Некои луѓе го сакаат бучното возење низ тунели, додека други апсолутно го мразат. Порше дизајнираше и патентираше апликација за своите автомобили што ги опфаќа обете опции. Еве за што се работи.
Замислете да возите низ тунел, со спуштени прозорци, вашиот мотор да бучи силно и вртежите да одекнуваат од ѕидовите. Некои возачи ентузијасти живеат за вакви искуства, а Porsche сега би можел да го автоматизира целото искуство.
Porsche патентот го објави на 23 октомври, а тој би можел да го редефинира возењето низ тунел, пишува порталот CarBuzz. Некои патници во возилото уживаат во посебната бучава што ја прави возилото кога возат низ тунел, се вели во објавата за патентот на Porsche.
Алгоритмот во патентот ги препознава тунелите користејќи камери и визуелно препознавање, а не GPS, бидејќи мапите покажуваат само патишта, а не тунели. Приближувањето кон тунелот активира известување што нуди два режими на работа додека возите во тунелот.
Во првиот режим Porsche 911 GT3 или сличен модел со 518 коњски сили и 4,0-литарски боксер мотор автоматски би ги спуштил сите прозорци, би го вклучил спортскиот режим, би го отворил активниот издувен систем и би префрлил барем една брзина пониско. Дополнително, издувните капачиња на моторното возило можат да се отворат за да се направи искуството на возење поживо додека се поминува низ тунелот, објаснуваат од Porsche.
Кабриолетите ќе добијат известување за спуштање на покривот, климатизацијата може да ја зголеми температурата за да спречи мраз на отворените прозорци, па дури и електричните автомобили како Taycan би можеле да ги зголемат синтетичките звуци и да го натераат возачот да се чувствува како да вози класичен Porsche.
Вториот режим е прилагоден за потивко искуство при возење низ тунелот. Porsche забележува дека некои возачи сметаат дека бучавата додека возат низ тунелот ги деконцентрира. Во овој режим прозорците остануваат затворени, издувните капаци се затворени, а звучниците можат активно да го поништуваат звукот од моторот на автомобилот.
Останува да се види дали Porsche навистина ќе го направи овој патент реалност во своите автомобили.
(Zimo)
(фото: Wikimedia)



