100 учесници од 28 земји и 3 континенти (доминантно од Швајцарија и Република Северна Македонија) ги унапредуваа бизнис моделите на 13 македонски стартапи. Иновативност во следниот период ќе ги претстави иновативните проекти кои се „крчкаат“ во Акцелераторот УКИМ.Започнуваме со АРАИГ Глобал, македонски стартап кој отвора нова страница во гејминг индустријата! За работата на АРАИГ Глобал разговаравме со главниот извршен директор Кирил Ѓуровски
Разговараше – Верица Јорданова
Акцелераторот УКИМ во соработка со Цеед Хаб Скопје, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј во Скопје“ и Универзитетот за применети науки и уметности од Луцерн, Швајцарија спроведоа интензивна еднонеделна Програмата за стекнување нови знаења преку размена на искуства „Booster week – Developing Entrepreneurship Together“. Програмата беше наменета за учесници на предакцелераторската и акцелераторската програма на Акцелераторот УКИМ.
Во оваа Програма се вклучија интер-дисциплинарните студентски тимови од различни факултети на УКИМ, како и стартапите вклучени во Акцелераторската програма, која што е во тек. Во оваа програма се вклучени 13 стартапи кои нудат различни дигитални решенија. Заедно со менторите и студентите од Луцерн тие го разработуваа бизнис моделот за своите иновации и утврдуваа дали тој бизнис модел или тоа технолошко решение одговара за различните пазарни потреби и соодветно го модифицираа и унапредуваа.
„Ова ги отвора можностите за влез на швајцарскиот и на европскиот пазар, а крајната цел е да се забрза растот на иновативните стартап компании“, вели професор Рене Цајер, еден од менторите во програмата.
Иновативност во следниот период ќе ги претстави иновативните проекти кои се „крчкаат“ во Акцелераторот УКИМ.
Започнуваме со АРАИГ Глобал, македонски стартап кој отвора нова страница во гејминг индустријата. Овој стартап е еден од 13-те кои беа дел од минатоденелната booth week, кој се одржа во УКИМ акцелераторот во соработка со Универзитетот Луцерн од Швајцарија.
За работата на АРАИГ Глобал разговаравме со главниот извршен директор Кирил Грујовски.
Кажете ни која е АРАИГ Глобал компанијата и што работи?
Приказната во Македонија ја донесе мојот бизнис партнер од Шведска, Стефан Кланг, со кого во 2018 година ја основавме компанијата. Наш иницијален стратешки партнер е канадската компанија IF-Tech, која разви нова технологија, глобален патент кој може да се примени во повеќе индустрии, како што се воената и воздухопловната индустрија, медицината, но нас најмногу не привлече да влеземе во оваа авантура фактот дека може да се примени во гејминг индустријата.
Денес АРАИГ Глобал поседува ексклузивна лиценцата за производство, маркетинг и продажба на новиот продукт во гејминг индустријата, на глобално ниво. Се работи за мулти-сензорски елек, кој го развиваме заедно со канадската компанија IF-Tech.
Технологија е развиена со цел да ја зголеми свесноста кај гејмерите. Видео игрите се дводимензионален продукт кои единствено преку звукот и видеото нудат одредено искуство. Преку овој мулти-сензорски елек, гејмерите и останатите корисници ќе имаат можност да доживеат комплетно ново искуство низ видео игрите. Со овој елек гејмерите ќе можат да го почувствуваат на своето тело она што се случува во самата игра. Мулти-сензорската технологија, вградениот сараунд систем и комплетното wi-fi решение на елекот, овозможуваат повеќе нивоа на различни динамични искуства. Она што претходно можевме само да го гледаме во видео игрите и виртуелниот свет, сега имаме можност буквално да го почувствуваме на себе.
Елекот е составен од неколку основни компоненти: Decoder, Exoskeleton и Stim Shirt (сензорска стимулатива кошула). Егзоскелетот е основна компонента на АРАИГ Технологијата, кој ги активира разните сензорни стимулации (познати како Нервниот систем), функционалност базирана на 34 сензори, еднакво распределени на предниот и задниот дел од торзото. Внатрешната компонента на АРАИГ елекот, е StimShirt (стимулативната кошула), која дополнително сензорски ги стимулира мускулите на торзото и рамената.
Елекот е лесно адаптибилен на игрите за пресоналните компјутери, конзолите, како и на уредите за игрите со виртуелната реалност.
Во која фаза од развој е овој иновативен продукт?
Во минатиот период работевме на неколку промени и подобрување на постоечките прототипови. Во моментов сме во фаза на изградбата на финалниот продукт со кој ќе излеземе на светскиот пазар. Се работи континуирано на софтверската адаптација за одреден број познати видео игри, чии фановни со нетрпение го очекуваат својот нов геџет.
Официјално продажбата ќе ја започнеме преку Кикстартер кампања на почетокот на 2020 година. Во првата година од продажбата насоката е во правец на B2C, што значи директна продажба до краен корисник. Нашата присутност и изложеноста на продуктот , односно “Showcase room with demo booth” е примарна, бидејќи ваквите ивенти и хабови се посетени од огромен број на илјадници фанови, пред се страсни уживатели, кои ќе можат да го почувствуваат новото искуство, преку нашиот продукт.
Што се однесува до соработката со други компании од гејминг индустријата, би напоменал дека нашиот продукт, односно АРАИГ технологијата наиде на посебен интерес кај девелоперите кои сега имаат нов предизвик, ново пространство за развој на нови решенија кај видео игрите. Интересот е одличен кај сите со кои стапивме во контакт, заради уникатноста на самиот продукт, но сеуште е рано да зборуваме за детали и конкретна соработка.
Во моментов земаме активно учество во Акцелаторската програма на УКИМ, каде имаме одлична можност, пред се за квалитетна едукација, како и директна размена на искуства и совети од одлични реномирани експерти во повеќе области, кои се од витално значење за развој на стартап компаниите. Предавањата, советите и менторството се драгоцени, особено во текот на изминатава седмица, во која многу интензивно работевме со група од шестмина професори и студенти од мастер програмата за бизнис и администрација од Универзитетот за применети науки и уметности од Луцерн во Швајцарија. Сигурен сум дека стекнатото искуство во програмата ќе ја одигра својата улога во скора иднина.
Како се одвива равојот на овој иновативен продукт и кои се предизвиците со кои се соочувате?
Никој не рече дека ќе биде лесно. Страста не водеше и сеуште не води. Нашата задача беше цврсто да се постават вредностите во тимот, кој ќе ја движи и развива компанијата во вистинскиот правец. Тимот, на некој начин и денес самиот органски се развива и расте. Во него дејствуваат и гравитираат експерти со стекнато интернационално искуство. Наши стратешки партнери се неколку домашни компании, како во производство на хардвер, софтверските решенија, маркетингот, гејмингот и социјалните медиуми. Би почнал со Бојан Ников и Никола Тодоровски одговорни за производството на хардвер. Тие се движечката сила на Joopone, успешна компанија за развој, производство и продажба на медицински помагала и опрема, кои повеќе од 10 години се присутни на светскиот пазар. Тука е Боро Јакимовски, продекан за наука и соработка на ФИНКИ, кој преку Интелигента, компанијата со која раководи е одговорен за софтерските решенија и развој. Следи Јовица Пановски, човекот кој стои зад Vertigo Watchmove, компанија која дејствува во филмската и видео индустрија на пазарот во Соединетите Држави. Тие се задолжени за видеото за Кикстартер кампањата. Ќе го истакнам Александар Иванов, нашиот прв инвеститор, кој повеќе од 30 години успешно плива во претприемачките води, а кој внесе сосема нова динамика во тимот, и конкретно е одговорен за развојот на бизнис стратегијата. Нормално тука сме јас и Стефан Кланг, а нашата улога е да продолжиме со она што до сега го создадовме. Како што реков тимот органски расте, а во последниов период се приклучија и неколку ментори и консултанти, особено во делот на брендирање и социјалните медиуми. Јадрото е цврсто, тоа е примарната цел, а резултатот допрва следи.
Кои се следните планови?
Е-спортот е нашата следна дестинација. Нашиот следен предизвик е адаптибилноста за стриминг, со други зборови, можноста низ директниот пренос на големите Е-спорт турнири, гледачите преку нашиот продукт да го почувствуваат на себе искуствотото низ кое минуваат нивните омилени играчи и тимови, за кои тие навиваат.
По гејмингот следи филмската индустрија, бидејќи преку елекот гледачите во кино салите ќе можат да ги чувствуваат на себе возбудливите моменти и директно да се идентификуваат со некој од хероите во самиот филм. Но за тоа во текот на наредната година. Денес фокусот го ставаме на гејмингот, како најбрзо растечка индустрија на глобално ниво.
Спремни сме за игра…