За дел од љубителите на Apple овој ден е како празник во годината – Тим Кук и останатите главни фаци во компанијата денес ќе ги претстават новите модели на iPhone, за кои доста се изначитавме изминатите месеци, новиот модел на паметен часовник, а би било убаво да видиме уште некој производ како iPad Pro или нов модел на преносен компјутер, пренесува Zimo.
Најголем дел од деталите за телефоните веќе се познати – ќе има три модели: еден со ЛЦД екран од 6,1 инчи, кој веројатно ќе биде и најевтин и најпопуларен, наследникот на сегашниот модел X и најголемиот iPhone досега, кој би требало да има ОЛЕД екран од дури 6,5 инчи.
Што се однесува на уредот со ЛЦД екран, за него досега се зборуваше дека ќе биде iPhone 9, но последните гласини велат дека името ќе му биде iPhone XR и продажбата на тој модел ќе почне малку подоцна поради проблеми со склопувањето и со екранот. Ќе биде интересно да се види кој процесор ќе го има. Се очекува само една задна камера, но има опција за отклучување на телефонот со поглед, додека класичното копче Home оди во историјата. Исто така, уште една важна, а за многумина и најбитна работа ќе биде цената на уредот – според гласините, ќе се продава за 699 долари.
За моделите со ОЛЕД екран исто така се познати скоро сите детали. Се знае дека ќе имаат екран од 5,8 односно 6,5 инчи, две задни камери, Face ID, подобар процесор, силна графика и подобри камери. Гласините за цената се различни, но според најоптимистичните информации, наследникот намоделот X (iPhone XS) ќе се продава по цена од 800, a XS Plus 1.000 долари.
Стигнува и нов модел на паметниот часовник – четвртата генерација на Apple Watch ќе се продава во две верзии: со и без поддршка за LTE. Часовникот ќе има поголем екран, напреден процесор и веројатно нови опции за следење на здравјето и фитнес опции.