Во Европската Унија стапија на сила нови правила за транспарентност за моделите за вештачка интелигенција (ВИ) за општа намена како ChatGPT и Gemini. Според новите правила, програмерите мора да откријат како функционираат нивните модели и кои податоци се користени за обука, објави францускиот „Монд“.
За понапредните модели, кои носат поголеми ризици, безбедносните мерки мора да бидат документирани.
Овие правила овозможуваат подобра заштита на авторските права, бидејќи програмерите мора да ги пријават изворите на податоци што ги користат, вклучително и секоја автоматизација на собирањето податоци од Интернет. Исто така, мора да се спроведат мерки за заштита на интелектуалната сопственост.
27-те земји-членки мора да ја известат Европската комисија кои национални органи ќе бидат одговорни за обезбедување на правилно спроведување на прописите. Законот предизвикува тензии меѓу ЕУ и САД, бидејќи американските компании, вклучувајќи ги Google и Meta, не се заинтересирани за прописи што би можеле да го забават развојот на технологијата за ВИ во Европа.
Иако ЕУ издаде кодекс на добри практики, многу големи американски фирми се против законите што ги обврзуваат на поголем надзор и одговорност. Програмерите кои го прекршуваат законот можат да бидат казнети до седум проценти од глобалните приходи.
Законот, исто така, вклучува одредби за високоризични системи со вештачка интелигенција во чувствителни сектори, како што се образованието, енергетската инфраструктура и граничната контрола.
(B92)
Фото – Pixnio