Меѓународната вселенска станица е дом на астронаути од целиот свет речиси 25 години. Тоа е место во орбитата на Земјата кое ги поместува границите на науката и технологијата и откри толку многу за животот на Земјата и околу нас.
Но, таа се ближи кон крајот на својот животен век и ќе биде деактивирана и деорбитирана до крајот на оваа деценија. Па логичното прашање е што ќе се случи кога повеќе нема да биде оперативна?
Кина веќе изгради своја вселенска станица, за која тврди дека е отворена за астронаути од други земји. Русија, која учествуваше во изградбата на Меѓународната вселенска станица, планира да изгради своја вселенска станица.
А што е со другите? НАСА работи со приватни компании за да спроведе план за транзиција од државна во комерцијална вселенска станица. Ова значи дека НАСА во суштина би изнајмувала простор и време на станица која би била во приватна сопственост.
Следната година е закажан натпревар за избор на најдобар дизајн и партнери за почетна демонстрација што би вклучувала 30-дневна мисија со екипаж.
НАСА веќе соработуваше со неколку компании за развој на дизајни за комерцијална станица, вклучувајќи ја и Vast, со седиште во Калифорнија, која планира да ја лансира првата комерцијална вселенска станица во светот, Haven-1, во мај 2026 година.
Според CNN, Haven-1 е едноставен концепт за тестирање со еден модул што би му овозможил да остане во орбитата три години и да поддржи четири двонеделни мисии со четири астронаути.
Со дијаметар од само 4,4 метри и простор за живеење од 45 кубни метри, Haven-1 би обезбедилa простор колку автобус. Би вклучувалa научна лабораторија за истражување на микрогравитацијата, како и можност за производство на технологии како што се полупроводници во нулта гравитација.
Не е дизајниранa да биде луксузен хотел, нагласи извршниот директор на Vast, Макс Хаот. Но, тоа не значи дека нема да има некои предности. Прво, секој член на екипажот треба да има свои приватни простории за спиење, а комуникацијата треба да се одвива преку брзата интернет конекција на Starlink.
Haven-1 треба да биде достапен и за приватни и за владини мисии, што би му дало време на Vast да стекне искуство пред да влезе во натпреварот за создавање наследник на Меѓународната вселенска станица.
Нашата следна голема пресвртница ќе биде објавувањето на екипажот на Haven-1 и точните активности на мисијата, рече Хаот. Тој додаде дека тие се насочени конкретно кон земјите во развој кои сакаат да испратат астронаути во орбитата за прв пат.
Интересно е што Хаот рече дека тие се отворени и за приватни, самофинансирани лица, кои за сè уште непозната цена ќе можат да останат на Haven-1 и да работат „важна работа“ во вселената.
Иако Vast е веројатно најблиску до лансирање приватен модул во орбитата, тој не е единствениот што планира да изгради приватна вселенска станица. Starlab (заедничко вложување помеѓу Airbus и Northrop Grumman), Blue Origin (во сопственост на Џеф Безос) и Axiom Space исто така имаат иста цел.
Но, компаниите што сакаат да ги испратат своите вселенски станици во орбитата треба да имаат предвид една многу важна работа. Управувањето со вселенските станици е скапо.
Според Оливие де Век од МИТ, моменталните оперативни трошоци на Меѓународната вселенска станица се околу 12 милиони долари дневно. Половина од тоа оди за трошоците за транспорт на екипажот и товарот до и од станицата.
За да има каква било шанса за одржливост, идната комерцијална вселенска станица би требало да има годишни оперативни трошоци некаде во опсег од 1 милијарда до 2 милијарди долари годишно, што е еквивалентно на годишни трошоци помеѓу 2,7 милиони и 5,5 милиони долари дневно, помалку од половина од трошоците на Меѓународната вселенска станица, истакнува де Век.
Досега е познато дека Vast ќе инвестира околу 1 милијарда долари за да го постави Haven-1 во орбитата. Колку ќе чини неговото одржување таму, останува да се види.
(Zimo)