Како што се приближува летото 2025 година, Европејците се повеќе ги избираат своите идеални дестинации за одмор. Иако традиционалните медитерански земји сè уште се меѓу омилените, се забележуваат интересни трендови во планирањето на патувањата. Подолгиот престој, поголемите буџети и зголеменото внимание на климатските услови ја обликуваат листата со најбарани летни дестинации. Дознајте кои земји го предводат патот и зошто ги освојуваат срцата на европските патници оваа година.
Истражувањето спроведено во март од страна на Европската комисија за патувања (ETC), меѓу 5.874 испитаници од десет европски земји покажува дека 72% од Европејците планираат да патуваат во следните пет месеци, што е за 3% помалку од минатата година.
Интересот за јужноевропските дестинации, вклучувајќи го и Медитеранот, падна за цели 8%. Хрватска е на седмото место на листата со најпосакувани дестинации за летото 2025 година меѓу Европејците. Иако интересот за патување е во благ пад, Хрватска ја задржа високата позиција, оставајќи ги зад себе популарните земји како Португалија, Белгија и Велика Британија, пренесува ТУ.
Сепак, оние што планираат патувања ова лето имаат намера да останат подолго и да трошат повеќе. Дури 40% од патниците планираат одмор во траење од седум до дванаесет ноќевања, што претставува зголемување од 11% во споредба со минатата година. Исто така, секој трет Европеец планира да потроши меѓу 1.500 и 2.500 евра по патување, што е зголемување од 7%.
Од ETC велат дека наодите од истражувањето ја покажуваат отпорноста на туристичката побарувачка во Европа и покрај глобалните предизвици. Иако Јужна Европа сè уште привлекува 41% од европските патници, има мало зголемување на интересот за алтернативни дестинации како Албанија и Босна и Херцеговина. Големите градови и познатите одморалишта остануваат главна опција за повеќе од половина од патниците, додека 35% избираат да истражуваат помалку познати локации. Интересно е тоа што патниците кои се одлучуваат за помалку популарни дестинации планираат подолг престој и имаат буџет од повеќе од 2.500 евра.
Дури 81% од Европејците денес ги земаат предвид климатските промени кога ги планираат своите патувања. Тоа е зголемување од 7% во однос на минатата година. Поради оваа причина, 17% редовно ја следат временската прогноза, 15% избираат дестинации со блага клима, додека 14% целосно избегнуваат локации со потенцијално екстремни температури. Ова е една од клучните причини за помалиот интерес за Медитеранот.
Посебно се истакнува силната желба за патување кај Полјаците (80%) и Британците (79%). Германските туристи, традиционално познати како најголеми патници во светот, овојпат се нешто порезервирани, а само 70% од нив планираат летно патување.
(TU Magazin)
(фото: Flickr)