Иницијативата на Il Foglio, либерален дневен весник, е дел од едномесечниот новинарски експеримент кој има за цел да го демонстрира влијанието на технологијата за вештачка интелигенција врз работата, рече основачот на весникот, Џулијано Ферара.
Ова издание на весникот има четири страници, а од денеска е достапен на киосците и на интернет.
„Тоа ќе биде првиот дневен весник во светот создаден целосно со вештачка интелигенција. Сè, од пишување, до наслови, до цитати, а понекогаш дури и иронија“, рече Ферара. Тој додаде дека улогата на новинарите ќе биде ограничена на „поставување прашања на алатките за вештачка интелигенција и читање на одговорите“.
Експериментот доаѓа во време кога новинските организации ширум светот се борат со тоа како треба да се распореди вештачката интелигенција. Претходно овој месец „The Guardian“ објави дека BBC News ќе користи вештачка интелигенција за да и обезбеди на јавноста поперсонализирана содржина.
Насловната страница на првото издание на Il Foglio AI содржи приказна која се однесува на американскиот претседател Доналд Трамп, опишувајќи го „парадоксот на италијанските Трампјанци“ и како тие се бунтуваат против „културата на откажување“, а сепак или замижуваат или уште полошо, „слават кога нивниот идол во САД се однесува како деспот на банана република“.
На насловната страница има и колумна со наслов „Путин, 10 предавства“, со напис во кој се истакнуваат „20 години неисполнети ветувања, искинати договори и изневерени зборови“ од Владимир Путин, рускиот претседател.
Од другата страна е приказната за тоа како младите Европејци бегаат од стабилни односи.
На последната страница има писма до уредникот од читатели кои биле генерирани од вештачката интелигенција, со едно прашање дали вештачката интелигенција ќе ги направи луѓето „бескорисни“ во иднина.
„Вештачката интелигенција е одлична иновација, но сè уште не знае како да нарача кафе без да го земе погрешно шеќерот“, стои во одговорот генериран од вештачката интелигенција.
Ферара истакна дека Il Foglio AI одразува „вистинско новинарство“ и е производ на „вести, дебата и провокација“. Но, тоа е и полигон за тестирање за тоа како вештачката интелигенција би можела да функционира во пракса, притоа гледајќи какво влијание ќе има врз производството на дневни весници со технологија и прашања не само од новинарска природа.
„Тоа е само уште еден Il Foglio направен со интелигенција, не го нарекувајте вештачки“, вели Ферара.
(Klix.ba)
(фото: Il Foglio)