Грција одлучи да ги зголеми таксите за туристите, со цел да генерира приходи за да ја подобри инфраструктурата и да промовира одржлив туризам по природни катастрофи.
Порталот „Шенген њуз“ објави дека во 2025-та година туристите во Грција ќе плаќаат дневен данок од 2 евра наместо досегашните 0,5 евра, а за време на ударниот дел од туристичката сезона, од април до октомври, оваа такса ќе изнесува 8 евра.
Од април до октомври таксата за хотели со една и две ѕвезди и за изнајмување соби ќе изнесува 2 евра наспроти 1,5 лани. Надоместокот за хотелите со три ѕвезди ќе поскапи за 2 евра, за хотелите со четири ѕвездички 10 евра наместо досегашните 7, а најголемо поскапување има за хотелите и вилите со пет ѕвезди, за кои наместо 10 ќе се плаќа 15 евра.
За сместување во „Airbnb“ таксата се зголемува од половина евро на 2 евра во зимските месеци и од 1,50 на 8 евра во летните месеци. Дополнително, во 2025-та година се очекува да процвета и туризмот за крстарење, а се верува дека оваа земја ќе ја посетат 8 милиони туристи.
Поради оваа причина, за посета на Санторини или Миконос ќе се наплаќа 20 евра, додека за другите острови таксата ќе биде 5 евра на ден, вклучувајќи ја и Атина. Иако на Миконос живеат само 12.000 луѓе, дневно го посетуваат и до 20.000 туристи.
Слично е и на Санторини. Промените на цените во септември ги најави грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, наведувајќи дека очекуваниот приход од 600 милиони евра ќе биде насочен кон фондот за санација на штетите предизвикани од климатските промени.
(Денар)
Фото – Needpix