Интервју со македонски научник во Оксфорд чиј што шеф е главниот научник на АстраЗенека

- Advertisement -

Растечкиот број на мутации на коронавирусот и процесот на вакцинација е повод за разговор со молекуларниот биолог Ненад Сврзикапа, магистрант на Харвард, а докторски студент на отсекот за педијатрија на Оксфорд, чиј шеф е Ендрју Полард, главниот научник на АстраЗенека. Интервјуто го правеше Ана Арсеновска Зафирова за Дојче Веле на македонски јазик.

ДВ: Како молекуларен биолог, како го следите процесот на справување со оваа Ковид-епидемија и процесот на вакцинација којшто се случува глобално? Што се спречува со вакцинирањето?

Во циркулација има различни бројки на ефикасност, ефективност, но да не ги буниме граѓаните. Она што се спречува со вакцината е хоспитализација и тешка клиничка слика на Ковид-болеста. Вакцината ги спречува девет од десет случаи на пренос, она што го знаеме од статистиката во Израел, и не само тоа – во над 95 % од случаите спречува хоспитализација. Значи вакцината е многу ефективна и тоа е единствено решение да излеземе од кризата.

- Advertisement -

Вакцините на АстраЗенека и Фајзер се нови, и граѓаните на нив гледаат со огромна недоверба, иако постојат обемни истражувања на кои Вашите колеги имаат работено.

Астразенека и Фајзер имаат различни технологии, но ни едната, ниту другата не се нови. Аденовирусите се откриени во 1950-те. Веќе 60 години знаеме како функционираат аденовируси, користени се во секакви истражувања. Вакцината на АстраЗенека, Спутник, Џонсон и Џонсон. РНК-вакцините се истражуваат повеќе од 10 години, а се базираат на наука од повеќе од 30 години. Значи овие технологии не се нови технологии, а вакцините за Ковид се нови затоа што тука имаме ситуација во која треба да реагираме брзо за да спречиме смрт од Ковид. Вакцините за Ковид се нови, но технологиите не се нови. Тие се докажани. И како што гледаме од повеќе од 60 милиони луѓе вакцинирани до денес, не само што се ефективни, туку се и безбедни.

- Advertisement -

Но, масовна е и недовербата кон вакцините. Дали граѓаните треба да го чувствуваат тој страв кон вакцините?

Граѓаните не треба да чувствуваат страв, но тука треба да се обрне внимание на одговорноста на научниците и властите, кои треба транспарентно да ги комуницираат резултатите од овие испитувања до граѓаните. Ние треба тука да направиме еден мост на комуникација, каде што ќе треба на еден многу поедноставен начин да објасниме една покомплексна материја која е објавена и е на дофат на сите на интернет. Мислам дека треба да се потрудиме малку повеќе да ја добиеме довербата кај овие луѓе кои моментално имаат предрасуди кои не се засновани на статистика и на наука.

- Advertisement -

Во моментов Вие живеете во Кембриџ, во студентски центар, таму е масовно и вакцинирањето, но и останатите мерки на претпазливост се спроведуваат. Каква е сликата кај вас во моментов?

Мерките во Кембриџ, Масачусетс, се почитуваат многу добро. Ќе ви кажам дека почитувањето на мерките носи многу добри резултати. Специфично во Кембриџ, инфективноста или стапката на позитивни тестови е 0,53%, значи помалку од 1% позитивни тестови. Ние во Македонија во еден момент имавме околу 40%  позитивност. На Харвард универзитетот степенот на позитивни тестови е 0,09%, значи помалку од 0,1%. Граѓаните едноставно треба да сфатат дека поради тоа што во моментов немаме вакцини, единствено решение е да ги почитуваме мерките, а почитување на мерките го намалува вирусот.

Колкав број наши граѓани треба да бидат вакцинирани, за да се постигне колективен имунитет којшто сите го посакуваме?

Уште не знаеме кој е тој број, меѓутоа знаеме дека Израел е вакциниран над 50% и уште не е стекнат имунитет на стадо. По сите проценки, тоа е помеѓу 65% и 90% од целото население и тоа треба да се сфати сериозно ако се земе предвид дека кај нас 1/3 од населението е под 19 години и во моментов не може да се вакцинира поради тоа што нема уште испитувања за деца. Накусо, можам да кажам дека сите треба да се вакцинираме, сите возрасни. Меѓутоа, поради тоа што ќе имаме одреден број возрасни кои нема да сакаат да се вакцинираат, мислам дека во следниве две години ќе треба да вакцинираме и деца. Во моментов има неколку испитувања од Модерна и Фајзер кои се започнати за деца помеѓу 12 и 19 години.

Што велат Вашите колеги кога станува збор за сите оние кои имаат прележано Ковид­. Дали тие треба да бидат вакцинирани?

Да, апсолутно. Значи здравствените институции како CDC и NHS во САД и Велика Британија кажуваат дека треба да се вакцинира секој, без разлика дали имате прележано или не, и ова е многу важно за оние лекари и медицински персонал којшто се занимава со лечење на Ковид-пациенти, бидејќи голем број од нив имаат прележано Ковид во моментов. Тој имунитет не трае многу долго и мислам дека оние кои се во прва линија треба да се приоритет, без разлика дали добиле Ковид или не. Има некои студии кои се’ уште не се објавени, кои кажуваат дека можеби е доволно една вакцина да се даде како бустер на оние кои имаат прележано, ама има и друга која вели дека треба две да се даваат. Така што, тие медицински лица треба да се вакцинираат како и секој граѓанин кој добил Ковид.

А кога станува збор за пристапот во лекување на Ковид пациенти, во Македонија циркулираше ивермектин, којшто е опција во процесот на справување со оваа болест.

Во текот на овие неколку месеци, проциркулираа неколку такви лекови, како ивермектин или хидроксиклорокин. Тоа доаѓа од фактот дека во нашите аптеки има многу лекови кои знаеме дека се одобрени за некои други болести и дека се безбедни во одредени дози. Лекарите може да препишат што сакаат, тие можат да пробаат некој лек кој бил наменет за нешто друго за да видиме дали функционира против Ковид. 

Јас немам доверба во статистиката за ивермектинот, затоа што во сите испитувања каде што е даван ивермектинот, давани се и други лекови кои се стандардна доза за Ковид, така што не знаеш дали урбазон или антибиотик помогнал, или помогнал ивермектинот. Тука е многу тешко да се одлучи дали ивермектинот има некое позитивно дејство.

Кога станува збор за мутациите кои постојат на Ковид 19, во Макеоднија веќе наголемо функционира британскиот сој. Затворена е Кардиохирургија во Охрид. Каков е Вашиот коментар за следниот предизвик на оваа Ковид-пандемија со која се соочуваме?

За жал, јас сум песимист, затоа што знаеме дека овој вирус многу брзо се шири и знаеме исто дека има поголема смртност и единствен излез од оваа ситуација, знаејќи дека немаме доволно вакцини, е да бидеме малку постриктни во мерките и да ги почитуваме мерките доследно поради тоа што овие варијанти точно знаеме што направија во Велика Британија и знаеме дека е проблематично медицинскиот систем да се справи со овие варијанти. Од друга страна, позитивна вест е тоа што вакцините функционираат многу добро против британскиот сој на вирусот и против сите. Јас веќе неколку месеци ги поддржувам научниците во Македонија кои секвенционираат. Треба да имаме увид какви соеви се шират и кој е тој број. Знам дека денеска и МАНУ почна да се занимава со ова и битно е да знаеме какви соеви се шират. А немам никакви други препораки освен Владата да набави што повеќе вакцини.

Информациите кои ги имаме во моментов кажуваат дека сите вакцини имаат ефикасност за предоминантните соеви, како што се британскиот и јужноафриканскиот вирус. Меѓутоа, доколку се случи некоја мутација, каде ефикасноста на вакцината драстично ќе опадне, таа мутација е една буква во РНК на вирусот, така може да замислиме. На ист таков начин кога се прави РНК за вакцината ќе може да се промени и да биде адаптирана исто како за вирусот. Многу брзо, кога знаеме дека овие вакцини се доста ефикасни, може да ја направиме таа промена и продукција на нова вакцина. Меѓутоа, исто треба да се напомене дека се започнати нови испитувања кај луѓето кои примиле една или две дози – ќе им биде понудена да примат уште една доза, како трета доза бустер, која ќе биде специфична за овие, новиве соеви. Иако вирусот не е избеган од вакцината, веќе се тестира можност да се прими бустер специфичен за некој нов сој, доколку таков сој произлезе во следните неколку месеци.

А имунитетот и создавањето на антитела? Сега сите веќе разговараме за антитела.

Пред некое време имаше една многу интересна студија во Nature communication, мислам дека се вика „Еволуција на имунитетот кон Сарс Ков“, знаеме дека за да имаме имунитет кој е продолжен, би требало да имаме серум антитела, специфичен антиген Б-клетки и Т-лимфоцити и тоа треба да биде одржано на некое ниво кое ќе спречи понатамошна реинфекција од Ковид. Знаеме дека овие параметри паѓаат со тек на време, мислам дека во овој момент зависно од која вакцина, или дали си природно инфициран од Ковид, може да траат некаде од шест месеци до една година. Мислам дека е предвидено за РНК-вакцините тој имунитет да трае помеѓу една и две години и тоа значи дека секоја година веројатно ќе треба да примиме бустер, уште една доза на вакцината за да трае тој имунитет перманентно. И мислам дека затоа се тестираат овие специфични бустери, затоа што доколку вирусот побегне и се случи некој нов сој, тој бустер ќе биде специфичен. На некој начин може да го замислите ова како вакцините кои ги примаме за грип кои се менуваат сезонски.

Дали можете да направите проекција кога светот ќе може соодветно да се носи со ова? Кога светската наука ќе може да се носи со Ковид-19 како таков предизвик?

Пред шест, седум дена излезе интересна информација, која беше предвремено излезена од Израел, каде се предвидува за месец и пол, два да почнат да се олабавуваат мерките, поради тоа што имаат масовна вакцинација. Во САД се предвидува тоа да биде крај на 2021 година, а се смета дека тој имунитет ќе се стекне на крај на ова лето, значи агресивно се вакцинира. И мислам дека кога САД и Европа и поголемите земји се вакцинираат, мислам дека ќе има доста вакцини за сите. Мислам дека во останатиот дел на светот гледаме крај на 2022, можеби 2023 година.

Ненад, како живеете сега во моментов на Кембриџ? Колку Вашиот начин на живот е сменет од пандемијата? До што се придржувате? Дали сте вакциниран?

Се’ уште не сум вакциниран, нашата возрасна група доаѓа на ред во април за вакцинирање. Јас со мојата сопруга година дена се немаме видено со ниедни наши пријатели и роднини во живо, меѓутоа имаме одговорност кон децата кои се во градинка заедно со мојот син и нивните фамилии и нивните учителки и учители таму, да ги заштитиме едноставно и се придржуваме до мерките колку можеме. Не е идеален животот ни тука, што се однесува до коронавирусот, не одиме по кафулиња, по ресторани, но се надеваме дека со таква одговорност и такво однесување ќе можеме што побрзо да се вратиме во нормала. Ние веруваме во тоа, и со вакцините ќе се вратиме во нормала.

Интервјуто е објавено на dw.com

Сподели!
- Advertisement -