Албанскиот премиер Еди Рама неодамна објави амбициозен план да ја направи својата земја прва во светот што ќе се откаже од готовината пред крајот на деценијата.
Рама, кој освои четврти мандат на функцијата во мај, вети дека ќе ја внесе земјата во Европската унија до 2030 година. Во јули тој објави уште еден голем план со иста временска рамка.
„Имаме амбиција Албанија да стане безготовинско општество до крајот на оваа деценија, што значи дека сите интеракции и финансиски трансакции треба да бидат целосно дигитални“, рече тој на состанокот со претставници на стартапи и секторот за технологија и иновации наречен „Албанија 2030 – Визија за европска интеграција“.
Тој додаде дека е потребна поголема обука и развој и верува дека ако успеат јасно да дефинираат мапа на патот, оваа цел може да се постигне и ќе ја ослободи земјата, како што рече, од товарот на застарените практики и неефикасностите што го отежнуваат секојдневниот живот.
Сè звучи едноставно – но дали е навистина така? Повеќето луѓе во земјата велат дека преферираат готовина. На земјата пред 35 години ѝ недостасуваше современ банкарски и финансиски систем. Напредокот беше бавен дури и по транзицијата кон демократија. Банкоматите беа воведени дури во 2004 година.
Поранешниот министер за финансии и економија Арбен Маљај верува дека популизмот е главниот двигател на амбицијата на Рама. Тој посочува неколку клучни пречки за постигнување безготовинско општество во следните пет години.
- “Високата стапка на сива економија, особено во земјоделството, кое сочинува голем дел од БДП, е многу повисока отколку во остатокот од регионот. Голем процент од населението живее во рурални средини. Покрај тоа, најголемиот дел од приходите од дијаспората, милијарди евра годишно, доаѓаат надвор од официјалните канали. Главните трговски партнери на Албанија – Турција, Грција и Италија – исто така имаат високи стапки на сива економија“, рече Маљај.
Тој, исто така, потсети дека намалувањето на употребата на готовина ќе бара огромни инвестиции во сајбер безбедноста.
(Kamatica)



