Со рекорден раст на извозот и продажбата, BYD доминира на глобалниот пазар на електрични патнички возила, додека Tesla е во пад. Geely, Volkswagen и Hyundai-Kia се повеќе им се закануваат на старите гиганти. Дали заврши ерата на доминација на Тesla?
Март 2025 година покажа дека BYD влезе во нова фаза на доминација. Кинескиот гигант регистрираше околу 350.000 возила, од кои дури 21% се извоз – двојно повеќе од целата 2024 година. Со цел од 5,5 милиони продадени возила во 2025 година и 800.000 планирани за извоз, јасно е дека BYD повеќе не игра само на домашен терен. Сега се поставува прашањето: дали производителот од Шенжен ќе ја престигне Тоyotа до крајот на деценијата?
Од друга страна, Tesla доживува загрижувачки пад. Со 151.000 регистрирани возила во март, американската компанија има пад од 10% во споредба со истиот период минатата година, дури и со освежениот Model Y. Додека Geely продолжува да зајакнува во Кина и се приближува на второто место, Tesla е под притисок и од Истокот и од Европа.
Geely држи солидно трето место и има амбиции да ја престигне Тesla. Сепак, ќе и треба силна извозна стратегија за да биде во чекор со BYD. На четврто место е Wuling со 67.000 примероци, но заостанува зад Geely и мора да внимава на растечките перформанси на традиционалните европски производители.
BMW и Volkswagen ги бележат своите најдобри резултати од декември 2023 година. BMW, благодарение на моделите i4 и iX1, и Volkswagen, со силен опсег на ID и рекордни бројки од брендови како Cupra, Skoda и Porsche, испраќаат јасна порака – враќањето на германското инженерство е во тек. Аudi и Mercedes имаа и силни месеци, а Mercedes особено ветуваше со новиот модел CLA, кој носи автономија од речиси 800 km и ултра брзо полнење од 320 kW.
Не се откажуваат ниту азиските ривали. Hyundai и Kia постигнаа рекордни резултати благодарение на новите модели Inster и EV3, додека Toyota со своето портфолио BZ и докажаните plug-in хибриди (Prius, Crown, RAV4) бележи рекордни бројки и планира уште посилен раст во текот на годината.
Францускиот Renault го забележа својот најдобар резултат од декември 2022 година, пред се благодарение на успехот на моделите Renault 5 и Scenic. Можно е овој бренд наскоро да се врати во топ 20 на глобално ниво.
Гледајќи го кумулативниот пласман за првите три месеци од 2025 година, BYD е цврсто на врвот, Тesla e во благо закрепнување, но далеку од минатогодишните нивоа, додека Geely незапирливо оди напред. BMW сега е пред Volkswagen, а Mercedes се искачи на десеттото место. На дното на листата, кинескиот Aion и американскиот Ford се обидуваат да се вратат во елитата.
Кога се гледа пазарниот удел по производител, BYD е лидер со 24,2% (благ пад), додека Geely држи 11,2%. Тесла е трет со 8,2%, но со надолен тренд. Volkswagen е на 7,4% и полека се приближува кон Тesla. Ако трендовите продолжат, можно е Тesla да загуби уште една позиција до март 2026 година.
Интересно е тоа што во сегментот на електрични возила само со батерии (BEV), BYD ја престигна Тesla со 15,4% во споредба со 12,4% на Tesla. Пред само една година Tesla имаше 19%, додека BYD беше на 14,8%. Разликата сега е јасна, ерата на доминација на Тesla е завршена.
(Clean Technica)
(фото: BYD)