Златото е добро прибежиште бидејќи претставува осигурување во случај на животни тешкотии и затоа не е чудно што голем број Швајцарци го поседуваат овој благороден метал.
Неодамнешно истражување на Универзитетот во Сент Гален покажа дека 65,2% или две третини од 3.000 испитаници во Швајцарија веруваат дека инвестирањето во благородни метали е разумно. Всушност, златото е еден од омилените облици на инвестирање за жителите на оваа богата земја, но недвижностите, акциите и обврзниците сè уште се водечки.
Професорот по економија на Универзитетот во Фрибург, Серџо Роси, не е изненаден од интересот на неговите сограѓани за златото. Според него, политичките и макроекономските промени предизвикуваат загриженост во целиот свет, вклучително и во Швајцарија.
„Има инфлациски притисоци кои предизвикуваат страв од пад на вредноста на штедењето во банки. Златото има репутација на сигурна инвестиција, која не губи вредност. Луѓето кои можат да си го дозволат тоа, купуваат злато за да го одржат или дури и да го зголемат својот имот“, додава Роси.
Тој истакнува дека богатството на просечниот Швајцарец е многу поголемо отколку во многу други земји. Како што наведува, Швајцарците можат да купат тони злато, што е тешко или невозможно во многу други земји.
Гореспоменатото истражување резултирало со импресивни бројки. Имено, утврдено е дека 22% од испитаниците имаат просечно 100,83 грама злато, во вредност од 7.500 франци. Се проценува дека меѓу населението на Швајцарија има вкупно 200 тони злато, во вредност од 14,9 милијарди франци. Понатаму, истражувањето покажало дека 43% од тие што поседуваат злато би го продавале само во итен случај.
Швајцарците би можеле да се споредат со пирати по начинот на кој го кријат своето злато. Имено, 5% од испитаниците рекле дека го закопале во градина. Се проценува дека под земја има десет тони злато, во вредност од 750 милиони франци.
Покрај тоа, 15% од испитаниците рекле дека благородниот метал го чуваат скриен во куќата, додека 18% од нив го чуваат во домашен сеф.
(Bizlife)