Мате Римац сподели детали за досегот на Bugatti Chiron. Тој патуваше во Минхен со својот Chiron за саемот IAA, а на социјалните мрежи објави фотографија на која се прикажани податоците од патниот компјутер.
Фотографијата покажува дека Chiron троши 16,3 литри на 100 километри, со просечна брзина од 103 км/ч – што значи дека, со полн резервоар автомобилот може да помине околу 500 километри.
Во срцето на Bugatti Chiron се наоѓа 8,0-литарски W16 мотор со четири турбополначи, а неговата моќност е импресивни 1.500 КС. Автоматизиран менувач го пренесува овој огромен потенцијал на сите четири тркала.
Според фабричките податоци, Bugatti Chiron може да достигне 100 км/ч во оптимални услови за 2,3 секунди, со максимална брзина од 420 км/ч – што го става на самиот врв на денешните хиперспортски автомобили, со само неколку конкуренти со конвенционални мотори.
Bugatti Chiron за прв пат беше претставен во 2016 година како наследник на легендарниот Veyron, кој веќе ги помести границите на автомобилското инженерство. Именуван е по возачот од Монако, Луис Широн, еден од најуспешните возачи на Bugatti од периодот меѓу двете светски војни.
За разлика од Veyron, кој беше револуционерен во својата ера, Chiron донесе уште помоќен мотор, подобрена аеродинамика и врвен луксуз во ентериерот. Bugatti најави производство ограничено на 500 единици, од кои повеќето беа распродадени во рекордно време.
Chiron брзо стана синоним за врвен луксуз и инженерска совршеност, кршејќи светски рекорди – како што е соборувањето на границата од 490 км/ч во специјално подготвената верзија Chiron Super Sport 300+. Денес, тој се смета за еден од најпрепознатливите симболи на автомобилска екстраваганција и технолошка доминација.
(Bizlife)