Националниот регистар на културното наследство ќе овозможи поефикасно управување и заштита на културното наследство со примена на иновации. Проектот ќе создаде брз и ефикасен систем за водење на заштитните евиденции и транспарентен систем за управување со културните добра, беше речено на пуштањето во употреба на новиот софтвер во Управата за заштита на културното наследство.
Според министерот за култура и туризам Зоран Љутков, софтверот ќе биде достапен за сите релевантни институции од областа на заштитата на културното наследство.
– Целта е да обезбедиме унифициран начин на водење на заштитните евиденции и централен пристап на јавноста до податоците за целокупното културно наследство во земјава. Ова ќе придонесе и за подобра координација и соработка меѓу различните субјекти вклучени во заштитата и промоцијата на културното наследство – рече Љутков.
До софтверот ќе може да се пристапи преку секој интернет-пребарувач од компјутер или паметен телефон кој има пристап до интернет. Во јавниот дел пристап ќе има секој граѓанин, додека во делот за внесување податоци, од безбедносни причини, ќе може да пристапат само овластени лица, вработени во институциите од областа на заштитата на културното наследство.
– Реализацијата на овој проект не е само техничко решение, туку и дел од нашата визија за модерна културна политика, која се заснова на иновации, заштита и инклузивност – рече Љутков.
Директорката на УЗКН, Весела Честоева посочи дека Управата ќе ги внесе сите податоци во ова софтверско решение и ќе ги ажурира постоечките. Тоа подразбира повеќе од 8.000 регистрирани и евидентирани недвижни добра, околу 25.000 икони кои се наоѓаат во нашите цркви и манастири како и 500.000 археолошки, историски, етнолошки и уметнички предмети кои се наоѓаат во музеите во Македонија. Овој процес треба да доведе до целосна дигитализација на заштитните евиденции на Националниот регистар за културното наследство.
Вредноста на софтверот е 100.000 евра, а тендерот во 2021 година за негова изработка го доби „Телеком“ како најповолен понудувач. Софтверското решение согласно договорот било завршено во октомври 2024 година.
Извор – Умно