Иновативното решение на компанијата „Некстсенс ДОО“ е избрано како прворангирано на Јавниот повик за финансирање на проект за изработка на информациски систем за управување во областа на патничкиот и товарниот сообраќа,ј финансирано од Фонд за иновации и технолошки развој во соработка со Министерството за транспорт и врски на Р.М.
Одлуката ја донесе Комисијата за избор составена од Иван Чорбев, претставник од ФИНКИ, Драган Јовев, претставник од Министерството за транспорт и врски, Никола Николов, претставник од Министерството за информатичко општетство и администрација, Александра Чавдаревска, претставник од МАСИТ и Тања Илијевска претставник од Фондот за иновации и технолошки развој.
Проектот „ПристАпп Информациски систем за управување во областа на патничниот и товарниот сообраќај“ ќе овозможи стандардизација и дигитализација на секторите поврзани со превоз на стока и патници. Целта на новото софтверско решение е да обезбеди поефикасен и потранспарентен процес на издавање на различни видови на дозволи и документи за да се зголеми ефикасноста и работата на Министерството за транспорт и врски и да се понудат поквалитетни услуги во секторот транспорт.
Новиот систем ги опфаќа сите фази од постапката од електронското аплицирање во патничкиот линиски превоз, како и транспортот на стока, предвидени со Законот за превоз во патничкиот сообраќај, управување на постапките за одобрување решенија, па се до издавање на лиценците и дозволите.
Истовремено, со ова системско решение трошоците за изработка на новиот софтвер и негово одржување ќе се намалат за 52% во однос на системот кој досега се применува.
Овој систем исто така ќе овозможи интеграција, стандардизација на податоци и процеси и зголемена комуникација меѓу инволвираните страни со цел да се постигне високо ниво на соработка и размена на податоци со останати системи од други институции. Системот ќе биде дел од националната платформа на интероперабилност.
Дополнително, како дел од ова решение ќе се создаде и Централен регистар на транспортери со информации за сите типови на транспортни компании, според нивните податоци и дејноста.
Проектот ќе трае девет месеци, а износот на доделениот грант од страна на ФИТР е 4.522.722,00 денари.
Со цел да се осигура квалитетот на проектот и ефикасна имплементација на издржано техничко решение кое ќе биде во полза на сите корисници на системот, ФИТР, Министерството за транспорт и врски и ФИНКИ ќе спроведуваат надзор на квартално ниво.
Проектот ПристАпп е дел од ицијативата на ФИТР за Примена на иновации во јавниот сектор преку кој треба јавните институции да станат поефикасни, потранспарентни и да понудат поквалитетни услуги за граѓаните.