Слушнете ја химната за Европската олимпијада по информатика која младите информатичари Бисера, Владимир, Марко и Никола ја направија со вештачка интелигенција!

- Advertisement -

Бисера Илиева, Владимир Грчев, Марко Кренков и Никола Стојковски се ученици од осмо и девето одделение, кои негуваат голема љубов кон информатиката и новите технологии. Овие млади талентирани деца следните месеци ќе ја претставуваат Македонија на Eвропската и Балканската Јуниорска олимпијада по информатика.

Бисера со информатика се занимава од четврто одделение, а сега посетува и курсеви за програмирање. Владимир со информатика се занимава од второ одделение, а досега има освоено еден сребрен и два бронзени медали на Македонска олимпијада, еден бронзен на Балканска Јуниорска олимпијада и три олимписки пофалници на јуниорска Европска и Балканска олимпијада. Марко подеднакво ги сака и информатиката и математиката. Од минатата година програмира, а годинава освоил бронзени медали на македонските олимпијади по информатика и математика.

- Advertisement -

Но, нивниот труд и креативност не застануваат тука. Тие неодамна додека беа на подготвителен камп на Пониква, го искористија слободното време за да експериментираат со вештачката интелигенција, а резултат на тоа е нова песна, химна за Европската олимпијада.

Разговараше – Сања Наумовска

- Advertisement -

Како дојдовте на идеја да создадете химна за Европската олимпијада на информатичари со помош на ВИ?

Идејата за песната дојде сосема спонтано по иницијатива на Ѓорги, братот на Марко. Ја направивме додека бевме на подготвителниот камп на Пониква. Со оглед на тоа што сите имаме големи познавања од информатиката, свесни сме колку е напредната технологијата и што се може да ни понуди вештачката интелигенција. Одлучивме, додека се подготвуваме за натпреварот, да го искористиме слободното време на креативен начин, а бидејќи овој период сите имаме иста цел, односно да донесеме висок пласман на Eвропската јуниорска олимпијада по информатика, темата беше лесно да се одбере. 

- Advertisement -

Раскажете ни го процесот на креирање.

Всушност е многу полесно отколку што мислите, потребна е само една апликација на која се опишува темата за песна, се одбира во кој стил и на кој јазик да биде изведувана. Потоа самата апликација генерира текст, глас и мелодија и така задачата беше завршена. Како што кажавме, технологијата е доста усовршена последниве години и може да олесни многу работи, па не треба да се прават многу корекции.

Дали веќе ја споделивте химната со вашите пријатели и какво е нивното мислење?

Да, се разбира, веднаш штом химната беше готова, им ја пративме на најблиските пријатели. Имаше различни реакции, многу прашања околу тоа кој ја пее, како е направена, кој го напишал текстот и слично, но во секој случај на сите многу им се допадна.

Раскажете ни какви се вашите подготовки за олимпијадата и кои се вашите очекувања од таму?

Имавме навистина ефективен подготвителен камп во Магнолија на Пониква. Таму секој ден решававме олимписки задачи, учевме нови алгоритми и пишувавме многу кодови. Вкупно работевме по осум до 10 часа на ден, но не ни беше воопшто напорно затоа што сите го работиме ова со голема љубов и мотивација. Секако, имавме и слободно време кое го користевме за да се дружиме, одевме на базен, се шетавме надвор и имавме различни активности. Освен овој камп, секој викенд имаме подготовки кои се одржуваат на ФИНКИ. Најважно, се ангажираме и самите и дома активно решаваме задачи за да ги постигнеме нашите цели.

Бисера: Оваа година успеав да си обезбедам пласман на Европската јуниорска олимпијада и целта ми е да се вратам со медал. Кај информатиката ме привлекуваат интересните проблеми во кои можам секојдневно да ја развивам логиката и креативноста и ми претставуваат и голем предизвик. Но кога ќе успеам точно да ги решам, задоволството е уште поголемо.

Владимир: Од овогодишните олимпијади се надевам на највисоки достигнувања. Програмирањето е дел од моето секојдневие, а ако го работиш тоа што го сакаш, не работиш ниту еден ден во твојот живот, бидејќи работата ќе ти биде задоволство.

Марко: Очекувам одлични резултати. Фактот што со давање низа на внимателно одбрани инструкции се решаваат сложени проблеми е она што ми го задржа вниманието и желбата да ја изучувам информатиката, но и математиката.

Како млади информатичари, колку новите технологии и вештачката интелигенција се дел од вашите животи?

Многу луѓе сметаат дека вештачката интелигенција ќе почне да доминира во светот и дека голем дел од професиите ќе ги снема поради неа, па затоа и ја избегнуваат, но ние не ја гледаме на тој начин и кога ќе ни притреба ја користиме како алатка. Програмирањето конкретно, не се состои само од механичко куцање кодови, тоа има и креативен дел во кој всушност се гледа кој колку добар програмер е. Вештачката интелигенција може да ни помогне да напишеме код, но пред тоа ние мора самите да го смислиме алгоритамот. Фактички, таа не не заменува, едноставно ни помага да работиме побрзо и поефикасно. Затоа мислиме дека треба да ја прифатиме што побрзо и секој од нас да научи да ја применува во тоа што е најдобар. Освен како алатка, знаеме и да ја користиме за забава во слободното време, како што беше во случајот кога ја направивме химната.

Освен позитивни, а има ли и негативни страни?

Постојат, секако, и некои негативни страни, како на пример тоа што може да ни предизвика зависност или да станеме помрзеливи. Поради тоа сметаме дека вештачката интелигенција треба да се користи, но не прекумерно ,туку само тогаш кога навистина имаме потреба од неа.

Какви се вашите планови за во иднина?

Бисера: За следниот месец, плановите ми се времето да го искористам максимално посветено кон решавање задачи, со цел да постигнам добар резултат од олимпијадата. За понатаму, секако планирам да продолжам да се натпреварувам и би сакала кога ќе дојде време да учествувам и на светски олимпијади. Уште немам одлучено дали програмирањето ќе ми биде идна професија, но за тоа нормално има време.

Владимир: Во иднина планирам да продолжам да се надоградувам, да го зголемувам бројот на освоени медали и еден ден да можам да придонесам Македонија да биде подобро место за живеење. Сакам и планирам да останам во мојата татковина, бидејќи ниедно друго место не може да биде како дома.

Марко: Моите планови се да продолжам да се подобрувам во решавањето на задачите по математика и информатика и да научам уште нови концепти. Да се биде дел од репрезентацијата е моја цел за наредните години, а за тоа потребно е континуирано учење.

Сподели!
- Advertisement -