Со години масовниот туризам создава проблеми не само за познатите локации и природните убавини, туку и за секојдневниот живот на локалните жители. Градовите се борат со пренатрупаноста, инфраструктурата страда, а духот на местото полека згаснува под притисокот на туристите. Сепак, сè уште има прекрасни места низ светот кои ја зачувале автентичноста и што е најважно, мирот.
Во денешно време, кога многумина сакаат да избегаат од гужвите и стресот, вистинската вредност на патувањето се рефлектира во потивки дестинации кои се уште не се под опсада на камери и туристички водичи. Eouronews создаде листа со помалку познати, но подеднакво атрактивни места, како предлог за секој што сака да го помине својот одмор без да се турка низ толпата и со тоа да им помогне на градовите како Венеција или Дубровник, кои веќе плачат за одмор.
Овие дестинации често нудат подостапни одмори, поблиски се до луѓето, потивки, порелаксирани. Можеби нема да наидете на светски познати музеи или симболи на разгледници, но она што го добивате е вистинско искуство, спокојство и атмосфера што ве потсетува зошто на прво место сте тргнале на патување.
Жирона – тивка магија наместо преполна Барселона
Ако сакате да го избегнете туристичкиот хаос на Барселона, идеална алтернатива е Жирона – средновековен скапоцен камен во регионот на Каталонија. Иако не се наоѓа на брегот, од Коста Брава е оддалечен само еден час, а со воз можете да стигнете до Барселона за помалку од еден час. Градот е полн со историска архитектура, тесни улици и зелени градини, а цените се во просек околу 25% пониски од каталонската метропола.
Бодрум – турски шарм како алтернатива на гламурозниот Сент Тропе
Тиркизниот брег на Турција може да му парира на шикот на Азурниот брег, но без превисоките цени. Полуостровот Бодрум нуди луксуз и релаксација веднаш покрај морето, но со домашна атмосфера и цени многу попристапни отколку во Франција. Хотели, локална кујна, екскурзии – сè зрачи со релаксација и едноставност, без губење на квалитетот.
Тревизо – елеганција без туристичката помпа на Венеција
Додека во Венеција нема место на плоштадите, во Тревизо можете да одите покрај реките, низ градските аркади и покрај историските градби без да ве туркаат. На помалку од половина час возење од Венеција, а аеродромот е при рака, Тревизо нуди поинакво, но подеднакво шармантно искуство. Совршен е за оние кои сакаат италијански дух без преголема гужва, пренесува TU Magazine.
Процида – шарена оаза наспроти гласното Капри
Капри е синоним за луксуз, но и за огромна туристичка гужва. Спротивно на тоа, малиот остров Процида, кој се наоѓа недалеку од Неапол, ја зачувува едноставноста и шармот на медитеранскиот рибарски живот. Неговите пастелни куќи, тивките заливи и речиси недопрената атмосфера го прават идеално место за оние кои бараат автентичен одмор, далеку од гужвите на брегот Амалфи.
(Bizlife)
(фото: Good Fon)