Сите компании што инвестирале и што вработиле луѓе во текот на 2017 година, од денеска до крајот на јуни може да аплицираат за поврат на средствата, соопшти денеска вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев
“Она што го зборувавме скоро цела година, од денеска е реалност. Почнува да живее т.н. Поддршка на македонската економија. Инвеститорите ова ќе го препознаат, независно дали се од слободните економски зони, гринфилд или во некои од постојните капацитети, тие ќе можат прохрабро да вложуваат”, истакна вицепремиерот.
Поднесувањето барања од страна на компаниите ќе може да се врши електронски преку пополнување соодветен формулар објавен на неколку интернет страници: на Владата, на Кабинетот на вицепремиерот Анѓушев, Министерството за економија, ТИРЗ, конкурентност.мк.
Aплицирањето е едноставно, неопходно е само компаниите да приложат завршни сметки и извод од Централниот регистар.
– Го заокружуваме процесот што го најавивме уште од формирањето на Владата, на максимален транспарентен начин преку јавни дебати со сите релевантни чинители. Пред една недела ги објавивме правилниците согласно кои компаниите ќе може да аплицираат за поврат на средствата, напомена министерот за економија Крешник Бектеши.
Апликациите на компаниите ќе се евалуираат до 31 јули, а во август и септември ќе се потпишуваат договорите и ќе се реализира исплатата. Компаниите кои инвестираат во 2018, ќе аплицираат продолжено во текот на годината, и за нив нема рокови, а ќе се исплаќаат со буџетот од 2019 година. Програмата ќе трае пет години.