Улогата и потребата од бизнис ангели се прашања кои сè повеќе стануваат актуелни во светот на бизнисот. Ова беше главна тема на вчерашната трибина Стани бизнис ангел – поддржете успешна бизнис идеја, којашто се одржа во просториите на Универзитетот на Југоисточна Европа во Скопје.
„Добро подготвената бизнис идеја којашто е спремна за инвестиција е клучниот мотив за бизнис ангелите да инвестираат“, потенцираше Сибил Зутер, амбасадорката на Швајцарија, за време на настанот.
На трибината, чијашто цел беше да се запознаат присутните што значи да се биде бизнис ангел, покрај амбасадорката се обратија и Јован Маџовски од CEED Global, кој го отвори настанот, Арон Браун, бизнис ангел од Швајцарскиот клуб на бизнис ангели, Академик Абдулменаф Беџети, ректор на Универзитетот на Југоисточна Европа, Вељанд Рамадани, професор на Универзитетот на Југоисточна Европа, министерот без ресор, Зоран Шапуриќ и Блерим Златку, државен советник за индустриска, политика конкурентност и општествена одговорност.
За време на трибината, присутните имаа можност да се запознаат со придобивките на бизнис ангелите, најчестите мотиви за инвестиција во стартапите, да дознаат повеќе за светскиот тренд на овие инвестиции.
Практиката досега вели дека малите пазари како што е и Македонија, не се во потесниот избор за инвестирање од страна на бизнис ангелите, но со заложбите како трибината и едуцирањето за овој тип на инвестиции, тоа може да се смени.
Со самата инвестиција доаѓа и ризикот што треба да се прифати, но тука е и шансата за мотивација, поддршка, учење, профит и останатите придобивки што произлегуваат од соработката помеѓу стартапот и бизнис ангелот.
Иновациите го движат светот напред и токму младите бизниси со добри идеи се тие на коишто најмногу им е потребна помош. Бизнис ангелите можат да одиграат клучна улога во просецот и оттука произлегува и потребата за зголемување на ваквиот тип на инвестиции.
Вчерашната трибина беше само еден мал дел од заложбата да се создаде поголемо портфолио на бизнис ангели во Македонија, каде досега свој значителен придонес има CEED Business Angels Club (CEED BA Club).
Настанот беше организиран од страна на CEED Macedonia Business Angels Club, со поддршка од Министерство за економија и Швајцарската програма за претприемништво (#SwissEP).
CEED Business Angels Club е формиран, во ноември 2013 година и е меѓу првите од ваков вид во Македонија. Од Јануари 2016 година, клубот е официјално членка на Еврoпската мрежа на бизнис ангели – EBAN (European Business Angel Network). Со негова помош досега се претставени 135 бизнис идеи, а остварени се инвестции во висина од 250.000 евра.