Socialize 2025: Првиот фестивал за дигитална креативност и технологии, кој ќе ги собере водечките експерти од Македонија и регионот
За прв пат во Македонија, на 24 април во хотелот Александар Палас, ќе се одржи Фестивал на дигитална креативност и технологии „Socialize 2025“, кој ќе ги собере највлијателните експерти од Македонија и регионот во областа на социјалните медиуми, дигиталниот маркетинг и технологиите.
„Socialize 2025“ е еднодневен фестивал кој има за цел да ја врати возбудата за креативните, дигиталните и технолошките индустрии кај компаниите, институциите и дигиталните агенции, да ја инспирира домашната креативна индустрија да создава нови оригинални идеи, да поттикне технолошки напредок, да ги доедуцира маркетерите кои сакаат да ги усовршат најновите техники и стратегии за постигнување на подобри резултати во дигиталниот маркетинг, да ги мотивира бизнисите да продолжат со раст и развој, и да овозможи вмрежување на сите учесници на забавен и креативен начин.
Во рамките на фестивалот ќе се одржи конференција на тема „Локални ѕвезди со глобални успеси“, која ќе понуди разновидна и високо квалитетна агенда. Преку инспиративни говори на истакнати маркетинг експерти и панел дискусии со влијателни професионалци од повеќе различни индустрии во Македонија, ќе се разгледуваат новите трендови и стратегии во дигиталниот маркетинг и технологиите. Во посебни сесии, ќе бидат презентирани успешни приказни на познати контент креатори, инфлуенсери, претприемачи, дигитални специјалисти и технолошки експерти, кои со своите оригинални креативни идеи и бизнис потфати станале вирални и постигнале глобален успех.
На фестивалот, особено значајно е учеството на Јасмин Алиќ, светски признат експерт за раст на LinkedIn и исклучителен копирајтер. Неговото искуство со најголемите светски брендови, како и неговото влијание на повеќе од 300.000 следбеници на LinkedIn, ќе донесе уникатни стратегии за успех, кои ќе им покажат на учесниците како оваа платформа може да го трансформира нивниот бизнис и кариера.
„Горди сме што можеме да објавиме учество на Јасмин Алиќ, еден од највлијателните експерти во дигиталниот свет, кој ќе биде дел од првото издание на фестивалот „Socialize 2025“. Јасмин е светски познат копирајтер и експерт за брендирање во Fortune 500 компании, а три години по ред е рангиран како број еден експерт за раст на LinkedIn, со над 300.000 следбеници. Неговото учество ќе донесе уникатни и вредни стратегии за успех на сите учесници.“ – велат организаторите.

На конференцијата, за прв пат ќе биде презентирана ексклузивна и сеопфатна анализа на маркетинг индустријата во Македонија, подготвена од водечката платформа за деловна интелигенција и финансиски анализи, „БизнисМрежа.мк“. Анализата ќе ги опфати клучните макроекономски показатели, сегментацијата на агенциите, економскиот придонес преку даноци и давачки, како и одржливоста на стартапите во маркетинг индустријата.
Во забавните зони на фестивалот, ќе има организирано вмрежување во форматот на speed dating, каде што учесниците ќе имаат можност за брзи, но значајни разговори, кои можат да доведат до нови можности за работа или соработка во креативната индустрија. Ќе бидат организирани и работилници со инфлуенсери, дигитални експерти и креативци, наменети за сите оние кои сакаат да научат креирање на содржини директно од најдобрите и најуспешните македонски експерти.
Фестивалот ќе заврши со свечена церемонија за доделување на наградите „Socialize Awards“ за најдобрите проекти, кампањи и контент креатори во Македонија, во повеќе категории.
„Socialize Awards“ се професионални награди кои им оддаваат признание на македонските компании, институции, агенции и контент креатори за најквалитетни и најпрофесионални индивидуални и интегрирани кампањи и проекти кои постигнале врвни деловни резултати и препознатливост на брендот во текот на изминатата година. Целта на Socialize Awards е да ги поттикне и мотивира македонските експерти за дигитални производи и технолошки решенија, социјални медиуми и дигитален маркетинг, како и да ја истакне нивната способност, талент и креативност пред стручната јавност, а истовремено и да придонесе за подобрување и развој на овие иновативни професии во Македонија.
Почнувајќи од оваа година, сите заинтересирани компании, агенции, фриленсери и контент креатори од Македонија ќе можат да се пријават за наградите Socialize Awards, кои во периодот од 1.4.2024 година до 1.4.2025 година успешно ги реализирале своите проекти и кампањи на македонскиот пазар. Номинациите се отворени до 10 април 2025 година и се целосно бесплатни.
Повеќе информации за фестивалот Socialize 2025 може да се најдат на страницата socialize.mk.