BYD стана најголемата закана за Tesla за прилично кратко време, а оваа кинеска компанија наскоро би можела да стане доминантна на пазарот за електрични автомобили. Иако досега се натпреваруваше со Tesla и другите традиционални производители на автомобили со квалитетни возила по пристапни цени, сега објави уште една голема иновација на сите нивни автомобили што дополнително ќе ја зголеми вредноста за парите што ја обезбедуваат нивните автомобили.
Како што најавија на почетокот на оваа недела, во сите нивни модели ќе ја имплементираат технологијата за интелигентно возење „божје око“ (God’s Eye), што, меѓу другото, ќе овозможи далечинско паркирање и автономно преземање на контролата на автомобилот. Пред објавувањето извршниот директор на компанијата Џанг Жуо коментираше дека BYD ќе го лансира God’s Eye за 11 модели на брендот Ocean, додека генералниот директор на компанијата, Лу Тиа, нагласи дека сите шест главни брендови на компанијата ќе бидат надградени со новата технологија. Она што е особено интересно е што оваа опција за интелигентно возење ќе биде достапна и за најевтиното возило, моделот Seagull, кој на кинескиот пазар чини помалку од 10.000 долари. Не се знае дали, ниту за колку „божјото око“ ќе ги поскапи автомобилите.
Но, тоа не е се. Имено, компанијата ќе ги интегрира моделите со вештачка интелигенција на DeepSeek во своите возила, па во иднина можеме да очекуваме различни опции базирани на вештачка интелигенција во нивните автомобили. Да потсетиме, истото пред неколку дена го објави уште една кинеска компанија – Geely.
Како што истакнува Business Insider, потезите на овие две компании покажуваат голема промена во пристапот на кинеските автомобилски компании, кои веќе не се движат само во насока на електрификација, туку со имплементацијата на вештачката интелигенција прават голем чекор кон електрични интелигентни возила, односно автомобили со напредна технологија со различни автономни опции.
„Божјото око“ на BYD веќе се соочува со конкуренција на кинескиот пазар од компании како Xpeng и Nia, кои развија сопствени автономни системи, а треба да се спомене и Xiaomi и нивниот прв електричен автомобил, SU7, кој доаѓа со интелигентна помош при возење. Сепак, BYD ја очекува својата најголема конкуренција оваа година кога, барем според најавите на Маск, опцијата Full Self-Driving треба да стане достапна за сопствениците на кинескиот Tesla.
Додека Tesla останува владетел на овој пазар, а кинеските компании се повеќе се закануваат, ќе биде интересно да се види каков ќе биде одговорот од традиционалните европски производители на автомобили. За нив ситуацијата во моментов не е многу оптимистичка и се надеваат дека работите ќе се свртат со воведување поевтини автомобили, но гледајќи го кинескиот пазар, јасно е дека ако сакаат да останат конкурентни, ќе треба да се стави голем акцент на напредната, односно автономната технологија и вештачката интелигенција.
(Business Insider)
(фото: YouTube)