Во сабота, 15.03.2025, со почеток во 12:00 часот во МАККА Бар по втор пат ќе се одржи поп-ап настан за „трифт“ шопинг каде може да се најдат одлично сочувани парчиња гардероба, книги, играчки и накит организиран од страна на скопската „Second Hand Faves“ платформа, која се грижи за еколошката свест, реупотреба на гардеробата, материјалите и нивната одржливост.
Во последните години, модата на облека од втора рака (second hand) доживува значителен пораст на глобално ниво. Она што ја движи оваа препродажна револуција е парадигматската промена во однесувањето на потрошувачите. Кога ќе се додаде на сето ова и кризата со трошоците за живот, се создава совршена комбинација за подемот на пазарот за облека од втора рака.

„Неколку фактори влијаат на овој хипер-раст, вклучувајќи ја зголемената желба за уникатна и достапна мода, зголемената еколошка свест на потрошувачите за тоа дека текстилот е вториот најголем загадувач во светот, но и погодноста на онлајн платформите и социјалните медиуми кои всушност и ја направија оваа револуција.“ – изјави Ирина Михајлова од Second Hand Faves.
Овој тренд е мотивиран од зголемената еколошка свест за влијанието на модната индустрија на Gen Z генерацијата. Социјалните мрежи, исто така играат голема улога во промовирањето на одржлива мода, преку споделување на видеа за „трифт“ шопинг. Покрај еколошките аспекти, достапноста на облеката од втора рака е клучна за младите кои се соочуваат со финансиски ограничувања.

Втората рака (second hand) одамна престана да значи „второкласно“. Напротив. Да се пофалиш со тоа дека твојата нова комбинација е од втора рака стана вистинскиот показател на стил.
Бесплатен е влезот за сите посетители. Понесете платнена торба и ситни банкноти.