Дипломатот Трајче Рушев го креираше Mobi Stove, првиот македонски мобилен шпорет на биомаса

- Advertisement -

Mobi Stove е мобилен, преносен шпорет кој може да се користи на планина, во камп, на излет…. Тоа целосно македонски дизајн на Трајче Рушев, дипломат по професија, но иноватор во слободно време.

Како голем љубител на природата и кампувањето, Рушев и самиот многупати се соочил со потребата од подготвување јадење на отворено. Палењето оган не секогаш е дозволена опција во природа, што за него било првиот поттик да размислува и да ја креира својата иновација, мобилен шпорет за готвење во природа. Резултатот од тоа, вели тој, се првите шпорети произведени во македонска фабрика и нивните задоволни корисници.

- Advertisement -

Новинар – Верица Јорданова

Г-дин Рушев, објаснете ни што е вашата иновација Mobi Stove?

- Advertisement -

Мобилниот шпорет Mobi Stove е наменет и дизајниран за готвење во природа. Како гориво користи отпадна биомаса, која се наоѓа секаде во природата. Тежок е само еден килограм и склоплив, што го прави многу едноставен и лесен за транспорт. Дизајнот дозволува и регулација на температурата, односно на оганот, со осум различни степени од најслаб до најсилен.

Комерцијалниот модел на Mobi Stove за да работи и за да се регулира оганот користи соларна ќелија со батерија. Има и уште еден модел кој користи термо кондуктер, тоа е електонска плочка која создава електрична енергија од разликата во температура која се создава во шпоретот користејќи отпорник кој ја сабилизира создадената електрична енергија на 5V.
Mobi Stove, додека работи има опција на камперите и планинарите да им овозможи и да го полнат мобилниот телефон и да користат осветлување преку него. Значи, уредот е мултифункционален и многу практичен за користење на отворено и овозможува некои од продобивките на урбаното живеење лесно и едноставно да си ги овозможиме во природа или на планина. Мобилниот шпорет е целосно дизајниран, патентиран и произведен во Македонија.

- Advertisement -

Како дојдовте до идеја да иновирате мобилен шпорет за готвење во природа?

Како љубител на природата и кампер, често се соочував со проблем за подготвување на јадење во природа. Во лето е забрането палење на отворен оган поради опасност од пожари, а носењето на плинска боца за готвење е непрактично решение.

Почнав да истражувам на интернет за изнаоѓање решение на овој проблем, се што беше понудено на пазарот беше евтино и непрактично, или корисно, но многу скапо. Од истражувањето добив некои идеи и почнав самиот да конструирам мобилна направа за готвење од лимени кутии, што ќе користи биомаса како гориво, но притоа јачината на оганот да се регулира.

Од првиот обид за мобилна направа за готвење во природа до сегашниот финален дизајн на Mobi Stove што го гледате, поминаа 3,5 години во кои се изработија 12 прототипи. Почетната цел ми беше да си направам еден за мене и тука да застанам. Но, на еден кампинг на Халкидики, ми пријде еден Англичанец и почна да се интересира за мојот изум. Бараше да му го продадам мобилниот шпорет, што и се согласив на последниот ден од кампингот. Тоа ми отвори многу прашања и теми за размислување. Сфатив дека производот е корисен, може да има побарувачка и пазар, но и дека ќе треба да се патентира, да се комерцијализира, да се обезбеди производство, маркетинг итн.

Како ќе ја објасните комбинацијата на професионален дипломат и иноватор?

Во дипломатската професија може да вложите многу труд, енергија и време, но резултат да не се види, или да се види многу покасно. Потребата да се види резултат после потрошено време, труд и креативна мисла, ја надокнадувам за време на викенд, кога практикувам DIY (Do It Yourself) или како што би кажале кај нас, направи сам.

Најкреативните решенија за производот ги добив за време на изолацијата и карантините заради пандемијата на Ковид 19. Инаку, креативноста и иноваторството го имам наследено од мојот татко кој беше машински инженер, енергетичар и иноватор и затоа оваа иновација му ја посветувам нему.

Лесно ли е да се биде иновативен и креативен човек кај нас? Што би им препорачале на младите креативци?

Да ја развиваат својата иновативност и креативност, а ако не друго, најмалку што можат е да направат реиновација, да земат различни производи и да им додадат некои својства, како што направив јас. Во сечија блиска околина постојат илјадници производи кои можат да имаат и друга намена, а сето тоа помага во креирање на конечната бизнис идеја.

Секој има свои интереси, кариера, хобија и активности во слободно време и обично креативните идеи се резултат на овие интереси или на судир со некој проблем и потребата да се најде решение. Каде и да одат или да патуваат, младите треба да следат се околу себе, бидејќи никогаш не се знае каде и што може да ја поттикне креативноста.

Јас имам запишано стотици идеи. Некои од нив сум ги проучувал и разработувал, а за некои има и започнато правење прототип. Идеите се првиот чекор во реализацијата на една иновација. Секогаш треба целта да ни биде кон реализацијата, бидејќи ако идејата се реализира значи била добра. Ако не успее, останува едно големо искуство.


Кои се вашите идни планови поврзани со Mobi Stove?

Во соработка со една компанија во Македонија произведени се првите 50 парчиња на Mobi Stove. Имаме и лого, а подготвивме и мала маркетинг кампања, но за жал, тука застанавме, бидејќи времето и обврските толку ми дозволуваат.

Во моментов постојат повеќе можности за идниот развој, за што дополнително ќе информираме.

Сподели!
- Advertisement -