За интересот на домаќинствата за инвестиции во сончева енергија биде што повисок, потребна е иницијатива за промени во Правилникот за обновливи извори на енергија за зголемување на лимитот на вкупната инсталирана моќност на фотоволтаичните системи за домаќинствата и за станбените згради од 6 kW на 9 kW
екоја нова куќа или зграда што ќе се изгради или пак што ќе биде целосно реновирана да мора да има инсталирано фотоволтаичен систем. Ова е еден од предлозите дадени во Анализата на регулативите за обновливи извори на енергија, изработена од Центарот за истражување и информирање за животната средина Еко свест, Македонското здружение на млади правници, Институтот за економски и енергетски политики и истражувања и Македонската платформа против сиромаштија и Солар Македонија.
Транзицијата кон обновливи извори на енергија е најважен чекор во решавањето на глобалното прашање на климатските промени. Употребата на фосилни горива е главен причинител за емисиите на стакленички гасови, кои го поттикнуваат затоплувањето на планетата и доведуваат до низа негативни влијанија, вклучувајќи почести и тешки природни катастрофи, пораст на нивото на морето и губење на биолошката разновидност.
Преку транзицијата кон обновливи извори на енергија, со поттикнување на граѓаните да инвестираат во фотоволтаични системи, може да се постигне намалување на овие емисии и ублажување на најлошите ефекти од климатските промени, активности за кои земјава се има обврзано со повеќе меѓународни документи.
Документот предлага да се започне со јавна дебата за потребата да се направат измени во Законот за градба и да се додаде одредба со која ќе се регулира градењето или реконструкцијата на објекти за индивидуално или за колективно домување со задолжително инсталирање на фотоволтаичен систем со максимална инсталирана моќност од 9 kW, во зависност од големината на кровот.
Истиот предлог се однесува и на сите нови индустриски и јавни објекти, кај кои се предлага задолжително да се инсталира фотоволтаичен систем со минимална инсталирана моќност од 40 kW. Измените се предлага да се надополнат со соодветни програми и можности за помош за сите домаќинства кои ќе немаат доволно средства за поставување на ваков систем.