Нашата планета се соочува со невидено затоплување поради емисиите на CO2, поради што многу региони се сè понепогодни за нормален живот. Овој месец ги одбележа најтоплите денови досега, нагласувајќи ја итната потреба за справување со климатските промени. НАСА придонесува за овие напори преку мапирање на емисиите на CO2, создавајќи визуелно впечатливи, но мрачни прикази на нашето влијание врз климата на Земјата.
Студиото за визуелизација на науката при НАСА создаде видео кое го прикажува движењето на емисиите на CO2 низ светот од јануари до март 2020 година. Ова видео со висока резолуција ги идентификува специфичните извори на емисии како што се електраните и шумските пожари.
Како креатори на политики и како научници, ние се обидуваме да објасниме од каде доаѓа јаглеродот и како тој влијае на планетата, објасни климатскиот научник Лесли От од Центарот за вселенски летови Годард на НАСА, нагласувајќи ја меѓусебната поврзаност што ја откриваат временските обрасци.
Видеото, исто така, открива дека индустриската активност, електраните и транспортот доминираат во емисијата во САД, Јужна Азија и Кина. Спротивно на тоа, емисијата на стакленички гасови во Африка и во Јужна Америка главно се должат на шумски пожари, согорување на земјоделски производи и расчистување на земјиштето. Значајни се и емисиите од фосилните горива како нафта и јаглен.
Пулсирачкиот ефект на видеото е последица на секојдневниот циклус на шумски пожари и процесот на фотосинтеза. Зголеменото пулсирање во Јужна Америка и тропските предели одговара на нивната сезона на зголемени шумски пожари и фотосинтеза.
Користејќи го Годард системот за набљудување на Земјата (GEOS), овие визуелизации ја моделираат меѓусебно поврзаната атмосфера, океаните и копнените системи на Земјата. НАСА го опишува GEOS како модел за анализа на времето со висока резолуција, кој користи суперкомпјутери за да обезбеди детални атмосферски податоци. Моделот интегрира милијарди точки на податоци од инструменти како MODIS на сателитот Terra и VIIRS на сателитот Suomi-NPP, нудејќи повеќе од 100 пати поголема резолуција од стандардните временски модели.
(Zimo)
(фото: Flickr)