Во свет каде брзиот ритам на живот диктира бескрајни обврски, изборот за оброк често станува компромис помеѓу вкусот и здравјето. Но, за Никола Велјаноски тоа беше предизвик што бараше решение. Инспириран од идејата за здрава, енергетски богата храна, тој го создаде брендот GetONE – производ кој нуди совршена рамнотежа помеѓу практичноста, здравјето и вкусот.
Без додаток на шеќер, палмина маст и глутен, производите на GetONE се одговор на потребите на модерниот човек кој сака да го извлече најдоброто од секој ден. Никола, како визионер претприемач, својот животен стил го претвори во бренд што инспирира стотици други да живеат поздраво, да се хранат подобро и да постигнуваат повеќе.
Во ова интервју, Никола ја раскажува приказната за својата визија, патот што го изодел и предизвиците со кои се соочил, сè до успехот на македонскиот пазар.
Новинарка | Љубица Ангелкова
Фотограф | Диоген Хаџи Коста Милевски
Што ве инспирираше да го создадете GetONE и како одлучивте да се фокусирате на здрави енергетски производи?
Мојата инспирација потекнува од зголемената свест кај луѓето за тоа колку е важно да се хранат здраво. Секој ден гледав како производите со шеќери, масти и адитиви стануваат дел од нашата исхрана, и знаев дека постои подобар начин. Истражувањето на растечкиот тренд кај луѓето кои бараат функционална храна – храна која ќе го поддржи нивниот активен животен стил – ми ја даде почетната идеја.
GetONE беше создаден за да ги задоволи потребите на сите, од спортисти и фитнес ентузијасти до секојдневните луѓе кои сакаат брза, здрава и енергетска закуска. Се водев од идејата дека нема потреба од компромиси – луѓето можат да уживаат во вкусна храна, а истовремено да се грижат за своето здравје.
Како вашето претходно искуство ве подготви за успех во индустријата за здрава храна?
Моето долгогодишно искуство во компанијата Цермат беше клучно за развојот на мојата професионална кариера. Започнав од производството и магацинот, поминав низ различни улоги во продажбата, и на крај стигнав до позицијата комерцијален директор за неколку држави во регионот.
Ова искуство ми помогна да развијам способност да препознаам трендови на пазарот, да изградaм стратегија и да остварам долгорочни партнерства. Влезот во индустријата за здрава храна беше природен чекор, бидејќи ја комбинирав мојата професионална експертиза со личниот интерес за здравје и благосостојба.
Како вашите производи им помагаат на луѓето кои водат активен начин на живот?
Нашите производи се дизајнирани за оние кои сакаат да го извлечат максимумот од денот. Преку комбинација на квалитетни состојки, без додаток на шеќер, палмина маст и глутен, тие обезбедуваат одржлива енергија, подобро фокусирање и намалено чуство на глад.
Она што ги прави уникатни е тоа што содржат висококвалитетни протеини кои помагаат во рехабилитација и раст на мускулите, особено по интензивна физичка активност. Тие се лесни за консумирање, со природен и неодолив вкус.
Кои се најголемите предизвици со кои се соочивте при развојот на GetONE?
Најголемиот предизвик беше да се започне нешто сосема ново и поинакво на македонскиот пазар. Македонскиот пазар за здрава храна е сè уште во развој, па затоа беше потребно многу време и труд за да се едуцираат потрошувачите за вредноста на нашите производи.
Друга голема пречка беше градењето доверба кај потрошувачите. Во овој сектор, луѓето често се скептични кон нови брендови, па беше потребно постојано да докажуваме дека нашите производи нудат вистинска вредност.
Како вашите производи се издвојуваат од останатите на пазарот?
GetONE производите се создадени со посебно внимание кон здравјето и квалитетот. Тие не содржат додаток на шеќер, палмина маст и глутен, но она што навистина ги издвојува е нивната текстура и вкус. Тие се природни, лесни за консумирање и едноставно – вкусни.
Како ја гледате иднината на исхраната базирана на растителни производи?
Иднината на исхраната базирана на растителни производи е ветувачка, бидејќи потрошувачите сè повеќе се свесни за здравствените и еколошките придобивки од ваквиот начин на исхрана. GetONE ќе се адаптира на овие промени со развој на нови производи базирани на растителни состојки, кои ќе бидат достапни и привлечни за широк опсег на потрошувачи.
Кои се вашите најголеми задоволства и предизвици како основач на компанија за здрава храна?
Најголемото задоволство е тоа што гледам како моите производи позитивно влијаат на животите на луѓето. Слушањето на позитивни повратни информации од нашите клиенти е најголемата награда за целиот труд.
Од друга страна, секојдневните предизвици, како што се постојаните иновации и адаптација на пазарот, се исто така стимул за постојано учење и напредување.
Што би им препорачале на младите претприемачи кои сакаат да започнат бизнис во здрава исхрана?
Мојот совет би бил да започнат со темелно истражување на пазарот и потребите на својата целна публика. Транспарентноста и квалитетот се од суштинско значење – потрошувачите сакаат да знаат што консумираат.
Исто така, нека бидат упорни и адаптабилни. Патот до успехот не е лесен, но со вистинска стратегија и страст, сè е возможно.