AI Tech Summit Skopje 2025 свечено отворен во чест на основачот Филип Аврамчев

- Advertisement -

Денес официјално беше отворен најголемиот регионален настан посветен на вештачката интелигенција – AI Tech Summit Skopje 2025, кој традиционално ги обединува водечките експерти, компании и ентузијасти од областа на технологијата. 

Ова издание на самитот започна со емотивна и достоинствена посвета на неговиот основач Филип Аврамчев, кој годинава нè напушти, оставајќи зад себе силна визија и наследство за технолошката заедница. Филип веруваше дека Македонија и регионот имаат потенцијал да бидат дел од глобалната технолошка мапа. Неговата страст и посветеност се вградени во овој настан и ќе продолжат да бидат поттик за идните генерации, истакнаа организаторите при отворањето.

- Advertisement -

На отворањето беше прикажано специјално видео во негова чест, кое ја раскажа неговата приказна и визија за развој на технологијата како двигател на иновации, напредок и поврзување на регионот со светските текови. Филип беше повеќе од само лидер. Тој беше сонувач, делотворен човек и пред сè, веруваше во трансформативната моќ на технологијата. Работеше неуморно за да создаде платформа каде што иноваторите, експертите и младите умови би можеле да се соберат за да учат, да соработуваат и да ја обликуваат иднината. Неговата страст и посветеност го претворија самитот за вештачка интелигенција не само во настан, туку во сосема нова платформа која ќе испишува историја и понатаму. Овогодинешниот самит е посветен на неговиот живот и сето она кое тој успеа да го донесе и пренесе кај нас. 

Со помош на вештачката интелигенција, Филип ни’ се обрати уште еднаш за да не праша “дали има нешто поубаво од разбирањето дека нечија љубов, страст и посветеност станале инспирација и суштинска мотивација за останатите?”  и да ни посака успешен Самит кој оваа година успеа да се реализира со помош на неговото семејството, тимот и пријателите, кои заеднички ја завршија работата и се заложија дека и понатаму AI Tech Summit Skopje ќе живее во негово име.  Филип, се надеваме дека се гордееш со нас!!! 

- Advertisement -

AI Tech Summit Skopje 2025 ќе опфати повеќе панели, предавања и работилници со учество на врвни говорници од целиот свет, со фокус на практичната примена на вештачката интелигенција и нејзината улога во трансформацијата на бизнисите, медицината, спортот, општеството и секојдневието.

Сподели!
- Advertisement -