Развојот на научни вештини ги оспособува учениците да се соочат со секојдневните предизвици!

- Advertisement -

Македонија2025 и Џонсон Мети неделава го организираа петтиот регионален Саем за наука кој се одржа во поливалентниот простор на ООУ „Владо Тасевски“ во Скопје. Целта на Саемот е да ги поттикне учениците да се заинтересираат за науката и да ги презентираат своите научни проекти пред пошироката јавност. Веќе од следната учебна година се најавуваат новитети во програмата, како и зајакнато партнерство со Министерството за образование. За значењето на науката и за досегашните ефекти разговаравме со Никица Мојсоска Блажевски, извршна директорка на организацијата Македонија2025

Разговараше- Верица Јорданова

Како помина годинешниот Саем за наука и кажете ни нешто повеќе за оваа иницијатива?

- Advertisement -

    Изминатава недела Македонија2025 во соработка со Џонсон Мети Македонија по петти организираше Саем на наука кој беше исклучително успешен. Настанот овозможи тимови од ученици, под менторство на наставници по природни науки од четири основни училишта во Скопје и околината, да ги презентираат своите истражувачки проекти и да изведат експерименти од различни научни области. Главната цел на оваа иницијатива е да се поттикне љубопитноста и креативноста кај учениците, да се развие нивниот интерес за научни истражувања и да се создаде платформа каде што можат да ги покажат своите проекти пред поширока публика, вклучувајќи ги и нивните врсници.

    Саемот обезбедува простор за „натпревар“ на идеи, но уште поважно, служи како инспирација и мотивација за младите да се вклучат во науката. Дополнително, присуството на министерката за образование го збогати настанот, при што таа ја потенцираше важноста на соработката меѓу државните институции, невладините организации и приватниот сектор за унапредување на образованието. Оваа иницијатива е доказ дека преку вакви партнерства можеме да го разгориме интересот за науката кај најмладите и да изградиме генерации подготвени за идните глобални предизвици.

    - Advertisement -

    Зошто решивте да ја проширите и збогатите Johnson Matthey Програмата за влијание на заедницата „Науката и Јас“?

    Проширувањето на проектот „Науката и Јас“ во рамките на Џонсон Мети Програмата за влијание на заедницата е природен чекор во нашето долгогодишно партнерство. Одлучивме да ја збогатиме оваа програма затоа што сме убедени дека образованието по природни науки игра клучна улога во иднината на учениците и развојот на заедницата. Со проширувањето, преку обуки за наставници и организирање на регионални саеми за наука, им овозможуваме на наставниците нови алатки за подобра настава, додека учениците добиваат повеќе можности да ги покажат своите научни достигнувања.

    - Advertisement -

    За учебната 2024/2025 година, имаме амбициозна цел да го прошириме опфатот на програмата и да обучиме над 100 наставници, вклучувајќи и ментори од природни науки и од одделенска настава. Исто така, планираме да организираме уште неколку регионални саеми и да вклучиме училишта од нови региони. Со ова, ќе допреме до уште поголем број ученици и ќе го поттикнеме интересот за наука низ целата земја.

    Каков е интересот на учениците за наука и со какви пречки се соочуваат?

    Интересот за природни науки кај учениците е на задоволително ниво, особено во области како географија, физика, хемија и биологија. Преку нашите активности, очекуваме да влијаеме на над 2,000 ученици, охрабрувајќи ги да истражуваат и да развиваат научни проекти, додека истовремено ги унапредуваме вештините на наставниците преку примена на современи методи и критичко размислување.

    Истражувањето кое го спроведовме во рамките на проектот идентификува неколку клучни пречки: недостиг на современи наставни алатки и лаборатории, недостаток на практична работа, и ограничени можности за учество на натпревари и спроведување на истражувачки проекти. Наставниците, исто така, се соочуваат со недостаток на ресурси за квалитетна настава и недоволни можности за континуиран професионален развој.

    Има ли иницијативи за воведување на нови научни дисциплини во редовниот курикулум?

      Во светот, научните области сè повеќе се интегрираат во редовниот курикулум, и во нашата земја има интерес за вакви иницијативи. Пример за тоа е проектот „Науката и Јас“, кој има цел да го поттикне интересот за наука и да ја подобри наставата. За среќа, има слух кај одредени институции за овие промени, но е потребно повеќе системска поддршка за да се направат долгорочни промени во образовниот систем.

      Кои се клучните успеси на проектот „Науката и Јас“?

        Проектот „Науката и Јас“ постигна значајни успеси во поттикнувањето на интересот за наука меѓу учениците и унапредувањето на нивните вештини. Со обука на околу 20 наставници, успеавме директно да влијаеме на околу 1.100 ученици од шесто одделение, од кои над 25% се од социјално ранливи групи, а проектот опфати и учесници од рурални и помали заедници кои обично имаат ограничени можности за учество на вакви настани.

        Проектот, исто така, активно вклучи ученици од етнички малцинства, со што се обезбеди еднаков пристап до ресурси и можности за научно образование за сите ученици, без разлика на нивното потекло. Дополнително, многу училишта, пред учеството на регионалните саеми, организираа училишни натпревари и научни истражувања, што покажува дека оваа иницијатива го стимулира научниот интерес и натпреварувачкиот дух кај младите. Организиравме четири регионални саеми за наука во Велес, Скопје, Делчево и Струга, со над 800 ученици од шесто и седмо одделение, кои презентираа проекти во различни научни области. Волонтерите од Џонсон Мети го збогатија искуството преку експерименти и презентации, а учесниците имаа можност да ги развијат своите меки вештини како тимска работа, анализа и презентирање.

        Преку прашалници пред и по интервенцијата, забележавме значителен напредок во самодовербата и компетенциите на наставниците во користењето на модерни наставни методи. Ова директно се одрази на процесот на учење, овозможувајќи инспирација и поддршка за учениците во научните истражувања.

        Кампањата „Наука за иднината“, која содржи мотивациски приказни и успеси, беше широко промовирана преку социјалните медиуми, достигнувајќи глобална публика. Овие активности покажуваат дека ваквите иницијативи имаат значајно влијание и треба да продолжат за да го поддржат и унапредат научното образование во земјата.

        Што правите во насока на обука на наставниците и каква е нивната реакција?

          Обуката на наставниците е клучен елемент за успехот на проектот „Науката и Јас“. Во соработка со Бирото за развој на образованието развивме и спроведовме специјализирани обуки преку кои наставниците имаа можност да се запознаат со најновите методи на предавање по природни науки, како што се учење базирано на истражување, практични експерименти и проектно базирано учење. Овие методи се усогласени со националните и меѓународните стандарди за образование, со цел да ги опремиме наставниците со алатки што ќе им помогнат во интерактивната и ефективна настава.

          Реакцијата на наставниците е исклучително позитивна – тие го ценат професионалниот развој и можноста да ги применат новите техники во нивната училница. Ова не само што ја подобрува нивната мотивација и самодоверба, туку и ја зголемува ефикасноста во наставата, што позитивно се одразува на учениците и нивното учење.

          Какви резултати очекувате со проширувањето на активностите и кои се следните чекори?

            Со проширувањето на активностите очекуваме зголемено учество на ученици и наставници од повеќе региони во земјата, како и натамошно подобрување на квалитетот на образованието по природни науки. Следните чекори вклучуваат проширување на програмата во повеќе училишта и региони, како и поголема вклученост на локалната заедница и бизнис секторот за да обезбедиме континуирана поддршка и развој на оваа иницијатива.

            Коментар за значењето и важноста на науката во едукативниот систем и примери/споредби со слични иницијативи во други земји?

            Науката игра клучна улога во едукативниот систем бидејќи ја поттикнува љубопитноста, критичкото размислување и иновативноста кај учениците. Развивањето на научни вештини не само што ги подготвува учениците за кариера во науката, туку и ги оспособува за да се соочат со секојдневните предизвици со рационален и аналитички пристап. Во многу земји, како Финска и Естонија, слични иницијативи се веќе дел од националниот курикулум, каде што образованието по природни науки е длабоко интегрирано со проектно-базирано учење. На пример, програмите STEM (наука, технологија, инженерство и математика) во овие земји поттикнуваат рана вклученост на учениците во истражувачки проекти и примена на стекнатото знаење, што ги подготвува за идни предизвици во светот на науката и технологијата. Програмата „Науката и Јас“ има слична мисија, да ги приближи овие концепти до македонските ученици и да ги инспирира да ја развиваат својата научна мисла и креативност.

            Сподели!
            - Advertisement -