Иновативната кошничка за пчели Elle-Hive на Елена Фиданоска собира награди ширум светот

- Advertisement -

Пчелите се еден од главните фактори на опстанокот на човештвото. Нивната улога во обезбедувањето храна е незаменлива, но и покрај тоа тие се повеќе се на удар на климатските промени и различни болести. Елена Фиданоска, заедно со својот сопруг Огњен, се долгогодишни пчелари, кои своето искуство го искористија за креирање на иновативна пчелина кошничка Elle Hive со која се обезбедува одржливо и еколошко пчеларство. Тие се добитници на ЕУ наградата за клима за дизајнот и Energy Globe Award – светската награда за одржливост. Целта, вели Елена им е да создадат алатки за пчеларството на 21 век, кое мора да е одржливо и еколошко.

Новинар – Сања Наумовска

- Advertisement -

Елена, ти и твојата компанија Macedonian honey сте креатори на иновативната кошничка за пчели Elle Hive. Кажи ни што е посебноста на вашата кошничка и која е целта што сакате да ја постигнете со нејзина употреба?

Најмногу користени пчелни кошници како Дадант или Лангстрот, се дизајнирани во 19 век. Но, најголемата закана за пчелите – Вароа крлежот првпат се појави во средината на 20 век и ниту една од овие кошници кога биле дизајнирани го немале предвид овој опасен наметник. Новото време носи нови предизвици за сите нас и потребен е нов пристап. Затоа решивме да го споиме сето она што го научивме во изминатите 30 години пчеларско искуство со научните студии кои се направени за животот на пчелите и природата и во исто време да си ја олесниме работата. Наместо да се фокусираме на тоа колку мед може да добиеме од пчелите, ние се прашавме што можеме да  направиме за да ги заштитиме и зајакнеме, а медот ќе си дојде природно.

- Advertisement -

Иноваторот на кошницата Elle-Hive™ е Огњен Фиданоски кој како пчелар долго време, одблизу гледа како се менуваат пчелите и нивното однесување. Со оваа кошница креиравме нов пристап во пчеларството што треба да резултира со зголемена стапка на преживување на пчелите во природата и создавање силни пчелни семејства кои ќе се прилагодат побрзо на тековните климатски промени и ќе играат клучна улога во поддршката на биолошката разновидност.

Медот кои пчелите природно го создаваат како вишок во нивната кошница е нашата награда. Дизајнот на кошницата Elle-Hive™, добитник на ЕУ награда за клима, одговара на природните навики на пчелите и ја олеснува работата на пчеларот. Кошницата е единствената алатка што ќе им биде доволна на пчеларите во текот на сезоната. Нејзините делови, исто како коцките LEGO, лесно може да се трансформираат за да ги извршуваат сите пчеларски операции. Тоа значително ги намалува трошоците на пчеларот.

- Advertisement -

Вие произведувате мед во Elle-Hive™.  Кои се разликите меѓу вашето и традиционалното производство, во поглед на заштитата на пчелите, но и на добиените количини мед?

Во почетокот новите Elle-Hive™ кошници ги поставивме до класичните и ги следевме разликите. Можеме со сигурност да кажеме дека среќна пчела навистина постои! Elle-Hive™ го следи природното живеалиште и не се користат никакви хемиски средства или неприродни материјали. Како резултат на тоа, пчелите доживуваат помалку стрес, приносите станаа многу поголеми, а и пчелите зајакнаа.

Така, по стотина Elle-Hive™ што ги тестиравме, решивме целосно да ги смениме нашите методи. Се прашувавме зошто не го направивме тоа порано? Сепак, човек не се решава така лесно да ги смени техниките на кои веќе е научен, а и голема улога играат и финансиите. Но, кошницата е толку едноставна за ракување, прилагодена на пчеларот, брза за работа што брзо ќе ја надомести инвестицијата дури и на пчелар кој работи сам и се грижи за голем број на пчелни семејства.

Минатата година ја добивте Energy Globe Award – светската награда за одржливост, најпознатата еколошка награда на денешницата за проектот „Со пчеларство против климатските промени“. Какви се влијанијата на климатските промени врз опстанокот на пчелите и пчеларството? Каква е ситуацијата во Македонија и како може земјава да се справи со нив и да не дозволи катастрофални последици?

Пчеларите стареат. Просекот во земјите на ЕУ е 50 години. Дури и во развиените земји како Германија просекот е 60 години. Во Македонија младите речиси и да не се решаваат професионално да се занимаваат со пчеларство. Македонскиот просек е и повисок од просекот на ЕУ и тоа се претежно пчелари кои по пензионирањето се занимаваат рекретивно со пчеларство и не живеат исклучиво од тоа.

ОД 1992 ГОДИНА, ПРОИЗВОДСТВОТО НА МЕД ВО МАКЕДОНИЈА Е НАМАЛЕНО ЗА 75%

Но, пчеларите, особено во малите рурални средини, индиректно прават главен придонес за зачувување на нашата домашна биолошка разновидност. За да опстанат и продолжат со пчелaрство тие треба да бидат поддржани, затоа што тешкотиите во продажбата на мед и постигнувањето на рентабилна цена многу често се причина за напуштање на пчеларството, а со тоа и намалување на бројот на пчели во природата.

Покрај масовната употреба на пестициди во земјоделството и ефектите од климатските промени, губењето на пчелите се должи и на застарените пчеларски практики и скапата пчеларска опрема. Оваа ситуација ја забавува адаптацијата на пчеларската индустрија кон климатските промени и претставува голема опасност за екосистемот. Нашата цел е да создадеме алатки, активности и опрема за пчеларството за 21 век. Да се вклучат ИТ иновации, апликации за услуги и активности на пчeларите, платформи за поддршка на опрашувањето, биодиверзитетот и благосостојбата на планетата.

Според вас, како треба да изгледа пчеларењето на 21 век? Што значат одржливи пчеларски практики во актуелниот контекст?

Пчеларството во 21 век треба да биде одржливо и еколошко. Тоа значи користење на пчеларски одржливи практики кои го штитат здравјето на пчелите, животната средина и луѓето. Драстично да се намалат директните трошоци во пчеларството, да се креираат квалитетни производи со висока додадена вредност, значајно да се подобри достапноста на локалните производи до потрошувачите и создавање дополнителни услуги со користење на дигитални технологии.

Вие сте основачи и на македонската платформа beenet.mk. Кажете ни нешто повеќе за тоа?

BeeNet.mk е онлајн платформа која ги поврзува локалните пчелари со купувачи од целaта држава. Им овозможува на пчеларите да го објават својот мед за продажба, а на купувачите да бараат мед од одредени региони или производители. BeeNet.mk е вреден ресурс и за пчеларите и за купувачите. Тоа им помага на пчеларите полесно да го продаваат својот мед, а им помага на купувачите да најдат висококвалитетен мед од локални производители.

Платформата сè уште е во развој, но има потенцијал да даде значаен придонес во пчеларската индустрија во Македонија. Со поврзување на пчеларите со купувачите и обезбедување информации за пчеларството, BeeNet.mk може да помогне да се обезбеди иднината на пчеларството во земјата.

Какви се вашите планови за во иднина?

Денес сме соочени со двојна криза – еколошка и економска. Нашите активности треба да водат кон создавање на одржлив економски раст и заштита на животната средина. Затоа нашите решенија се за оние кои веруваат дека пчеларството е многу повеќе од само собирање на што повеќе мед, туку операција која ја става благосостојбата на пчелите, луѓето и природата во целина на прво место.

Цел ни е да ја направиме достапна Elle-Hive™ за пошироката популација, особено за младите пчелари. Да продолжиме национално и меѓународно да развиваме и дизајнираме ИТ алатки како систем на пчеларски услуги кои ќе создадат ефект врз дополнителни извори на приходи од локалната заедница и компании и директно да создадеме одржливост на екосистемот и неговиот биодиверзитет, што би претставувало импулс за забавување на ефектите од климатските промени.

Сподели!
- Advertisement -