Најголем “виновник“ за загадувањето на зима е затоплувањето на дрва, а на лето најмногу загадуваат сообраќајот и градежништвото

- Advertisement -

Ректорот на Универзитетот Гоце Делчев од Штип, професор д-р Дејан Мираковски, неодамна ги презентираше резултатите од Студијата за пропорционирање на изворите на загадување на воздухот во Куманово, Гостивар, Струмица, Кавадарци и Струга.

Резултатите од студијата, која се работеше во изминатата година во универзитетската лабораторија Амбикон, точно ги прецизираат сите закани за животната средина, особено за воздухот и се одлична можност за локалните самоуправи во овие општини во иднина да креираат решенија и планови како да се справат со нив. Мираковски вели дека централните и локалните власти не ги искористуваат доволно капацитетите на академската фела и можностите кои им ги нуди науката за разлика од развиените држави каде што оваа соработка е на многу високо ниво.

- Advertisement -

Новинар – Сања Наумовска

Професоре Мираковски, неодамна ги објавивте резултатите од Студијата за пропорционирање на изворите на загадување на воздухот во пет општини во земјата. Што покажуваат резултатите, кои се најголемите закани за квалитетот на воздухот во градовите?

- Advertisement -

Лабораторијата АМБИКОН при Универзитетот Гоце Делчев, Штип изготви студија за пропорционирање на изворите на загадување на воздухот урбаните средини во Куманово, Гостивар, Струмица, Кавадарци и Струга. Студиите за пропорционирање на изворите се една од основните алатки за развивање и спроведување на стратегии и мерки за ублажување на аерозагадувањето, односно имплементација на директивите за квалитет на амбиентен воздух (Директива 2008/50/EC и Директива 2004/107/EC), бидејќи овозможуваат прецизна идентификација на одделните извори на аерозагадување, како и дефинирање на нивниот придонес во вкупното загадување.

Од резултатите добиени врз основа на едногодишен мониторинг и анализа на повеќе од 1.000 примероци во сите пет општини, во текот на зимските месеци со својот интензитет како најголем извор се издвојува согорувањето на биомаса (дрва), следени од сообраќајот и минералната прашина, кои имаат значително поголем удел во текот на летните месеци. Во повеќето општини, палењето на стрништата и други отпадни материјали на отворено или во неефикасни и импровизирани ложишта, имаат исто така значително учество во вкупното загадување. 

- Advertisement -

Согорувањето на биомаса главно е поврзано со загревањето на домаќинствата, но овде влегува и согорувањето на биомаса во фурни, ресторани, како и мали индустриски објекти што се греат на дрва или произведуваат топлинска енергија за својот технолошки процес. Во некои од општините, особено во месеците декември и јануари, само овој извор ја надминува годишната дозволена концентрација на ПМ2.5, а покрај што е целосно сезонски (се јавува само во ладните месеци), овој извор учествува и со над 30% од вкупното загадување на годишно ниво. Оттука произлегува и нашиот заклучок дека согорувањето на дрва, но и отпадни материи во релативно неефикасните и стари печки/котли во текот на зимските месеци, е веројатно главниот извор кој може да се поврзе со појавата на епизодите на екстремно загадување.

Сообраќајот исто така има значителен удел во вкупното загадување, пред сѐ во летниот период, кога често се издвојува како најзастапен извор на аерозагадување. Овој извор ги вклучува емисиите од издувните системи на возилата, абењето на кочниците и гумите, а се издвојуваат и специфичните емисии од согорувањето на нафтата во стари и неефикасни дизел мотори или мотори кои немаат соодветна заштита (трактори, товарни возила, стари патнички возила). За разлика од резултатите што ги добивме за Скопје каде во летниот период имавме значително намалување на влијанието на сообраќајот, во општините во внатрешноста на државата имаме спротивни резултати. Иако сообраќајот се појавува во текот на целата година, посебно се зголемува неговото учество во летниот период.

Во некои од градовите, како Кавадарци и Гостивар, значително учество има и минерална прашина, пред се прашината од градежништво и ресуспензијата на исталожената прашина од улиците.

Како што споменавме, палењето оган на отворено и горењето на отпад претставува исто така значителен извор на загадување, посебно во пролет и доцна есен, а се поврзува главно со  палењето на стрништата, земјоделски, градинарски и други видови отпад, но и честите пожари на не санитарните депонии, Овде спаѓа и согорувањето на разни отпадни материјали во неефикасните домашни и мали индустриски ложишта.

Дополнително, во нешто помал процент, но со значајно зголемување во текот на грејната сезона, е согорувањето на мазут и нафта, која се користи пред сѐ за греење на поголемите јавни објекти и згради (градинки, училишта, болници), како и во индустриски објекти за производство на топлина или некои други технолошки процеси.

Последниот извор кој беше дефиниран се секундарните аеросоли, што ги вклучува честичките кои не се примарно емитирани од некој извор, туку се формираат во атмосферата како резултат на сложени хемиски и физички промени во атмосферата.

Сличен проект работевте и за општини во Градот Скопје. Колку вашите препораки најдоа место во плановите за квалитет на воздухот?

Како што споменав, овие студии овозможуваат прецизна идентификација на поедините извори на аерозагадување, како и дефинирање на нивниот придонес во вкупното загадување, поради што се и треба да бидат основа за изработка на сеопфатни планови за квалитет на воздухот. Конкретно, податоците од оваа истражување се веќе вклучени во плановите за квалитет на воздухот на сите пет општини, кои се во фаза на ажурирање и изработка. Податоците од студијата за Градот Скопје, беа основа за изработка на нов ажуриран план, но за жал немам информација дали истиот е прифатен и усвоен од страна на надлежните тела.

Колку е искористен придонесот и капацитетот на академската фела од страна на централните и локалните власти во поглед на креирање мерки за подобра животна средина? 

Нашата лабораторија функционира на принципот на отворена наука и можам да кажам дека имаме континуирана соработка со централните и локалните институции, но сметам капацитетот што го нуди академската заедница и универзитетските лаборатории ни од далеку не се доволно искористени од страна на државните органи, како што тоа е случај во многу побогати и поразвиени држави од нашата.

Подиректна соработка со државните и локалните власти, преку заеднички вложувања пред сѐ во техничките и материјални капацитети на универзитетските лаборатории, на државата ќе и овозможат далеку поекономичен и континуиран пристап до научно базирани податоци за креирање на поефикасни политики и мерки за решавање на проблемите, а на универзитетите солидна база за научни истражувања, со што секако добиваме сите. Само како пример би ја споменал Шведска, каде лабораторијата на Универзитетот во Стокхолм е референтна лабораторија за квалитет на амбиентен воздух, што е сосема поинаков пристап од тој што ние го практикуваме.

Испитувањата ги работите во лабораторијата Амбикон на Универзитетот Гоце Делчев во Штип. Кажете ни какви акредитации поседува лабораторијата и што значат тие во споредба со други лаборатории во развиените земји?

Лабораторијата АМБИКОН од 2014 година е акредитирана согласно ISO 17025 од страна на Националниот институт за акредитација на Република Северна Македонија повеќе од 10 години. Ова значи дека нашата лабораторија мора да работи согласно правилата диктирани од стандардот, а со тоа и да обезбеди секојдневна контрола на квалитетот на добиените резултати, но и да гарантира квалитет на сите процеси кои се спроведуваат во неа. Во моментов имаме 12 акредитирани методи и сме фокусирани на анализи на квалитативните и квантитативните параметри на амбиентниот воздух, утврдување на нивоата на персонална експозиција на одделни штетности, како и на испитување на морфологијата и хемискиот состав на најразлични материјали. Овие методи секоја година поминуваат низ контролните тела на Институтот за акредитација, а тоа значи дека покрај почитување на процедурите за работа, имаме и обврски за меѓу лабораториски споредби и учество во шеми за тестирање на компетентноста (PT), со цел потврдување на квалитетот на нашите резултати. Не би сакал да звучиме нескромно, но според инфраструктурата и кадровскиот потенцијал, АМБИКОН е една од најопремените и најголемите лаборатории во оваа поле, не само на национално, туку веројатно и на регионално ниво.

Колку новите достапни технологии се застапени на вашиот универзитет во поглед на можностите за истражувања на квалитетот на животната средина?

Како што веќе споменав, нашите лаборатории се опремени и континуирано се опремуваат со најсофистицирана опрема, која слободно може да кажеме дека не заостанува со тоа што го имаат развиените држави во регионот но и во Европа. Кај нас на универзитетот дефинитивно постои развиена културата на вложување во капацитетите на лабораториите и научно истражувачкиот кадар, а новата опрема постојано се обезбедува преку работа на проекти, со вложување на сопствени средства, а секако и со помош од државата. На универзитетот постојат неколку истражувачки јадра кои навистина работат со врвна опрема, почнувајќи од базични истражувања па се до применети анализи на параметрите на квалитет на сите медуими на животната средина. Само да споменам дека кај нас на универзитетот функционираат најсовремени системи за електрохемија, масена спектрометрија со индуктивно врзана плазма, гасна и течна хроматографија, рендгенски спектрометри и дифрактометри, но и најсовремени електронски микроскопи. Сите се системи се функционални и иако е навистина предизвик да се држи чекорот со побогатите земји и универзитети, сметам дека УГД нуди солидни услови за сите истражувачи кои имаат желба да работат на проблемите поврзани со квалитетот на животната средина.

Кои се новите проекти на кои работите во моментов? Работите ли на некои нови истражувања и какви?

Лабораторијата АМБИКОН функционира на принципот на отворена наука и ја подржуваме научно-истражувачката работа на голем број студенти пред сѐ на втор и трет циклус, но и на колеги професори од нашиот, но и други универзитети, така што идеи за нови проекти и истражувања, навистина не недостасуваат.

Во моментот работиме на имплементација на нови методи за елементарна анализа на различни материјали, анализа на ултра ситните фракции на суспендираните честички, но и нови пристапи во идентификацијата на изворите на згадување и одредување на нивните извори.

Навистина се надевам дека поддршката за научно истражувачката работа ќе се зголемува и ќе можеме сите овие активности да ги реализираме во блиска иднина. Секако би сакал да ги повикам колегите од сите универзитети кои имаат идеја и желба за соработка, слободно да ни пристапат и верувам дека заедно ќе можеме да ги реализираме постојните, но секако и да развиеме нови идеи.

Сподели!
- Advertisement -