Компанијата Microsoft го постави својот податочен центар во морето во Шкотска. Целта на Мicrosoft е да провери дали податочниот центар може да заштеди енергија благодарение на ладењето на морето. Податочните центри, инаку, креираат многу топлина, а големите провајдери се обидуваат да ги преместат во земји со ладна клима за да си ги намалат трошоците.
Microsoft веќе пет години експериментира со податочни центри под површината на морето, а претходно еден таков центар беше спуштен во морето во Калифорнија во 2015 година, каде што остана пет месеци. Новиот подводен податочен центар ќе остане под вода пет години, а поседува 864 сервери и 27,6 петабајти меморија, пишува Klix.ba.
Тоа е доволно меморија за складирање на 5 милиони филмови, а податочниот центар е силен како илјада врвни компјутери. Со енергија го напојуваат подводни кабли и обновлива енергија од Оркниските Острови. Истите кабли ги поврзуваат серверите на Интернет. Од Microsoft се надеваат дека истражувачкиот проект наречен Natick ќе покаже дали ова решение може да се применува ширум светот.