинскиот факултет се опремени со многу современи лаборатории и современа опрема, која секоја година се надополнува со нешто ново како резултат на редовните набавки и набавка на опрема како резултат на имплементација на домашни и меѓународни проекти. Сета таа опрема е отворена и за студентите но и за стопанството, да ја користат за практични цели и за начно-апликативни активности. Факултетот располага и со сопствено земјоделско земјиште, односно опитно поле на 74 ha, кое се наоѓа во непосредна близина на Факултетот на кое што студентите од ФЗНХ, како и од останатите единици на УКИМ може да поставувуват опити, да се презентираат различни надгледни средства и нови технологии.
Зошто сегашниот средношколец би требало да стане студент на новата студиска програма по Дигитално земјоделство?
Бевме сведоци на низа кризи изминатиот период, почнувајќи од Ковид кризата на која потоа се надоврза и руско-украинската криза, па економската криза и во цел овој период видовме дека земјоделското производство беше и е најпотребно во целиот свет, едноставно без храна не може да се замисли опстанокот на населението. Во нашата земја, производството на здрава и безбедна храна од една страна, надополнето со потреба за модернизација и воведување на дигитализација на производството, се со цел да се зголеми неговата конкурентска предност е само еден од аспектите преку кои младите средношколци кои ќе запишат Дигитално земјоделство ќе придонесат кон развој на македонскиот земјоделско-прехранбен сектор. Младите средношколци кои ќе студитаат на оваа студиска програма ќе се здобијат со знаења и вештини за примена на дигитални технологии во производство, а како земјоделски инженери на новото време ќе можат најдиректно да учествуваат кон развојот и одржливоста на земјоделско-прехранбениот сектор во нашата земја.