Машинскиот факултет во Скопје доби напредна технолошка опрема од ЛТХ Леарница Охрид

- Advertisement -

Машинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје доби на трајно користење напредна технолошка опрема од компанијата ЛТХ Леарница Охрид, која ќе биде ставена во функција на наставата, лабораториските вежби и научно-истражувачката работа. Ваквиот вид соработка претставува практичен модел на подобрување на образованието преку директно поврзување на факултетот со индустрискиот сектор, со јасна цел – создавање на кадровски потенцијал кој одговара на реалните потреби на современото производство и технолошки развој.

Свечениот настан по повод примопредавањето се одржа во Лабораторијата за производни технологии и процеси, во присуство на претставници од академската заедница, Министерството за образование и наука и индустрискиот сектор. Оваа донација е прв реализиран чекор од новиот модел на партнерски пакети со компании што Машинскиот факултет го воведе во 2024 година, со цел да поттикне структурирана и долгорочна соработка меѓу високото образование и стопанството.

- Advertisement -

Деканот на Машинскиот факултет, проф. д-р Златко Петрески истакна дека во услови кога технологијата напредува со незапирлива брзина, кога вештачката интелигенција и дигиталните процеси се веќе составен дел од секојдневието, високото образование се соочува со предизвик – не само да го следи технолошкиот развој, туку и да создаде кадар кој ќе го води.

„Целосно надминување на овој предизвик е невозможно, но да се остане во достоинствена борба со него е можно само преку континуирано осовременување на наставните планови и програми и практична едукација што ги вклучува студентите директно во технолошките процеси. Со донацијата на опремата од страна на ЛТХ Леарница Охрид Машинскиот факултет добива напредна технолошка целина која ќе биде ставена во функција на образованието и истражувањето. Оваа опрема ќе се користи во повеќе наставни предмети и лабораториски вежби, како и во реализација на дипломски, магистерски и докторски трудови, со што нашите студенти и професори ќе имаат привилегија да работат со современи технологии, што ќе ги подготви за реалниот свет и ќе ги оспособи за водење на индустриската трансформација“, рече проф. д-р Петрески.

- Advertisement -

Министерката за образование и наука, проф. д-р Весна Јаневска, во своето обраќање го нагласи значењето на иницијативите кои го подобруваат квалитетот на високото образование и создаваат услови за практична едукација на студентите. Таа ја оцени донацијата од ЛТХ Леарница Охрид како позитивен пример за соработка помеѓу приватниот сектор и академската заедница, со потенцијал да донесе долгорочни придобивки за целото општество.

„Инвестициите во модерни образовни алатки, без разлика од каде доаѓаат, не се само вложување во инфраструктура – тие се инвестиција во иднината на младите генерации. Верувам дека оваа опрема ќе им даде на студентите и професорите алатки за иновација, креативност и соработка. Стопанството и реалниот сектор посакуваат и постојано бараат да имаат што е можно повеќе квалификуван и практично поткован инженер. Затоа сметам дека ова денес што го промовираме е вистински пример за тоа како компаниите можат сами да си помогнат себе си, директно помагајќи и на факултетите“, рече министерката Јаневска, притоа нагласувајќи дека е неопходно да се продолжи со посериозни инвестиции во лабораториска опрема и истражувачка инфраструктура, со цел да се обезбедат современи услови за настава и научна работа на државните универзитети.

- Advertisement -

Ректорката на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, проф. д-р Биљана Ангелова, потенцираше дека оваа донација е значаен чекор затоа што соработката со реалниот сектор е еден од приоритетите на универзитетот.

„Нашата цел како универзитет не е само да го пренесуваме нашето знаење на студентите туку кај нив да развиеме критично размислување, да поттикнеме иновативност, а токму практичната настава и практичните вежби, и се поголемиот допир на студентите со реалниот сектор го овозможува тоа.  Нашата цел е да им го олесниме патот на  студентите, преодот од училниците и лабораториите во реалниот сектор, затоа освен со академски знаења треба да ги обучиме и со вештини кои ќе им го олеснат овој преод од една во друга средина, од училница во реалните работни средини, токму тоа и го правиме со оваа опрема. Ова е влог не само во материјална форма, која што го добива Машинскиот факултет, туку и образовниот  процес“, рече ректорката на УКИМ,  проф. д-р Ангелова и додаде дека соработката помеѓу владините институции, образовните установи и реалниот сектор мора да се продлабочува и во иднина, затоа што само така може да се постигнат целите на високото образование.

Претставникот на ЛТХ Леарница, Клемен Турк изрази уверување дека со оваа донација ќе се придонесе за проширување на практичното знаење и на идните професионални можности за студентите на Машинскиот факултет.

„Донираме координатна мерна машина, уред за мерење на димензии на резачки алати и ЦНЦ вертикален обработувачки центар, која е високо продуктивна и докажана во индустриски услуги и се надевам дека ќе им служи успешно на студентите и истражувачите на Машинскиот факултет. Со оваа донација ЛТХ Леарница станува првиот златен партнер на Машинскиот факултет,  признание кое не е само статус, туку и ветување за соработка меѓу индустријата и образованието“,  рече Турк.

Со соработката со  ЛТХ Леарница Охрид Машинскиот факултет уште еднаш ја потврдува својата водечка улога во инженерското образование во државата. Преку стратешки партнерства, современи наставни пристапи и силна посветеност на практичната настава, факултетот продолжува да гради генерации подготвени за индустриски предизвици и технолошка трансформација.

Сподели!
- Advertisement -