„Фич“ го подигна кредитниот рејтинг на земјава на ББ+

- Advertisement -

Ова е прво подобрување на кредитниот рејтинг на нашата земја по 13 години

Aгенцијата „Фич” го зголеми кредитниот рејтинг на земјава од ББ на ББ+, со стабилен изглед. Ова е прво подобрување на кредитниот рејтинг на нашата земја по 13 години, истакна министерот за финансии Драган Тевдовски на прес-конференција.

Во извештајот „Фич“ наведува дека подобрените стандарди на владеење ја поддржуваат имплементацијата на реформите и ја зголемуваат довербата дека земјата нема да се врати на политичката парализа меѓу 2014 и 2017.

- Advertisement -

Агенцијата нотира и дека ова влијаело за понатамошен напредок кон членство во НАТО и кон отворање на преговорите за членство со Европската Унија, што пак ја поддржува довербата на инвеститорите и делува како сидро за реформи и макроекономска стабилност. Исто така се коментира и извештајот на Европската комисија со препорака за почнување на преговори како одраз на напредокот на реформите во клучните полиња како владеење на правото, правосудство и јавна администрација.

-Подобрениот кредитен рејтинг позитивно влијае врз одлуките за инвестирање во една земја, што понатаму уште повеќе ќе влијае за повисок економски раст, повисок извоз, повисока вработеност и повисоки плати – со други зборови, подобар животен стандард за граѓаните. Подобрениот кредитен рејтинг исто така ги намалува и трошоците за долгот на државата, со што се постигнуваат заштеди во каматите – рече Тевдовски.

- Advertisement -

 

Фич нотира дека рејтингот ББ+ е поддржан од историјатот на кохерентна макроекономска и финансиска политика, како основа на долготрајниот фиксен девизен курс, како и подобрите индикатори за владеењето и човечкиот развој отколку споредливата група на други слични земји. Понатаму, позитивната бизнис клима според извештајот на Светска банка за Doing Business е значително подобар од споредливата група на други слични земји, и поддржува динамични перформанси кај извозот и солиден прилив на странски директни инвестиции. Во извештајот исто така се коментираат и силниот раст на извозот, растот на платите, стабилните девизни резерви како и банкарскиот сектор, кој е релативно добро капитализиран, ликвиден и профитабилен.

Сподели!
- Advertisement -